1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Плацовите изместени, трошоците ненадоместени

Катерина Блажевска16 април 2014

Како во времето кога немало авионски снимки, точно се знаеле граници на имотите, а денес и покрај софистицирана технологија, се е изместено, се жалат граѓани заради несовпаѓање на нивните имоти со катастарскиот план.

https://p.dw.com/p/1BjJ4
Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Дали граѓаните ги знаат точните димензии на парцелите во нивна приватна сопственост? Дали некогаш ги споредиле урбанистичките и катастарските планови на нивниот имот? Ако не го направиле тоа - може да бидат непријатно изненадени. Постои можност димензиите на нивните урбанистички парцела да не се поклопуваат со димензиите на катастарските парцели. Со ваков проблем се соочија многу граѓани во земјава при обидот да легализираат имот на земјиште во нива сопственост.

„Изгледа дека цела Македонија е изместена со последниот катастарски премер на земјиштето направен со авионско мерење. Во нашава населба сите плацови се поместени и сите навлегуваат во соседниот. Во Катастарот велат дека не е нивна грешка. Може да не е нивна, ако се работи за инцидентен случај. Но, ако се работи за голем број, тогаш мора да се посветат на проблемот и да си ја поправат грешката. Кој ќе ни ги надомести сите овие тршоци на кои сме сега изложени за да ги усогласиме плановите“, прашува жител на Матка.

Премер и приговор

Како настанала грешката? Од Агенцијата за катастар на недвижности не го лоцираат изворот на проблемот, туку хронолошки ја објаснуваат постапката на систематско запишување на недвижностите, кое почнале да го спроведуваат од 1988 година и го завршиле целосно во декември 2012 година.

„Во 1986 година, со донесување на Новиот Закон за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите, започна нов геодетски премер на парцелите при што беа добиени податоци и за катноста на изградените објекти. Премерот беше направен заради усогласување на фактичката состојба на парцелите и објектите на теренот, по што следеше постапка на запишување на правата на недвижностите, со директно вклучување на сопствениците на парцелите/објектите во постапката. Секој сопственик на парцела, беше должен најнапред со помош на стручни лица од катастарот да ја обележи својата парцела, потоа беше извршено аеро-фотограметриско снимање, стручни лица од катастарот на лице место вршеа идентификација на секоја парцела поодделно, а потоа секој сопственик на парцела беше повикуван лично да дојде во катастарот и да ја докаже сопственоста со соддветна документација. Во таа постапка можниот сопственик, имаше право да вложи приговор на геодетските податоци претходно прибрани со новиот премер“ објаснуваат од Агенцијата.

Geodäsie Symbolbild
Геодетите велат дека проблемот може да лежи во авионското снимањеФотографија: Fotolia/Gordon Bussiek

Но, граѓаните кои денес се соочуваат со вакви проблеми, велат дека ја поминале таа процедура и дека тогаш не биле утврдени никакви изместувања.

„Претходно, ништо не беше спорно, а денес во мојата парцела има поместување. За четири метри сум влезен со соседната парцела, а пак другиот сосед во мојот имот навлегол со шест метри. Кога геодетот го мереше земјиштето се покажа дека мојата површина не е изменета. Таа изнесува 1.000 метри квадратни, колку што сум имал, а не 1.004. Ова значи дека мојот плац е изместен при авионското снимање. Сега треба да легализирам дивоградба, а никако да ги средам податоците за земјиштето. Добив совет границите на парцелата со соседите да ги регулираме кај нотар“, вели Х.Џ (71) жител на општина Сарај.

Неговиот сожител кој го има истиот проблем, се жали дека сега и кај нотар не може да го среди проблемот, бидејќи неговиот сосед со семејството живее во странство. „Пет години не се дојдени. Ако не дојдат и годинава, мене ќе ми истече рокот за легализација. А грешката не е ни кај мене, ни кај него. И мојата и неговата квадратура е иста. Изгледа дека групно се изместени плацовите“, вели А.С (68).

Слична е состојбата во многу населби во скопско. Таков проблем имаат жители на општините Сарај, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Чашка, Демир Хисар, Охрид...

Не е масовна појава?!

Геодети кои вршат премер, тврдат дека вакви проблеми може да се појават доколку има грешки во авионското снимање на парцелите, ако се погрешно поставени котите или ако граѓаните од неинформираност истите ги отстраниле или поместиле. Тие премер на парцелата прават само по барање на нејзиниот сопственик, со што трошоците паѓаат на негов товар.

