1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ослободување“ на Косово од воените лидери

С. Бојиќ / Б. Георгиевски30 јули 2014

Лидерите на ОВК одамна преминаа од војна во политика. Народот одамна ги мрази, но поради корупцијата. Сега, можеби за последен пат, се јавува шанса да се расчисти вината за воените злосторства, пишува германскиот печат.

https://p.dw.com/p/1CmL9
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Клинт Вилијамсон е обвинител и дипломат“, пишува „Зидојче цајтунг“, „и како таков, тој е извежбан во контролата на сопствените емоции. Но, оние кои го видоа во вторникот во Брисел лесно можеа да забележат дека во него гори. Му беа потребни 15-ина минути на присутните да им ја прочита изјавата во која информира за повредата на човековите права на Косово, но и за, како што рече, необичната, беспримерна ситуација во меѓународното право. Пред три години сите 27 земји кои учествуваат во мисијата Еулекс одлучија да формираат тим за истрага на воените злосторства сторени на Косово по 1999 година. Вилијамсон доби големи овластувања и мандат да формулира обвиненија. Но, тој вели дека е разочаран затоа што ни денес нема функционален суд каде тие обвиненија би можеле да се предадат. Долго најавуваниот специјален трибунал за Косово сѐ уште не е формиран. Вилијамсон е изненаден од тоа, бидејќи обвиненијата не се однесуваат само на вообичаените деликти на водечките личности на поранешната ОВК, туку постои сомневање дека се сторени и воени злосторства“.

„Во едно нешто Вилијамсон дискретно се дистанцираше од извештајот на швајцарскиот пратеник во Советот на Европа, Дик Марти од 2011 година. Марти тогаш го критикуваше тоа што меѓународните актери поради краткорочната стабилизација на состојбата ги затвораа очите пред злосторствата на ОВК. Вилијамсон не ја прифати таа отворена критика на сметка на ЕУ и НАТО. Тој нагласува дека не планира директна пресметка со ОВК. Бидејќи, токму за тоа и беше обвинуван во Приштина. Објасни дека истражувал конкретни злосторнички акции, а не политичката позадина на случувањата. Какви ќе бидат обвиненијата, останува да се види откако ќе се формира Специјалниот трибунал“, пишува „Зидојче цајтунг“.

Од војна во политика

Коментаторот на австрискиот „Пресе“ смета дека на Косово премногу долго траело „сончањето под зраците на наводната праведна граѓанска војна во која воените злосторства беа нешто незамисливо. На Косово состојбата се заостри, откако водечките личности на ОВК едноставно влегоа од војна во политика - и оттогаш водат главен збор во неа. Народот одамна ги мрази, но поради корупција. Сега, можеби за последен пат, се јавува шанса индивидуалната вина за воените злосторства да се разјасни пред суд. Тоа за многу косовски граѓани ќе биде болен процес, но тој е неопходен за општеството“.

Presseschau über die Lage in der Ukraine
Фотографија: Nikolaychuk

Швајцарскиот „Тагесанцајгер“ пишува дека „не сите косовски Албанци биле жртви на војната. Повеќе лидери на бунтовниците по војната киднапирале Срби, убивале Роми, ги замолчувале критички расположените Албанци. Оние кои им се спротивставувале морале да стравуваат за сопствениот живот. Сведоците беа убивани, доказите - уништувани. Мнозинството осомничени за воени злосторства во 90-те години живееле во Швајцарија. Тоа беа припадници на т.н. швајцарска врска, кои профитираа од својата, речиси, митска аура на ослободители. Сега меѓународната заедница мора да делува, сега треба пред сѐ да се заштитат сведоците и тука и Швајцарија треба да даде свој придонес. Западот во 1999. година го ослободи Косово од репресиите на Белград. Сега следува второто ослободување на младата балканска република - овојпат од хероите на слободата, кои во занесот на војната го нарушија угледот на својата земја“, пишува „Тагесанцајгер“.