1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите со предзнак ВМРО не го даваат историското име

Катерина Блажевска23 октомври 2014

Употребата на префиксот ВМРО во името на партијата не е негова монополизација, туку негова афирмација, велат од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи го значењето на македонската револуционерна борба, чиј Ден се прославува.

https://p.dw.com/p/1Da7y
Фотографија: Petr Stojanovski

Изминаа 121 година од денот кога во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов, д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Батанџиев ја создадоа првата семакедонска организација. Организацијата со текот на времето си го менувала името, но во секое од нив останувале две придавки: „македонска“ и „револуционерна“. Денот на македонската револуционерна борба, односно Денот на ВМРО, од 2007 година се прославува како државен празник во Република Македонија.

Со делото на шестмината, како што ги нарекуваат - македонски Прометеи, во изминативе години се закитија повеќе од десетина партии. ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО-Демократска партија, ВМРО-НП, ВМРО-ВЕП, ВМРО-Македонска, ВМРО - Обединета, ВМРО-Татковинска, ВМРО-Македонски национален демократски сојуз... и неколку други кои брзо се раѓаа и уште побрзо згаснуваа, беа дел од политичките субјекти кои за свој предзнак го земаа името на организацијата основана пред повеќе од еден век. Некои во процесот на осамостојување на земјата, други подоцна, трети по отцепувањето од матичната ВМРО-ДПМНЕ. Денеска во судскиот регистер се како активни се водат помалку. Едни се претопија во ударната тупаница на десницата - ВМРО-ДПМНЕ, други не се пререгистрира, односно згаснаа.

Заштита на името

Ако во периодот на осамостојувањето на Македонија, во т.н. македонската пролет, беше природно и очекувано името ВМРО да се појави на партиско-плуралистичката сцена како симбол на вековната борба за самостојност, денес, по речиси четврт век од осамостојувањето на Македонија, дали е време партиите да го демонополизираат тој историски предзнак од своето име и да го остават таму каде што им припаѓа на сите - во историјата на македонскиот народ. Прашањето се наметнува пред секое празнување, поради перцепцијата дека Денот се претвора во партиски, а не државен празник, токму поради партиската употреба на името ВМРО. Поради овие причини, многу пати досега опозициски партии ја бојкотираа прославата на празникот.

Prime Minister Ljubcho Georgievski
Љупчо Георгиевски во времето кога беше премиерФотографија: AP

Во времето на персоналниот и идеолошки судир меѓу Георгиевски и Груевски во 2004 година, Љубчо Георгиевски, сопственикот на членската книшка со број 1 на ВМРО-ДПМНЕ, прв го отвори прашањето за напуштање на историскиот бренд.
„Мислам дека сите ние од партиите со тој предзнак треба да размислиме за напуштање на тоа име. Прво, ВМРО-ДПМНЕ идеолошки се откажа од идеите на ВМРО, а ги нема веќе ни кадрите што ја формираа партијата. Тоа што го гледаме денес нема многу врска со ВМРО од 1990-тите години“, изјавуваше тогаш Георгиевски. Но, од името ВМРО не се откажа ни тој кога ја формираше ВМРО-Народна партија. Денес е недостапен да објасни дали и натаму го застапува истиот став. Последен кој го актуелизираше ова прашање беше Љубе Бошкоски, за време на кампањата за парламентарните избори во 2011 година.
„Ќе го заштитиме со закон брендот ВМРО. Името ВМРО не ќе смее да се употребува во политички цели, како име на партија. Треба да се одбрани тоа свето име од разни групации што го присвојуваат“, изјави Бошкоски.

ВМРО е наша гордост

Во ВМРО-ДПМНЕ, најголемата партија која во своето име го носи овој историски префикс, не се согласуваат со ваквите ставови. Ѓорѓи Доцев Банев, претседател на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека е категорично против размислувањата од името на партијата да се тргне името на Внатрешната македонска револуционерна организација.

„Оваа партија настана токму од желбата да се остварат идеалите на оваа македонска организација за создавање на самостојна и независна македонска држава. Заради тоа во името на партијата е вградено и името на оваа организација, со цел тоа да биде постојано потсетување на нејзините идеали кои се круна на македонската борба. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ во своето име го содржи и името на ВМРО не е проблем. Досега постоеjа и други партии кои во своето име содржале ист таков префикс и не си пречеле една на друга. Монополот не е само на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа само укажува колку ВМРО како македонска организација е всадена во свеста на луѓето и колкава историска гордост е. Не мислам ниту дека употребата на името на организацијата е причина за поделбите меѓу граѓаните. Поделбите настануваат поради други причини, а не поради името“, дециден е Банев. Ист став како ветераните, делат и помладите членови на партијата. Пратеникот Владимир Ѓорчев вели дека името ВМРО има трајна мисија.