Baufirma Adora Engineering
Фотографија: Adora Engineering

„Иако на прв поглед се работи за мал проблем, проблемот воопшто не е наивен. Многу често при премер утврдуваме дека една парцела со неколку метри навлегува во друга. А, ако урбанистичката и катастарската парцела не ако се усогласени, тогаш сопствениците не ќе можат да добијат никаков документ, ни за реконструкција, ни за адаптација, надградба или доградба или легализација на објектот изграден таму“, велат геодети. Според нив, ако појавата е помасовна, тогаш најверојатно има грешки во авионското снимање. Но не веруваат дека тоа ќе биде признаено, бидејќи ќе предизвика многу трошоци за државата, па се остава граѓаните сами да го направат усогласувањето со катастарскиот план.

Од Агенцијата за катастар на недвижности велат дека воопшто не се работи за масовна појава. „Дивите градби во најголем број случаи се наоѓаат во приградските населби на поголемите градови. Истите се изградени на национализирано градежно земјиште во сопственост на државата, кое спротивно на законските прописи во тоа време со меѓусебни договори е пренесено од корисниците на истото, на лицата кои понатаму изградиле објект. Со оглед дека продажбата била незаконска понатаму и сите други постапки како што се физичката делба на парцелата, обележувањето градбата, градбата и премерот на градбата, се правени без користење на официјални податоци и услуги од катастарот. Како резултат на ваквата состојба има случаи, но не и масовна појава каде што корисничкото право на земјиштето се уште се води на лицето кое им ја продало парцелата, изградени се објекти кои зафаќаат и делови од други катастарски парцели или пак договорно соседите се договориле поради приликите на теренот да ја променат граничната линија без притоа да склучат договор, платат данок и пријават во катастарот“, објаснуваат од Агенцијата.

Секако дека има такви случаи како што посочува Агенцијата, но граѓаните кои денес се жалат, не граделе на државно земјиште, туку на сопствено и тврдат дека не ја менувале границата заради приликите на теренот.

„Никогаш немаше да дознаам дека ми е изместена парцелата, ако не требаше да легализирам објект од 30 метри кватратни. Кај соседот сум навлезен дури седум метри. Тоа беше повод и тој да ги провери границите на својата парцела. Се изненади кога му рекоа дека и тој е навлезен со пет метри во соседната парцела. Кога и третиот сосед повика геодет, се констатираше дека и тој навлегол во соседниот имот. Сфативме дека ова има домино ефект - сите се изместени. Овие парцели се наши, сме ги купиле пред педесетина години. Точно се омеѓени, имаме одлични односи со соседите, никогаш не сме имале имотно-правни спорови, а сега сите сме заглавени во докажување на границите на имотите и дополнителни трошоци. Во Катастарот ни рекоа дека сами треба да ја исправаме грешката“, се жалат жители на скопско Сопиште. Жители на скопско Драчево, пак, обвинуваат дека поради грешките што се направени со премерот на земјиштето голем дел од имотите станале државна сопственост. Бараат катастарот да го реши проблемот без да ги изложува граѓаните на дополнителни трошоци.

Bildergalerie Brückenbauer Kristian Cierpka
Фотографија: Kristian Cierpka

„Едни парцели се зголемени, други се намалени, трети станале државни. Сега треба да правиме елаборат за парцелите. Никој не не прашува дали имаме пари за тоа, а грешката не е наша“, велат тие.

Успешна институција

Заклучно со 2012 година се воспостави катастар на недвижности на 100 отсто од територијата на Република Македонија, а во Агенцијата се запишаа 4 милиони и 200 илјади парцели. Само околу 10 отсто од градежното земјиште во Македонија се уште е со незапишани права на сопственост. Заради резултатите кои беа постигнати во оваа сфера, во март 2010 година, проектот Катастар на недвижности и регистрација, имплементиран од Агенцијата, беше еден од 12-те наградени проекти за 2010 година од Светска банка, во конкуренција од 282 проекта. Во февруари годинава, Агенцијата го пушти во употреба новиот ГИС портал, кој овозможува лесен преглед на сите информации со кои располага катастарот. Во него на едно место се споени сите геопросторни информации од дигиталните катастарски планови, авионски снимки и топографски карти, кои се бесплатно достапни на институциите и граѓаните. Внесени се четири милиони парцели, еден и пол милион имотни листови и над 800.000 објекти, а во приказ се и локациите кои се во тек на градба за определен објект. Но, и покрај ваквата транспарентност и систематизираност на податоците, грешките не се исклучени. Петмина државни службеници во Агенцијата пред два месеца добија отказ поради нивната грешка во случајот „плац за хотел кај Народна банка“. Беше утврдено дека направиле пропуст при третманот на парцелата, што беше причина за поништување на нејзината продажба. Тие навеле дека парцелата е целосно во државна сопственост, а всушност, делови од неа биле во приватна сопственост.

Граѓаните кои денес се жалат на изместени парцели не ги оспоруваат реформите на Катастарот, но бараат одговор: Како е настаната грешката? Како во времето кога немало авионски снимки, точно се знаеле граници на имотите, а денес и покрај сета таа високо софистицирана технологија, се е изместено?