1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истрага за употреба хемиско оружје во Сирија

ЖА/дв/миа24 април 2014

Советот за безбедност на ОН побара истрага за новите тврдења дека во напади во некои сириски градови е употребен гасот хлор. Бан Ки Мун ги обвини двете страни во конфликтот во Сирија за неизвршување на обврските.

https://p.dw.com/p/1BnfD
Фотографија: picture alliance/AP Photo

На состанокот зад затворени врати членовите на Советот за безбедност за тоа ги известила Сигрид Каг, која ја координирала мисијата во Сирија за надзор на отстранување на хемиското оружје до 30 јуни.

„Членовите на Советот изразија загриженост поради извештајот за наводната употреба на гасот хлор во некои градови, каде имаше мртви и затруени и побараа истрага за тој инцидент, изјави амбасадорот на Нигерија, кој моментно претседава со СБ.

Тој додаде дека се‘ уште се чека потврдата на автентичноста на извештајот, со цел да се донесат конкретни одлуки. Во меѓувреме генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун ги обвини и двете страни во конфликтот во Сирија дека не ги извршуваат своите задолженија. Тој побара од СБ да интервенира.

Во својот втор месечен извештај за имплементирање на резолуцијата на СБ, со која треба да се обезбеди хуманитарен пристап до Сирија, Бан нагласува дека ниту режимот на претседателот Башар ал Асад, ниту бунтовниците не ги исполнуваат одредбите содржани во резолуцијата.

„СБ треба да преземе мерки за да се справи со тешките нарушувања на основните принципи на меѓународното право“, повика тој.

Бан предупреди дека околу 3,5 милиони лица во Сирија, која повеќе од три години е погодена од крвава граѓанска војна, во голема мера немаат простап до основните производи и услуги.

Резолуцијата, со која се бара поголем хуманитарен пристап, беше ретка пројава на едногласност во СБ во врска со сирискиот конфликт. Русија и Кина ставија вето на сите обиди од Западот да протурка резолуција, кои предвидуваат санкции за режимот на Асад.