1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нацистичко засолниште во аргентинската џунгла?

Петер Хиле/ СН24 март 2015

Пет монети од нацистичка Германија и свастика на ѕид од куќа среде џунгла. Нацистичко засолниште или можеби и старечкиот дом на Хитлеровиот повереник ; Мартин Борман? Случај за Индијана Џонс или сепак само „патка“

https://p.dw.com/p/1EwC2
Фотографија: Reuters/Clarin newspaper

„Патеката кон Бормановата куќа“- пишува со жолти букви на една табла од темно дрво. Блискиот соработник на Хитлер, Мартин Борман, значи, не се уби во „завршната борба“ во мај 1945, туку се сокри во аргентинската џунгла? Веќе со децении се шират гласини дека познатиот нацист живеел во една камена куќа во природниот резерват во Теху Куаре на крајниот североисток на Аргентина. Во локалната туристичка организација, на репортерите од весникот Кларин никој не знаеше да им каже кој ја поставил споменатата табла.

Тешко е да се спознаат фактите во митските приказни за засолништата на нацистите во џунглата. Репортерите се упатија кон „патеката кон Бормановата куќа“ во друштво на археологот Даниел Шавелзон. На крајот на патеката најдоа остатоци од три куќи, а во нив монети, меѓу кои и пет германски монети, произведени меѓу 1938. и 1941. година, како и парче од порцеланот Мајснер со натпис „Made in Germany“. Новинарите на Кларин објавија и една видео снимка од тоа место каде во еден ѕид е врежан свастика- додуша, изгледа дека тоа е направено во поново време од некој непознат симпатизер на Борман.

Таен план на нацистите

Петте германски монети и парче германски порцелан- тоа укажува на нацистичко засолниште. Така барем тоа го толкуваат Шавелзон и неговите колеги археолози. Историчарот Даниел Штал од Универзитетот во Јена тоа го смета за смела претпоставка: Во Аргентина имаше многу Гермаци, па и за време на Втората светска војна. Постоеше и трговски проток на стока.“ Поради тоа не е никакво чудо што се таму најдени такви работи: „Не верувам дека од тие наоди може да се извлече заклучок за постоење на засолниште на нацисти“, вели Штал.

Adolf Hitler 1939
Од лево кон десно: Хајнрих Химлер, Адолф Хитлер и Мартин БорманФотографија: Getty Images

Археологот Шавелзон има, меѓутоа, сопствена теорија, според која нацистите во рамките на таен проект подготвувале засолништа за своите лидери- во случај на предвремена пропаст на „илјадагодишното царство“ кое сакале да го воспостават. А тие засолништа, како што тврди тој, се направени на непристапни места, среде пустина, планини, на карпи или како во овој случај- среде џунгла. За волја на вистината, нацистите кои од Европа побегнаа во Аргентина набрзо сфатија дека не им е потребно криење, бидејќи таму никој не ги прогонува. Што значи дека камената куќа „на крајот на патеката“ можеби и не служела како тајно засолниште.

Засолниште на југ

„Таквите теории не се научно докажани туку потекнуваат од дубиозни извори“, тврди професорот Штал. Се знае дека илјадници нацистички злосторници по војната избегаа од Европа- а во тоа често им помагаа свештениците на католичката црква, кои ги префрлаа во Аргентина. Таму злосторниците ги штител тогашниот претседател Хуан Перон. „Но тоа не смее да се меша со гласините дека нацистичките лидери уште пред војната организирале евентуално пребегуваање во Аргентина“- таквите гласини, вели Штал, ги ширеле внатрешнополитичките противници на Перон, а тие се одржале до денес.

Нацистичките функционери од втор и трет ранг дури по војната го планирале своето бегство во Јужна Америка, нагласува овој професор. Така Јозеф Менгеле, лекар и садистички убиец од логорот Аушвиц, или Ерих Прибке, есесовец кој раководел со масакрот во Ардеатинските пештери во Рим, со години живееле во Аргентина. Таму припадниците на израелската тајна служба Мосад успејаа да го фатат Адолф Ајхман, организаторот за истребувањето на Евреите- а тоа го сторија без знаење на аргентинските власти, за да го изведат на суд. Постојано можеа да се слушнат гласини и дека самиот Адолф Хитлер не е мртов и оти се наоѓа некаде во Аргентина. Исти такви работи се зборуваа и за Мартин Борман. Тој е единствениот од раководечката нацистичка гарнитура кој не се појави пред Нирнбершкиот суд- бидејќи не можеа да го пронајдат.

Британскиот весник „Дејли експрес“ во 1972. година објави дека го открил Борман во Аргентина. Меѓутоа, истата година градежните работници на железничката станица во Берлин открија скелет за кој се смета дека е Борман врз основа на отисоците од забите. Идентитетот на скелетот во 1998. го потврдија научниците од Максимилијановиот универзитет во Минхен. Така патот на Борман од обичен убиец во време на Вајмарската република па се’ до еден од организаторите на геноцидот врз Евреите е завршен во 1945. година во берлинските урнатини- а не во џунглите на Аргентина.