1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патот до Втората Светска Војна

Сара Јудит Хофман/ Симе Недевски1 септември 2014

На 1. септември 1939. германската војска ја нападна Полска, очигледно без никакви најави. Но, тоа не требало никого да изненади. Хитлер веќе од доаѓањето на власт во 1933. година се подготвувал за тој потег и за војна.

https://p.dw.com/p/1D4fy
Фотографија: AP

Оваа војната не дојде изненадувачки. Хитлер не ги криеше своите агресивни експанзионистички планови, иако од време на време, како што велеше самиот, „свирел пацифистичка плоча“, смета Клаус Хесе. Тој е научен соработник во Центарот за документација „Топографија на теророт“ во Берлин и за него е јасно: „Хитлер од преземањето на власта во 1933. се’ подготвувал за војна. Од тој момент се’ било во служба на ревизија на мировниот поредок каков што е договорен во Версај, се’ служело за враќање на хегемонијата во Европа преку една Голема Германија, се’ било потчинето на создавањето на голем европски економски простор кој би и’ овозможил на Германија да започне голема војна во Европа која би можела и подолго да потрае.“

Војна против „внатрешните непријатели“

Со мировниот договор во Версај од 1919. година е утврдено дека Германскиот Рајх и нејзините сојузници се единствените одговорни за избувнувањето на Првата Светска Војна. Со тоа Германија била и осудена на предавање делови од својата територија, на разоружување и плаќање отштета на победничките сили. Според хитлеровите сфаќања, тоа било понижување кое треба да се поправи. Одлично му послужила и т.н. легенда за „нож во мраз“ според која за воениот пораз на Германија единствено е виновно предавството на социјалдемократите и на Евреите. Така и патот до наредната војна Хитлер го започнал со војна против „внатрешните непријатели“.

Deutschland Geschichte Bildergalerie Juden in Berlin SA Hetze 1938
Бојкотот на еверејските продавници започна уште во 1933. година а со погромите во ноември 1938. година бруталноста на нацистите стана очигледнаФотографија: picture-alliance/dpa

Само неколку дена по превземањето на власта Хитлер на 1. април 1933. го организирал првиот бојкот на продавниците во сопственост на Евреите во целата земја. Потоа следел „Законот за обновување на државните служби“ со кој всушност се исклучуваат Евреите од сите државни институции. Од самиот почеток всушност станувало збор за собирање пари со кои би се водела идна војна. Веќе и пред нацистичката влада со закон да го регулирала сеопфатниот грабеж на еврејската сопственост, еврејските претприемачи биле изложени на притисок така што, и ако сакале да ја напуштат земјата, тогаш нацистите од тоа морале да имаат парична полза. Иселениците морале на државата да и предадат 25 проценти од сопственоста на кој плаќале данок така што само во првите 2 години Хитлер од тоа би можел да собере 153 милиони рајхсмарки, тогашни марки. И ако се испраќале девизи во странство, требало да се плаќа данок на државната банка. Стапката на овој данок на девизи кои сакале да се изнесат од земјата постојано растела и на крајот во 1939. сопствениците можеле да задржат 4 проценти, а државата земала 96 проценти.

Олимпијада во 1936. и одложување на војната

Голем број Германци всушност сѐ до 1936. во Хитлер гледале спасител. На многумина од нив диктатурата им донела и подобар живот во економски смисол. Невработеноста се намалила, се зголемила потрошувачката на домаќинства. „Хитлер бил голем популист и му било јасно дека освен топови, мора на населението да му понуди и путер“, смета Клаус Хесе. Но вистинска цел секако биле топовите.

Додека целиот свет во Берлин ги славел Олимписките игри, Хитлер ги завршувал своите воени планови. За 4 години германската војска мора да биде подготвена за војна на исток. Хитлер во тајните „Забелешки за четиригодишниот план“ определил дека Германија мора да биде независна од светскиот пазар во колку што е можно повеќе области за да можат сите ресурси да се насочат за вооружување. Набрзо потоа половина од сите државни приходи оделе за оружје.

Olympia 1936 Berlin Owens Long
Олимписките игри во 1936. година во дел придонесле и за одложување на војнатаФотографија: AP

Истата година германската војска ја освоила демилитизираната област Рајнланд. Оваа област всушност била одземна од Германија како гаранција дека ќе плаќа воена оштета, така што оваа акција на Хитлер била јасно кршење на мировниот договор во Версај. Во ноември 1937. година Хитлер им го открил својот таен план на најважните претставници на војската: на Германија и’ е потребен поголем животен простор „за одржување на бројот на население и негово размножување“.

Септември 1938. - Војната не е спречена, туку одложена

Во 1938. година Хитлер ја „анектира“ својата родна Австрија и набрзо потоа веќе и’ се заканувал на Чехословачка поради тамошнато малцинство на судетски Германци кое наводно било дискриминирано. Британските и француските политичари се плашеле од нова војна и се обиделе со политичка концесија да спречат нов вооружен конфликт. Се надевале дека, ако на Хитлер му го дадат она што тој го смета за свое национално право, тогаш ќе има мир.

Така со Минхенскиот договор Германија ја добила Судетската област во Чехословачка со мнозинско германско население и уште и денес многу историчари мислат дека тоа било грешка: „Чемберлен, тогашниот британски премиер, допуштил Хитлер да добие многу територијални концесии, без притоа да избие војна“, смета историчарот Ентони Бивор. Прашање е, што би било ако тогаш премиер бил Винстон Черчил, противник на таквата попустлива политика кон Хитлер: „Дали Британците и Французите во септември 1939. би биле во посилна позиција од германската војска? На тоа никогаш нема да добиеме одговор“, смета Бивор.

Од 1938. и во Германија почнал да се шири страв од нова војна, смета Клаус Хесе. „Можело да се претпостави дека ваквиот развој на Германија во Европа оваа држава ја претвора од поразена земја во велесила и оти тоа не може да помине без опасност од нова војна.“ Договорот од Минхен нацистичката пропаганда го славела како „голем успех на мировната политика на Хитлер“, но Фирерот бил бесен, тој всушност сакал веднаш да започне војна.

Münchner Konferenz 1938
Адолф Хитлер (во средина) на Минхенската конференцијаФотографија: picture-alliance/dpa

Во септември 1939. веќе не можело да се помисли на пуч

Всушност трагично е тоа што историјата можеби би изгледала поинаку ако Хитлер навистина тргнел во војна во 1938. година. Тогаш тој би осамен во неговите воени планови. Неговите генерали, кои сметале дека е прерано за вооружен судир, пак сакале да ја спречат војната по секоја цена. Началникот на генералштабот Франц Халдер и важни команданти на војската во и околу Берлин, заедно со командантот на на берлинската полиција веќе имале договорено формирање на нова влада со неколку важни критички настроени државни службеници. Тајно организирани специјални единици биле подготвени да ја освојат зградата на канцеларот , веднаш што Хитлер ќе објави војна. Една година подоцна на пуч повеќе не можело да се помисли. Иако кај населението немало некое големо славје на 1. септември 1939 година, сепак огромен дел од Германците и покрај сѐ го поддржувале Хитлер и биле подготвени да заминат во војна во името на „Фирерот“.

Во Втората Светска Војна загинаа 60 милиони луѓе. Нацистите убија шест милиони евреи. За Ентони Бивор, Втората Светска Војна е „најголемата катастрофа во историјата предизвикана од човекот“.