1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остри реакции по објавата на швајцарските даночни власти

Фридел Таубе / Е.М. Фиданоска27 мај 2015

Во Службениот весник на интернет Швајцарија објавува имиња на лица по кои трага во врска со даночни прашања. Дали е тоа столб на срамот за даночните грешници? Во Германија реакциите се остри.

https://p.dw.com/p/1FWzj
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кусите соопштенија се на јазик кој го употребува адмниистрацијата, а кој сака да ги види на интернет страницата на швајцарската Даночна управа, мора малку да бара. Се наоѓаат во билтенот број 19 од 20 мај и повторно се трат во германско-швајцарските односи. Таму црно на бело се наведени имињата и презимињата на лица поради кои швајцарските даночни власти иницираат постапка на пружање на помош на други институции.

Германските политичари со години ги обвинуваа Швајцарците дека нешто премолчуваат по прашањето на даноците. Меѓутоа, ваквата транспарентност сега за многумина во Германија е претерана. Таков став има и министерот за финансии на покраината Баден Виртемберг, Нилс Шмид: „Во борбата против даночно затајување не се работи за тоа на столбот на срамот да се стават одделни лица, туку за тоа да се постигне правда во смисла на големото мнозинстви чесни даночни обврзници“, изјави Шмид за агенцијата ДПА, додавајќи: „Швајцарската пракса во најмала рака зачудува.“

Кршење на обврската за даночна тајна?

Германскиот став е јасен. Конкретно наведување имиња не е во согласност со основите на даночната тајна. Такво мислење има и министерот за финансии на германската покраина Северна Рајна Вестфалија, Норберт Валтер-Борјанс. Сепак, Валтер-Борјанс би сакал да ги искористи на тој начин добиените информации. „Ако Швајцарија наведува имиња на германски државјани во врска со можни даночни неправилности, тогаш нашите власти мора да постапуваат и тоа ќе го сторат.“

Belgien Deutschland Sven Giegold MdEP Die Grünen
Свен Гиголд: Швајцарските власти одат чекор предалекуФотографија: Sven Giegold

Свен Гиголд, пратеник на Зелените во Европскиот парламент, е вџашен и смета дека Швајцарија дури ги крши граѓанските права. „Во овој случај швајцарските власти одат чекор предалеку“, изјави Гиголд за ДВ. „Наместо на ваков начин да се објавуваат имиња на можни даночни затајувачи, тие имиња би требало да им се дадат на партнерските земји. Таму може да се направи темелна истрага.“ За погодените лица ваквиот начин на објавување би можел да има последици. Нивната правна заштита е загрозена. „Веќе сега сме сведоци дека тоа води до осуда уште пред да бидат утврдени сите факти. И покрај сета љубов кон новата швајцарска транспарентност, мора да кажам дека постапката не е соодветна на една правна држава.“

Објавување „во интерес на погодените“

Швајцарската даночна управа во разговор за Дојче веле се спротивставува на обвинувањата во Германија. Објавувањето во службениот весник не е автоматски поврзано со даночни деликти, нагласува портпаролот Беат Фурер. „Ако се бара помош од институција, тогаш мора да биде контактирано погоденото лице. Но ако банката веќе нема адреса или нема сметка, тогаш постои можност за контакт со лицето преку билтенот.“ Тоа што притоа делумно се употребуваат имиња и лични податоци е нешто што е неопходно. Сепак, како што се вели од страна на швајцарските даночни лвасти: „Овде станува збор за последна можност. Вообичаено е доволно да се контактира банката.“ Објавувањето е конечно во интерес и на погодените лица, нагласува Фурер, за да може евентуално да се искористат правните средства кои им стојат на располагање. „Тоа е уставно основно право.“

Ваквото „основно право на слушање“ и во странство, значи и странците да имаат можност да се изјаснат околу даночни проблеми, е швајцарска особеност. Таа постои во законот од 2012 година. Во Германија нема такво нешто. Оттука, нема ниту причина да се трага по странци јавно, на интернет и со наведување на имиња на лица кои би имале право да се изјаснат по некое даночно прашање.

Швајцарците уверуваат дека нема потреба да се стравува оти во иднина на столб на срамот наголемо ќе бидат ставани даночни грешници. Фурер во секој случај уверува: „Нема да ја објавиме листата на муштерии на ХСБЦ.“ Значи, по некој анонимен даночен грешник ќе може да здивне.