1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опојноста на убивањето

Клара Валтер / Маријана Маркоска18 февруари 2015

Може ли убивањето да предизвика радост? Борци од разни делови на светот кажуваат дека доживеале некој вид „опијанетост од крв“. Науката истражува што се случува во мозокот на луѓе кои повеќепати убивале.

https://p.dw.com/p/1Edlp
Фотографија: REUTERS/S. Zhumatov

Дали би можел намерно да убијам човек? Да обезглавам заложник? Со митралез да стрелам врз мажи, жени и деца? Кој е израснат во мир, по правило, категорично ќе го отфрли ова. На најголем број од луѓето спонтано им изгледа незамисливо ладнокрвно да употребат оружје.

Дури и во војна нетренирани мажи се воздржуваат од тоа: истражувањата на американската армија по Втората светска војна покажаа дека само половина од војниците пукале во жива цел. Кај денешната генерација војници квотата изнесува 95 проценти. Со компјутерски симулаци се тренираат смртоносни истрели, за да се елиминираат моралните задршки. Невробилогот Јоахим Бауер објаснува: „Голема е бојазливоста кај просечни здрави луѓе, на другите да им сторат нешто брутално. Поради системот од нервни клетки во нашиот мозок кои рефлектираат постапки или чувства на други како свои, болката што ја регистрирам кај другите секогаш е и моја болка.” Тие нервни клетки прават да сме луѓе што сочувствуваат.

Од ученици до војници

Symbolbild Kindersoldaten
Фотографија: picture-alliance/dpa/A.Ufumeli

Сепак, ако погедаме во светот, не гледаме само сочуство. Томас Елберт посети места, во кои луѓето се чини како да ја заборавиле оваа емоција. Психологот од Констанц разговараше со борци и деца-војници, кои имаат на душа многу убиства. Тој е сигурен дека секој од нас може да биде доведен во ситуација да убие друг човек. Елберт раскажува: „Констатиравме дека во кризни области киднапираат цели одделенија по селата. Одреден процент од децата умираат, а од преостанатите скоро сите стануваат борци.“

Занесот на убивањето

Ужасна е самата помисла дека децата ги принудуваат да убиваат. Уште позастрашувачко е она за што децата му се доверуваат на Елберт: дека убивањето е „опојно“, предизвикува задоволство. Значи сепак постои некој потиснат „инстинкт за убивање“, кој ослободен од цивилизаторските стеги се остварува за време на војна?

Томас Елберт има друго објаснување. Тоа е како кај „трансот на тркачите”- објаснува тој; оној посебен момент што го доживува тркач на долги патеки, кога телото лачи опојни материи. „Кој никогаш не истрчал дваесет километри, никогаш нема да го почувствува тој момент. Но, тоа телесно искуство природно вродено во секој од нас. Сите оние, кои имале борбено искуство, ги опишуваат овие состојби на транс, во кои убивањето предизвикува чувство на задоволство“, објаснува Елберт.

Трауматизирање предизвикува мозочни оштетувања

Kindersoldaten in Myanmar
Фотографија: picture-alliance/dpa/P.Kittiwongsakul

И сепак се поставува прашањето: ако во нашиот мозок постои морална задршка - ако нормален здрав човек не е роден за да убива, тогаш како сепак може да дојде до тоа? Постојат објаснувања, ужасни објаснувања, кои покажуваат колку силен печат врз нашиот мозок оставаат насилни дела, кои се случуваат околу нас.

За децата-војници се чини дека се систематски трауматизирани од страна на нивните инструктори: пред нивни очи им ги силуваат мајките или погубувааат членови на семејството. Со трауматизирањето нивниот мозок ја елиминира моралната бариера. Се уништува фронтолимбискиот појас - делот од мозокот, кој проверува како би влијаела нашата постапка врз другите и врз нас самите, и кој, по правило, ја ублажува нашата агресивност.

Трауматизиран преку насилство стануваш убиец - според Јоахим Бауер низ таков процес проаѓаат и војниците на Исламската држава во Сирија. „ На почетокот ги носат на некој иницијален ритуал, некакво брутално дело“, објаснува невробиологот. „Тогаш нешто се прекршува во мозокот и се доаѓа до точка во која можат да настануваат чувства на занес. Тоа се психопатски феномени, кои кај децата-војници можат масовно да бидат продуцирани, но тие не спаѓаат во нормалниот спектар на однесување на една нетрауматизирана личност.“

Насилство има во сите култури

Кое оружје користат борците, како тие се организираат за војна, сето тоа може делум да биде под белегот на некоја култура. Но, Томас Елберт вели дека сепак во светот има вчудовидувачки заеднички нешта кај насилство: „ Во Уганда видов, како востаничките трупи им ги сечат носовите, ушите и усните на жртвите - тоа истото се случува и во Авганистан. Се отсекува она, што стрчи на телото, и тоа во сосема различни култури.”

NO FLASH Massaker im Jemen September 2011
Фотографија: dapd

Елберт испитува и кои иритатори (типични дразби на кои се реагира инстинктивно, н.з.) играат улога при насилните ексцеси. Се чини дека тука крвта е на врвот. А мирисот на крвта? Елберт се занимаваше со ова прашање и дојде до вчудовидувачко откритие: и прехранбената индустрија го користи мирисот на крвта, за продуктите да изгледаат посвежи. Елберт укажува: „Тоа не се однесува само на месните производи, туку, на пример, и на печурките. Мирисот на крвта луѓето го восприемаат како нешто пријатно. Тоа значи дека иритаторите се исти.”

Се крие ли значи сепак во нас грабливо животно? Истражувањата на мозокот заклучуваат дека ние по правило сме мирољубиви - освен ако најтешка траума не не претвори во убијци.