1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасност од левичарскиот и десничарскиот тероризам во Грција

Јанис Пападимитриу / Елизабета М. Фиданоска24 октомври 2014

По неодамнешното апсење на осомничено лице за тероризам, во Атина се шпекулира за неговите дела и соучесниците. Експертите оценуваат дека во Грција дејствува нова генерација терористи.

https://p.dw.com/p/1DSZW
Фотографија: picture-alliance/dpa

Полицијата го имала под лупа 31-годишниот терорист долго време пред да го уапси на почетокот на октомври во атинската населба Бајрон. Тој е обвинет за членство во терористичка организација и голем број други кривични дела. Според информации на атинскиот весник „Катимерини“, тој најверојатно бил активен од 2009 година во левоекстремната група „Револуционерна борба“ и важи за близок човек од доверба на топ-терористот Никос Мазиотис, кој беше во бегство од 2012 година, па дури во јули годинава беше уапсен на улица по една престрелка.

Мазиотис наводно учествувал врз нападот на резиденцијата на германскиот амбасадор во Атина, во декември 2013 година. Според сопствени наводи, „Револуционерна борба“ од 2003 година извршила повеќе напади врз министерства, полициски станици и банки. Други од нејзе отцепени групи, како „Сектата на револуционери“ и „Заговорот на ќелиите на огнот“, презедоа одговорност за бомбашки напади и подметнати пожари во населбите на Атина. Големо внимание предизвика неуспешниот напад во атинската подземна железница во 2012 година. Тогаш возачот ја откри активираната бомба при контролирањето на вагоните.

Verhaftung des Terroristen Nikos Maziotis in Athen 16.07.2014
Апсење на Мазиотис на улица на 16 јули 2014-таФотографија: Reuters

Тероризмот во Грција добива нови димензии - гласи заклучокот на Мари Боси, професорка по меѓународна безбедност на универзитетот во Пиреј. „Порано беа вршени напади само врз државни институции, странски амбасади и индустријалци. Во меѓувреме има и напади во простории каде се наоѓаат недолжни граѓани.“ Во писмото каде преземаат одговорност за делата, извршителите даваат различни образложенија: „Понекогаш ги обвинуваат граѓаните дека не се недолжни, затоа што не се кревале против етаблираниот поредок.“

Нема единствен профил на извршител

Мари Боси има напишано повеќе книги за грчкиот и меѓународниот тероризам и во Грција важи за докажан експерт за безбедносни прашања. Таа вели дека често ја прашуваат како пулсираат терористите. Одговор практично не е можен, со оглед на тоа што нема хомогена екстремистичка сцена и единствен профил на извршителите. Но сепак има заеднички работи. Речиси исклучиво станува збор за млади луѓе и паѓа в очи дека тие ги имаат оставено зад себе идеолошките борби од минатото. Тие се имаат дефинитивно збогувано со марксизмот-ленинизмот, но за сметка на тоа се повеќе идеолошки поврзани со анархизмот, објаснува професорката од Пиреј.

Verhaftung des Terroristen Nikos Maziotis in Athen 16.07.2014
Фотографија: picture-alliance/dpa

На марксизмот-ленинизмот досега му беше верна опасната грчка терористичка група „17 ноември“, која името го има добиено по датумот на студентскиот бунт против воената диктатура есента 1973 година. Жртви на групата се еден индустриски магнат, конзервативен издавач на весници, како и дипломати од Велика Британија и САД. На нејзина сметка оди и нападот врз резиденцијата на германскиот амбасадор во 1999 година. Илегалната организација беше откриена дури во 2002 година, по повеќедецениска потрага. Но групата и денес предизвикува внимание. На почетокот на годинава Хростодулос Ксирос, осуден член на групата, побегна по одморот што му беше даден за време на извршување на казната. Тој не е пронајден до денес.

Griechischer Terrorist Christodoulos Xyros
Христодулос Ксирос побегна по одморот што му беше даден за време на извршување на казнатаФотографија: picture-alliance/dpa

Многумина сега стравуваат дека 56-годишникот подготвува нови напади или дека го предава своето искуство на поновите генерации терористи. „Во Грција имаше прв терористички циклус, кој заврши со разбивањето на ’17 ноември’, но со тоа проблемот не беше решен“, вели Танос Докос, генерален директор на реномираната атинска тинк тенк организација ЕЛИАМЕП. Поради непреземањето мерки или неоснованите уверувања на властите, или пак поради тершките економски и социјални услови во земјата, тероризмот се‘ уште е присутен во грчкото општество, објаснува Докос во разговор за ДВ. Радикалите доживеаја полет особено во декември 2008 година, откако еден 15-годишник кој беше застрелан од полицијата во Атина.

Радикализација во кризни времиња

Докос вели дека вознемирува тоа што токму во кризни времиња многу млади Грци доаѓаат во контакт со радикални идеи и ставови и на тој начин политички се социјализираат. И левичарскиот и десничарскиот тероризам се исклучително опасни, но има и извесни разлики, смета аналитичарот: „За демократијата во Грција десничарскиот тероризам претставува поголема опасност, поради тоа што тој агитира отворено и е насочен против цели социјални групи, посебно доселениците. Од друга страна, токму поради овие причини е можеби полесно да се пронајдат извршителите во тоа милје.“

Griechenland Prozess Neonazi-Partei Goldene Morgenröte Nikos Michaloliakos
Никос Михалолиакис влегува во судот на прелиминарно сослушување (2.10.2013)Фотографија: picture-alliance/AP

Тепачките трупи на десноекстремната партија Златна зора беа потценувани со години. Се чини дека економската криза и‘ ја отвори вратата на оваа група. Од парламентарните избори во јуни 2012 година партијата е застапена со 18 пратеници во парламентот. По убиството на еден грчки музичар и повеќемина левичарски активисти, кои им се припишуваат на членови на Златна зора, во септември 2013 година се активираше грчкото обвинителство. Тоа обвинува 32-ца членови на партијата дека ја претворила десноекстремната групација во „криминално здружение“. Шефот на партијата Никос Михалолиакос и други водечки членови на партијата седат во истражен затвор. Судскиот процес против нив ќе почне најверојатно во ноември.

Бесперспективноста на многу млади луѓе и нивното разочарување од политичарите кои си го отслужиле своето претставуваат експлозивна мешавина, предупредува аналитичарот Танос Докос. Експертот Боси оценува дека политичките партии мора да преземат нешто: „Младите луѓе имаат визии, внатрешна тензија и наклонети се кон полемика. На тоа етаблираните партии немаат најдено одговор.“ Затоа токму младите си создаваат паралелни светови, кои не се во согласност со актуелните политички и идеолошки дебати во земјата.