„Историското ВМРО е израз на тежнеењето на македонскиот народ за своја државност, за слобода и рамноправност со другите народи и држави. Следствено на тоа, се развива македонската револуционерна борба која добива своја организација и структура на 23-ти Октомври 1893-та. Современото ВМРО-ДПМНЕ е продолжување на континуитетот за залагање на македонска државност, проследено со денешните потреби и стремежи на македонските граѓани. Употребата на префиксот ВМРО никако не претставува негова монополизација, туку негова афирмација преку името на ВМРО-ДПМНЕ. Префиксот ВМРО претставува израз на почитување кон претходните генерации, кои со својот идеализам и пожртвуваност се вложија себеси во темелот на македонската државност. Тоа значи дека идејата за слободна Македонија е жива и се негува. Од тие причини, ВМРО не треба да заврши само во историските читанки, туку да биде секојдневно потсетување на трајната мисија на Организацијата во негувањето и одржувањето на македонската слобода и државност“, порачува Ѓорчев.
Внатрешна организација“ во 21. век?

Според политиколози, не се спорни аргументите на припадниците од партиите со префикс ВМРО, но сметаат дека самото време во кое живееме „оспорува“ дел од тие аргументи. Во имињата на модерни, современи партии, кои се декларираат како демократски, народни, прогресивни и се залагаат за политика на мир, единство и транспарентност, збунувачки звучат зборовите „внатрешна“ или „револуционерна“ организација. Истото важи и за партии во Бугарија кои го користат името на историската ВМРО. Според нив, не е прашањето само дали партиите ќе го демонополизираат името на историското ВМРО, туку дали ќе го „демилитаризираат“ од одредници кои прилегаат и ги отсликуваат условите во времето на формирање на Организацијата, но не и за денешното. Банев енергично ги отфрла ваквите забелешки. „Не гледам проблем во тоа што во името на ВМРО се содржани зборови какви што се 'револуционерна организација' во смисла дека тоа асоцира на некаков радикализам. Мислам дека на пошироката јавност и‘ е добро познато дека тоа е историско име на организацијата која настанала пред еден век, во услови кога се повела борба за ослободување на Македонија и за создавање на македонската држава. Тоа име е резултат на одредени историски околности и не гледам причина зошто би можело да буди асоцијации за некаков радикализам. Политиката што ја води одредена партија е најважен критериум за тоа колку е таа ,револуционерна' а колку не“, објаснува Банев.

Logo der VMRO Partei in Mazedonien
Лого на една од партиите со префиксот ВМРОФотографија: Petar Stojanovski

Борбата не завршува

Но, останува фактот дека поради партиско поседување на историското име, дел од партиите и граѓаните 23 декември го доживуваат како приватен празник на најголемата партија што го носи името ВМРО. Со тоа, името ВМРО, наместо историска причина за обединување околу празникот, честопати станува партиска причина за негово игнорирање.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, жали што на времето била пропуштена шансата името ВМРО да биде заштитено, со цел еднакво да им припаѓа на сите.

„Името на историското ВМРО, е и мое и ваше и име кое им припаѓа на сите граѓани. Неговата употреба од одредени партии не‘ прави уставно нерамноправни и како партии и како граѓани. Жалам што во почетокот на плурализмот било дозволено да се регистрираат политички партии со тој предзнак, бидејќи ВМРО припаѓа на историјата и на целиот македонски народ, а не само на одредени партиски субјекти“, вели Заев.

Според Стојан Андов, претседател на првото повеќепартиско Собрание на независна Македонија, употребата на името ВМРО е политичка злоупотреба и манипулација.

„Таа злоупотреба и манипулација се проби во 90-тите година на минатиот век, од страна на некои партии. И не само тоа. Во однос на револуционерната борба на македонскиот народ, денес на ВМРО му се припишуваат повеќе заслуги, отколку што историски реално заслужува“, критичен е Андов.

Според историчарите, не може да се мери кој во кој период имал помала или поголема заслуга за Македонија. Сите генерации имале свои предизвици, свои битки и свои заслуги. Пред нови предизвици се и денешните генерации. Во смисла на развој и напредок, борбата никогаш не е завршена.