1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Палестинците очајно чекаат помош

Маркус Литике/ Жана Ацеска20 јули 2014

Во Газа беснее нерамноправна војна-до заби вооружена армија се бори против терористичка група, а притоа убива стотици невини цивили. Како конфликтот го гледаат Палестинците?

https://p.dw.com/p/1CflQ
Фотографија: Reuters

Тие го нарекуваат најголемиот затвор на отворен простор во светот, долг 38 километри и широк од 6 до 13 километри. Појасот Газа според површината е голем колку половина Хамбург, но има отприлика исто толку жители колку северногерманската метропола. На мал простор во Газа живеат околу 1,8 милиони луѓе, од кои 43 проценти се помлади од 14 години. Тие се речиси отсечени од останатиот свет.

„Тие не смеат да ловат риби, немаат работа, не смеат да ја напуштат земјата, живеат како во мал кафез“, вака ја опишува ситуацијата и животните услови на своите сонародници Кулуд Даибес, амбасадорка на Палестинците во Германија.

„Ним им треба перспектива, надеж, иднина“, вели таа.

Израел ја проширува офанзивата

Но, сигурна перспектива се чини уште подалечна. Од почетокот на израелската воена офанзива пред околу две недели, загинаа над 300 Палестинци, а повеќе од 2.000 се ранети, меѓу нив и многу деца. Израел сега врши и копнена офанзива, со цел уништување на подземните тунели кои ги користи Хамас.

Хамас е доминирачка политичка сила во Појасот Газа. Наспроти умерениот Фатах на претседателот на Палестинците, Махмуд Абас, таа не се откажа од употребата на сила против Израел. Борците на Хамас одново и одново испалуваат ракети кон израелска територија. Штетите кои овие ракети ги причинуваат во Израел имаат и психолошка природа. Завивањето на сирените ги опоменува луѓето во израелските населби во пограничната област да побараат засолниште. Од почетокот на новото распламтување на конфликтот се убиени двајца Израелци, цивили. Најголемиот број ракети уште во воздух ги пресретнува и уништува израелскиот одбранебен систем „Челична купола“.

На луѓето во Газа им е потребна помош

Во Газа не постојат засолништа за населението. Тие се немоќно изложени на воздушните бомбардирања на израелската армија, дури и кога таа претходно испраќа предупредувања. За третманот на ранетите не постојат ни основни услови.

„Болниците не можат да примат толку луѓе колку што доаѓаат. Речиси нема веќе кревети, а постојано доаѓа и до прекини на електричната струја. Тоа ги отежнува операциите и работата во болниците“, објаснува во разговор за Дојче веле Абдала ал-Франги, гувернер на Газа кој стапи на должноста овој месец.

„Не смее да се загуби од вид дека овде се работи за луѓе, дека Газа не е Хамас“, подвлекува амбасадорката Даибес. На почетокот на јуни Хамас и Фатах првпат по седум години се договорија за формирање на заедничка влада од 15 натпартиски експерти, која ќе ги извршува владините должности до нови парламентарни и претседателски избори.

„Тоа беше нашиот прв обид по седум години поделби да дојдеме до заедничка позиција и политички Хамас да го интегрираме во процесот“, вели амбасадорката.

Обединувањето одложено во далечна иднина

Додека во Европа и во САД овој договор беше позитивно, но воздржано примен, Израел се изјасни против ваквото приближување и ги прекина мировните преговори. За Диабас, тоа е знак дека актуелната израелска влада не е заинтересирана за политичко решение на конфликтот со Палестинците.

„Причината за најновата воена офанзива беше политичка. Целта беше Палестинците да не се обединат. Фактички, Израел не сака покрај себе палестинска држава и сака да ја зацврсти разделеноста меѓу Појасот Газа и Западниот Брег.“

Франги гледа обврска на меѓународната заедница да се погрижи за што е можно поскоро примирје.

„Луѓето овде не можат да разберат како светот немо посматра и не е во состојба да ја спречи ескалацијата. Најдобро би било ако се изнуди прекин на огнот и повлекување на Израелците. Тогаш може да се разговара за сите нерешени меѓусебни прашања“, вели Франги.