1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама го зголемува притисокот врз Путин

Андреас Хорхлер (ард) / Е.М.Фиданоска30 јули 2014

По ЕУ, и САД повторно ги заострија санкциите против Русија. Новите казнени мерки треба целно да погодат клучни бранши на руската економија, изјави претседателот Барак Обама.

https://p.dw.com/p/1CmAh
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Не сме во нова Студена војна“, одговори американскиот претседател Барак Обама на новинарско прашање, откако претходно ги соопшти новите санкции против Русија. Според Обама, се работи за специјален проблем, кој е поврзан со недоволната подготвеност на Русија да прифати дека Украина може да си го избере сама својот пат.

На проширената листа со американски санкции се ставени енергетската бранша, индустријата за оружје и банките. Досега беа воведувани санкции пред се‘ против индивидуи, а сега американското Министерство за финансии потврди дека се воведуваат казнени мерки против банката ВТБ, Московска банка и руската Земјоделска банка. Не смеат да се испорачуваат стоки кои може да послужат за вооружување, а се стопираат и кредити за зделки со Русија.

Санкциите, оцени Обама, веќе сега се одразуваат на руската економија. Според него, се зголемува одливот на капитал од таа земја, а порастот е речиси нула. Русија, а особено Владимир Путин, имаат и натаму можност да придонесат за деескалација на состојбата во Украина. Вратата за дипломатско решение е отворена, рече американскиот претседател.

„Суверена, независна Украина, не претставува закана за Русија“, рече Обама. Русија, меѓутоа, според американскиот претседател, по соборувањето на малезискиот авион и натаму ги поддржувала сепаратистите, ги снабдувала со оружје и не презела ништо за разјаснување до крај на трагедијата од 17. јули.

Новите европски санкции, според Обама, се јасен знак дека Европа е на крај на своето трпение, особено по соборувањето на малезискиот авион и дека веќе не сака да верува на убавите зборови на Путин по кои не следуваат дела.