1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од нацист таен агент не бидува

Мајкл Книге/Б. Георгиевски29 октомври 2014

Одамна е познато дека нацистите по Втората светска војна биле регрутирани од страна на американските тајни служби. Американските научници во меѓувреме открија дека ползата од овие регрути била мала или никаква.

https://p.dw.com/p/1DdcD
Фотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images

Случајот на Клаус Барби, озлогласениот нацистички воен злосторник познат под прекарот „Касапот од Лион“, кој беше екстрадиран од Боливија и му беше судено во Франција во 1980-те години, го извади на виделина податокот дека бројни нацисти по завршувањето на војната работеле за американското воено разузнавање.

Американските документи кои се сега отворени за јавноста, откриваат дека Барби не само што бил регрутиран од контраразузнавачката служба на американската армија, туку и успеал да побегне од Европа со помош на Американците. Подоцна, Барби работел и за новата германска тајна служба БНД.

Американските истражувачи сега можат да направат точна проценка на овој феномен и да ја оценат корисноста на информациите кои ги обезбедувале поранешните нацисти. По анализата на документите од кои беше тргната ознаката „тајни“, историчарите кои работат на проектот проценуваат дека имало најмалку 1.000 вакви случаи. „Бројката од една илјада е конзервативна проценка“, вели Норман Года професор на студиите за холокаустот на Универзитетот во Флорида. „Таа проценка е базирана на неколкугодишно читање на овие досиеја. Вистината е дека немаме точна бројка“.

Причината за тоа е што сите досиеја веројатно не биле декласифицирани, а некои се веројатно и исчезнати. Во бројката од илјада луѓе исто така не се вклучени и индиректните релации, односно случаи кога информантите самите регрутирале нови шпиони, како и големиот број на не-Германци поврзани со нацистите, кои биле регрутирани од САД во Унгарија, Романија или Украина. Но, доколку точниот број на нацисти кои работеле за американските служби по војната се‘ уште не е познат, релативно прецизно може да се одреди квалитетот на информациите кои тие ги продуцирале - многу слаб.

Лоши информации

„Не откривме ниту еден случај за кој може да се каже дека обезбедил витални разузнавачки податоци, на пример, за блокадата на Берлин“, вели Года. „Такво нешто никогаш не се случило“. Тој го наведува случајот на Вилхелм Хотл, поранешен офицер во австриската служба за безбедност, кој би регрутиран од САД по војната. „ЦИА во еден момент сфатила дека Вилхелм Хотл ги пишувал своите разузнавачки извештаи врз основа на весниците кои ги читал“. Германците најмени од американските шпионски агенции едноставно не биле добри разузнавачи, вели Года. Поради тоа, многумина од нив работеле како двојни агенти - и за Советите.

Klaus Barbie während des Zweiten Weltkrieges
Клаус Барби за време на Втората светска војнаФотографија: picture-alliance/dpa

Она што особено ги изненадило истражувачите, била слабата контрола на новите регрути која ја вршеле американските служби. Недостатокот на контрола довело до тоа да бидат регрутирани нацисти кои биле вмешани во големи злосторства.

„Таков е случајот од раните 1950-ти години, кога военото контраразузнавање го ангажирало лицето Херман Хефле, а тој бил десна рака на Одило Глобочник- австриски нацист и шеф на СС единиците, кој бил директно одговорен за убиството на околу 1 милион полски Евреи. „Значи тоа не бил некој опскурен офицер на Гестапо, туку висок офицер кој водел масовна кампања на истребување во Полска“, вели Года. Хефле бил регрутиран од САД со цел да собере информации за радикална десничарска група во околината на Минхен. „Фактот дека постоеле врски со ваков човек, кому подоцна му беше судено во Западна Германија, е неверојатен“, вели Года.

Опасноста пред моралот

Сепак, не треба да се избрзува со обвинувањата на сметка на САД, особено од аспект на денешните сознанија. „Во САД во тоа време постоеше генерално чувство на загрозеност“, вели за ДВ, Мика Брумлик, поранешен раководител на франкфуртскиот Фриц-Бауер Институт за истражување на Холокаустот. Прашањето за моралноста било на второ место зад перцепираната опасност од Советскиот Сојуз.

Joseph Raymond McCarthy
САД во прегратките на Макартизмот. Фото: Џозеф Рејмонд МакартиФотографија: AP

„Не треба да се заборави, периодот на т.н. Макартизам во САД во раните 1950-ти години, хистеријата и параноичниот страв од комунистите, и поради тоа немало воздржување да се регрутираат и криминалци за борба против овој неверојатно опасен противник“. И Брумлик и Года се скептични дека денес нешто се променило во светот на шпионите, од едноставна причина што дел од разузнавачката работа е да се соработува со сомнителни и компромитирани карактери.

„Лекцијата е дека треба повеќе да се знае за сопствените извори“, вели Года. „И доколку работат за тебе, тие вистински не работат за тебе“, вели тој, упатувајќи за пример на американската инвазија врз Ирак во 2003 година, кога разузнавачките податоци прогнозираа дека Американците во земјата ќе бидат пречекани со раширени раце.