1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарите бараат целосна примена на судската практика од „Стразбур“

Катерина Блажевска27 октомври 2014

Практиката на Судот во Стразбур не се користи доволно во Македонија поради непознавање на прецедентното право како правен извор, вели д-р Мирјана Лазарова-Трајковска, судија во Европскиот суд за човекови права.

https://p.dw.com/p/1DcXQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Неколку години по ред, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од Стразбур, преку превод на своите судски одлуки ја прави достапна европската судска практика за македонските судии и обвинители. На полиците на македонското судство веќе се наоѓа обемно искуство од одлучувањето на „Стразбур“ во однос на повредата на Европската Конвенција за човекови права (ЕКЧП). Пред една година беше промовирана „Збирка на пресуди на Европскиот суд за човекови права, по членот 10 - слобода на изразување“, а деновиве и „Водич за членот 5 од ЕКЧП“, како и „Извештај од истражувањето за позитивните обврски согласно со член 10 од ЕКЧП“.

Конвенциското право е дел од Програмата за континуирана едукација на судиите и јавните обвинители во Македонија. Но, и покрај ваквата стручна помош од Судот во Стразбур, постои перцепција дека во Македонија малку се следи, а уште помалку се применува праксата на ЕСЧП. Во што е проблемот - во обуката, во недостигот од волја или во политички влијанија врз судството? Д-р Мирјана Лазарова-Трајковска, судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур има одговор на ова прашање.

„Не мислам дека политиките влијаат на малата примена на практиката на Судот во Стразбур. Повеќе се работи за непознавање на прецедентното право како правен извор. Иако во последните десетина години нашите судови почна да се повикуват на пресуди на Судот во Стразбур, практиката на ЕКЧП се‘ уште не е доволно користена. За разлика од други земји, на студиите на правните факултети нема посебен предмет кој би ја изучувал практиката на Судот во Стразбур. Ми се чини дека постои неминовна потреба од попродлабочен пристап во потребата од внесување на судската практика, не само во обуките и тренинзите на судиите, обвинителите, туку и на студиумите на правните факултети“, вели Трајковска.

Фокус“ надвор од европската практика

Одлуките на судиите кон повредата на членот 10 од ЕКЧП - слобода на изразување, со години го окупираат интересот на новинарите во Македонија, кои повеќе време поминуваат на судски рочишта, отколку на своите работни задачи. Дали преводите на европските судски одлуки им помогнаа на македонските судии да ја применуваат практиката на ЕСЧП, кога станува збор за тужби против новинари за клевета и навреда? Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, смета дека во последните две години има подобрување, за разлика од периодот кога клеветата беше третирана во Кривичниот законик.

„Сега граѓанскиот суд се обидува да создаде нова судска практика базирана на практиката на Европскиот суд за човекови права и во најголем број случаи во првостепените одлуки судот се повикува на практиката на ЕСЧП. Порано, само сме можеле да сонуваме новинар да биде ослободен од одговорност за клевета, затоа што заштитувал јавен интерес, поттикнувал дебата, немал зла намера или се однесувал согласно со професионалните стандарди. Сите овие принципи ги има во нашиот граѓански закон и тоа не‘ охрабрува дека сме на добар пат да создадеме судска практика која е европска“, оптимист е Селмани.

Според податоците на ЗНМ, пред да се декриминализира клеветата, во кривичните судови имало 325 активни тужби против новинари, а сега ги има околу 50, од кои во првостепено одлучување околу 20 се во прилог на новинарите.

Naser Selmani
Насер СелманиФотографија: Petr Stojanovski

Но, Селмани со жалење констатира дека овој добар впечаток го расипува пресудата против неделникот „Фокус“, кој треба да плати вкупно 9.000 евра (нематеријална штета и други трошоци), по тужбата за клевета од директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

„Таа одлука е апсолутно неправедна и не се базира на нашиот закон и практиката на ЕСЧП. Во овој случај има отстапување од практиката што досега ја применуваше Судот. Чудно е како може истиот суд, дури истиот судија за слични ситуации да одлучува различно. Ние се сомневаме дека ова отстапување не се должи на незнаење на судијата, туку на тоа што како тужител се јавува носител на моќна јавна функција. Не велиме дека тужителот вршел притисок врз судот пред да се донесе одлуката, но изгледа дека поради самиот факт што директор на тајната полиција тужи новинар, Судот не собрал доволно храброст да ја одбие неговата тужба.

Значи, имаме нова судска практика која е во прилог на новинарите, но тоа не важи за случаи кога новинар е тужен од носител на висока јавна функција. Тоа за нас е неприфатливо. Судската практика од Стразбур вели дека носителите на јавни функции треба да имаат повисок праг на толеранција кон јавни критики“, укажува претседателот на ЗНМ.

Protest Journalisten in Mazedonien
Протести на новинарите во Скопје (11.06.2012)Фотографија: MIA

Во времето кога клеветата се сметаше за кривично дело, највисоката изречена казна против новинар беше 335.000 денари глоба и 25.000 евра за нематеријална штета (плус други трошоци), во случајот „Црвенковски против Младенов“. Сега највисокиот надомест за нематеријална штета против уредникот е 5 илјади евра, во случајот „Мијалков против 'Фокус'“.

