1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Одговорноста за грешките во независна Македонија лежи кај сите досегашни политички чинители“

27 јули 2011

Бранко Црвенковски е една од клучните политички фигури во изминатите две децении од независна Македонија. Тој во интервју за Дојче Веле говори за сопствените искуства во овој период во кој се градеше самостојната држава.

https://p.dw.com/p/123H4
Бранко ЦрвенковскиФотографија: DW

Претседател на СДСМ во 1991 година, лидер на најголемата опозициска партија во 2011. Човекот кој за 20 години независна Македонија на трипати беше премиер, а во еден мандат и претседател на државата е една од клучните политички фигури во изминатите две децении. Со само 29 години Црвенковски стана најмладиот шеф на влада во Европа, кој во период на тешка економско-политичка ситуација и недоволна меѓународна поддршка го прифати предизвикот. Уште тогаш вели бил свесен, а денес уште повеќе дека возраста не била сигурна гаранција за успешно спроведување на премиерската функција, посебно во околностите во кои се наоѓала Македонија:

„Понекогаш човек ја бира или дефинира судбината, а понекогаш судбината го бира човекот. Во 1992 година ВМРО-ДПМНЕ како најбројна партија во Собранието согласно уставот го доби мандатот за составување на нова влада, не успеа во тоа, после 20 дена го врати мандатот, потоа ние како втора по големина партија во парламентот го предложивме Петар Гошев, кој исто така во уставниот рок не успеа и го врати мандатот. Значи, во една ситуација која до пред два месеца никој не можеше да ја предвиди, а најмалку јас, се случи да дојдам во позиција да ја извршувам премиерската функција. Тоа беше навистина тешко време, но исто така од историски аспект предизвикувачко или неповторливо“, вели Црвенковски.

20 години во историјата на една држава се миг

Сепак, две децении по стекнатата државност, меѓународно етаблирање и трансформација на политичко економскиот систем, Македонија е земја со рекордна невработеност и сиромаштија, и ниско ниво на економски развој. Одговорноста, според Црвенковски, повеќе или помалку лежи кај сите досегашни политички чинители. Од оваа дистанца тој е свесен дека структурата на економијата би била поефикасна ако приватизацијата завршела побрзо, но и доколку се реагирало превентивно на меѓуетнички план:

„Можевме некои работи на меѓуетнички план многу порано да ги согледаме, да делуваме превентивно, да избегнеме некои ризици кои што подоцна предизвикаа последици и штети. Меѓутоа исто така треба да имаме предвид еден факт дека 20 години е период кој што е многу долг во животот на еден човек, меѓутоа во историјата на еден народ или држава 20 години се просто миг. Сепак се работи за создавање на независна држава буквално од нула, без претходни искуства, без почетен капитал, со празна каса, огромни долгови кон странство и без голема меѓународна поддршка. За разлика од некои други држави, ние немавме некои големи пријатели. Посебно во почетниот период бевме оставени сами на себе и се разбира дека голем дел од тие тешкотии, со кои тогаш и денес се соочуваме, но и грешки што се направија, во голема мера се должат едноставно на тоа што се’ што се случуваше беше за прв пат во историјата на овој народ и без примери на кои можеме соодветно да се огледаме или да се споредиме“, вели лидерот на СДСМ.

Власта ја носи одговорноста за важните одлуки

За време на претседателскиот мандат на Црвенковски во 2006 година, Македонија стана земја кандидат за членство во ЕУ. Две години подоцна како шеф на државата тој присуствуваше и на самитот на НАТО во Букурешт, кога поради спорот со Грција Македонија не стана полноправна членка на Алијансата. Црвенковски предупредува дека оттогаш па наваму земјата уште повеќе се оддалечила од целта, пред се’ поради тоа што спорот околу името почнал да се злоупотребува како алиби за погрешните политики:

„Нема двојба, на самитот на НАТО во Букурешт единствената пречка зошто не станавме членка беше спорот со Грција. Меѓутоа од тој период па до денес гледаме дека има многу назадувања во многу битни области за НАТО, а уште повеќе за ЕУ интегративниот процес. На пример во независното судство, партизацијата на администрацијата, слободата на медиумите. Значи генерално во тој корпус на човекови права, слободи и демократија Македонија денес е многу поназад од пред неколку години и сега имаме ситуација во која актуелниот спор го користи повеќе како изговор и како дефокусирање на јавното мислење од оние области, во кои единствено ние како држава или власта во оваа држава ја носи одговорноста зошто наместо да бележиме напредок, чекориме назад. Загрижен сум дека е можно со текот на времето некои други прашања или проблеми да станат исто така пречка за членство во НАТО и преговори за членство во ЕУ.“

Секоја друга приказна освен членството ЕУ и НАТО води кон неуспех

Црвенковски не е голем оптимист за иднината на земјата доколку таа остане надвор од НАТО и ЕУ:

„Според мене нема сериозна алтернатива освен членство во НАТО и ЕУ. Секоја друга приказна е неуспешна и не’ води како држава кон назадување, дури не би рекол ни кон статус кво, туку кон влошување на состојбите, и тоа не е нешто што важи само за Македонија, туку и за целиот регион, кој како што гледаме се движи во таа насока, а Македонија ние велиме стои во место. На Балканот поимот стоење во место не е познат. Ако не се движите напред, тоа значи дека всушност се враќате назад. Со жалење сметам дека нема да има промена во клучната политика на оваа власт врз основа на која ќе го темелиме оптимизмот дека Македонија наскоро би станала членка на НАТО и би ги почнала преговорите со ЕУ, што од друга страна е поврзано со приливот на странски инвестиции без кои нема решавање на клучните проблеми за граѓаните, сиромаштијата и нискиот стандард“, вели за Дојче Веле претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Симе Недевски