1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одмор во средновековен амбиент

Бирте Штрунц/ Жана Ацеска 29 јули 2014

Во Италија, во селата во близина на замоци се реновираат старите куќи и се преуредуваат во сместувалишта и ресторани. Гостинот учествува во селскиот секојдневен живот.

https://p.dw.com/p/1Cg7G
Фотографија: Foto: BR

1987: Монтегридолфо, речиси напуштено село покрај дворецот кај Римини.

Сопственичката Алберта Ферети, италијанска модна дизајнерка, заедно со општината инвестираше околу 13 милиони евра во замокот-палата од 13. век, кој стана хотел со 4 ѕвезди, што селото го спаси од пропаѓање.

„Вакви реставрации се многу скапи, но мора да се почитува и зачува историјата на селата. За среќа, мнозинството туристи нема интерес за туристичките понуди, само малцинството сака туристички пакет аранжман“, истакнува Џанкарло Дал‘Ара, туристички експерт од Италија.

Во подрумот има ресторан, поранешната оранжерија е сала за појадок. Базенот е во дворот. Модерен комфор со средновековен шарм е омилен првенствено кај странските туристи.

„Се‘ се одвива се‘ побрзо и потребна е напорна работа. Човек има толку хобија и пријатели, а се‘ помалку време. Овде е како одење надвор од времето. Се‘ е толку мирно, се‘ си оди со свое темпо. Овде сте ако сакате да се ослободите од секојдневниот стрес“, задоволна е Алис Мичел, гостинка од Холандија.

Одмор во средновековен амбиент е можен и во Верукио. Принципот е: се реновираат старите куќи и се преуредуваат во сместувалишта и ресторани. Гостинот учествува во селскиот секојдневен живот. Принципот е базиран на иницијативата „Алберги Дифузи“, „Распрснати сместувалишта“, основана во Италија во 1982 година. Низ целата земја има 83 вакви проекти. Пример за нив се „Казе Антихе“, или „Античка куќа“ - една ноќ чини 350 евра.

„Не смееме да го промениме изгледот на куќата, не е дозволено ставање нови прозорци или врати. Се работи за заштитен споменик на културата, затоа работата во оваа куќа беше вистински комплицирана. Инвестицијата која ја вложивме се пренесува на вредноста на куќата. Потребни се многу пари за да се реконструира вакво нешто“, објаснува Силвија Сантолини, сопственичка на „Античка куќа“.

Моделот „Одмор во средновековен амбиент“ е интересен и за големите инвеститори, на пример во Кастелфалфи, западно од Фиорентина. Овде во 2007 живееле само петмина, а селото било руинирано. Германската туристичка агенција ТУИ ја купи локацијата од 11 квадратни километри и инвестираше околу 250 милиои евра.

Одмор во средновековие само како фасада: токму овде е отворен втор хотел - внатре се‘ е комплетно ново.

Џанкарло Дал‘Ара, туристички експерт од Италија, се жали:

„Инвеститорите купуваат села, го растураат нивниот идентитет. Тие не се грижат за преостанатите жители, не го следат примерот на Алберги Дифузи. Овде едноставно настануваат туристички села. Вака размислуваат и странските инвеститори. Ним не им е грижа што им прават на оние од селото“.

Поинаку е во Монтегридолфо. Во ова село денес живеат повторно 25 луѓе, а 20 од регионот најдоа работа во хотелот, кој ја обезбедува иднината на селото.

Марина Аурели, жителка на селото и вработена во хотелот „Палацо Вивиани“ подвлекува:

„Работата овде за нас е многу важна. Колку повеќе посетители, колку подобро тие се чувствуваат, колку повеќе расте туризмот, толку повеќе староседелци имаат работа. Овде има промена, порано немаше ништо. Се‘ беше многу мало, напуштено. Сега повторно се врати живот. Овде се случи значајна промена“.

Одмор во средновековен амбиент - инвестиција и сон. Посебно тогаш, кога туристите и староседелците можат заеднички да живеат.