„Иако сегашниот надомест изречен против уредникот на 'Фокус' е седум пати помал од оној во случајот на 'Црвенковски против Младенов', сметаме дека надомест од 5 илјади евра за македонски услови е превисок и предизвикува негативен ефект врз слободата на печатот. Непропорционалните надоместоци за клевета Европскиот суд во Стразбур ги смета за сериозно прекршување на слободата на изразувањето согласно со членот 10 од Европската конвенција за човекови права“, предупредува Селмани.

Партизирана практика

Хелсиншкиот Комитет за човекови права со внимание ги следи судските одлуки поврзани со повреда на членот 10 од ЕКЧП. Според Уранија Пировска, директорка на ХК, ЕСЧП е дециден дека јавните личности поради функцијата која што ја вршат, треба и мора да бидат подложни на поостра критика.

„Тие одат понатаму и велат: Државите се тие кои преку своите институции треба да ги заштитат новинарите кои могу често се жртви на насилство. Ако постои ефективен систем и суд кој што ќе одлучува согласно со јуриспруденцијата на ЕСЧП, немаше да имаме ситуација новинари да бидат казнети затоа што не сакале да го дадат изворот на своите информации. Немаше да имаме пресуда како оваа против 'Фокус'. Ние немаме ефективно судство, а имаме доминантна извршна власт, која што тоа го покажа на 24 декември 2012 година. Франк Ла Ру, специјалнот претставник на ОН, говорејќи за случајот на Томислав Кежаровски истакна дека не е доволно да се има соодветна законодавна рамка, кога имате партизирана и политизирана практика. Проблемот е покомплексен и е поврзан со сите состојби во кои власта ги користи институциите на системот за постигнување на свои политички цели, го злоупотребува законодавството и го креира според своите потреби. Таков е случајот со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, како и со Законот за медиуми“, вели Пировска.

Mazedonien Justiz Amtsgericht
Ние немаме ефективно судство, а имаме доминантна извршна власт, оценува ПировскаФотографија: Petr Stojanovski

Но, денес не се само во фокусот на вниманието т.н. традиционални медиуми. Во Судот во Стразбур влегуваат предмети поврзани со интернетот. Д-р Мирјана Лазарова - Трајковска, објаснува каква е судската практика на Европскиот суд за правата на човекот - во однос на слободата на изразување и интернетот.

„Интернетот ја трансформираше слободата на изразување во отворен подиум на кој секој со одговарачка техничка поддршка, независно од неговата професија, од познавањето на јазикот, на материјата за која пишува и без посебно уредување или лекторирање на текстот може да се вклучи во одредена дебата со целиот свој интегритет и идентититет или пак анонимно под псевдоним. И Судот во Стразбур не остана имун на овие дебати кои полека но сигурно ги отвораат прашањата за надлежноста на Судот, за приватноста и слободата на изразување. Надлежноста на Судот се врзува со суверенитетот на државите членки и од тие причини генерално таа е географски определена. Случаите со интернет покренуваат прашања кои ги минуваат границите на територијалната надлежност во ситуации кога жалителот е лоциран во земја во која немало жалбена постапка за повреда направена преку интернет. Оценката на Судот е дека тоа е прашање на кое, применувајќи ги принципите на приватното меѓународно право, одговор треба да дадат прво надлежните национални судови“.

Во повеќе случаи досега Судот во Стразбур прифатил дека ќе биде надлежен по конкретен предмет поврзан со интернет, ако се утврди дека можната повреда на Конвенцијата може да и‘ се припише на некоја од земјите членки на Конвенцијата или дека таа била сторена во нејзини рамки.

„Во спротивно, критериумите за отфрлање на жалбата како ratione personae или ratione loci ќе бидат применети согласно практиката на Судот. Сепак, досега мал е бројот на предметите поврзани со интернет на кои Судот имал можност да го разработи прашањето за надлежноста во сите негови спорни аспекти“, вели Трајковска.

Europäischer Gerichtshof für Menschenrechte Archiv 2013
Во повеќе случаи досега Судот во Стразбур прифатил дека ќе биде надлежен по конкретен предмет поврзан со интернет, ако се утврди дека можната повреда на Конвенцијата може да и‘ се припише на некоја од земјите членки на Конвенцијата или дека таа била сторена во нејзини рамкиФотографија: picture-alliance/dpa

Помош од ИРЗ

Имајќи ги предвид сите проблеми и дилеми, јасно е дека од македонските судии и обвинители се очекува темелно проучување на европската судска практика и она што е најзначајно - нејзина примена. За зајакнување на капацитетите во оваа насока, свој придонес дава и германската Фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ). Манифестацијата, на која беше презентиран судскиот „водич“ на ЕСЧП, меѓу другото, е дел од активностите на ИРЗ, кои од 2000 година се спроведуваат од Германската сојузна Влада, со средства на германското Министерство за надворешни работи од германскиот придонес кон Пактот за стабилност за Југоисточна Европа. Во рамките на овие активности ИРЗ редовно објавува правни публикации на македонски јазик. Во 2013 година, во соработка со Европскиот суд за човекови права, излезе од печат еден практичен водич, кој може да биде од корист при составувањето на жалбите до Европскиот суд за човекови права. Покрај тоа, ИРЗ редовно го издава и списанието „Европско право“ на македонски јазик.