1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови санкции против Русија од ЕУ

К. Јансен / Б. Георгиевски1 септември 2014

Досега се работи само за закани, но ЕУ би можела наскоро да ги прошири економските санкции против Русија. Иако санкциите со месеци се заоструваат, Москва останува на својата политика во Украина.

https://p.dw.com/p/1D4nd
Фотографија: picture-alliance/dpa

По самитот на ЕУ изминатиот викенд, британскиот премиер Камерон накусо ги резимираше заклучоците: „Однесувањето на Русија во Украина е неприфатливо. Во Европа тоа го научивме од сопствената историја. Тоа мора да има последици“.

Но, шефовите на држави и влади на ЕУ сѐ уште не одредиле какви ќе бидат последиците. Европската комисија треба во рок од една недела да ги преиспита можностите за дополнителни санкции. Германската канцеларка Меркел спомена ограничувања во финансискиот и енергетскиот сектор. Исто така би можела да се прошири и листата на личности на кои ќе им бидат блокирани сметките во ЕУ и кои нема да можат да влезат на нејзина територија.

Тристепен модел

Долго време ЕУ се концентрираше на тристепен модел на санкции кој беше донесен на мартовскиот самит. Најпрво беа запрени разговорите за натамошно приближување меѓу ЕУ и Русија, потоа и преговорите за безвизниот режим за руските граѓани. Суспендирани се и разговорите за економски договор. Потоа Русија беше исклучена од некои меѓународни тела како што се Г8, а откажани се и руско-германските меѓувладини консултации.

Brasilien Merkel Putin Treffen 13.07.2014
Ангела Меркел и Владимир ПутинФотографија: picture-alliance/dpa

Вториот степен на санкции донесе забрана за влез на територијата на ЕУ и блокада на банкарските сметки за 95 лица, Руси или Украинци, за кои се смета дека ја дестабилизираат Украина. Исто така, уште 20 фирми и организации веќе немаат пристап до своите сметки во ЕУ.

Долго најавуваниот трет степен на санкции, кој опфаќа економски мерки, делумно, веќе извесно време е во сила. ЕУ им го отежна пристапот на руските банки до пазарот на капитал. Покрај тоа, во сила е и ембарго на увоз на оружје. На списокот на забрана е и специјалната техника за експлоатација на нафта и гас. Русија на тоа одговори со забрана за увоз на месо, овошје, зеленчук и млечни производи од ЕУ.

Спорно е што донесоа досега овие три чекори. „Санкциите се важни, но сега мораме да видиме какво влијание тие имаат на промената на руското однесување“, изјави холандскиот премиер Марк Руте во Брисел. Многу земји-членки на ЕУ со месеци размислуваат како најдобро да го отсечат руското стопанство од западните пазари, а притоа да не бидат и самите тешко погодени од мерките. Притоа се надеваат дека Русија веќе нема да може да си го дозволи ангажманот во Украина. За да се постигне таа цел, економските санкции мора дополнително да се заострат.

Повеќе водечки руски банки би можеле да бидат исклучени од берзанскиот промет и од останатите финансиски пазари. Исто така, санкциите би можеле да се однесуваат и на акциите и хартиите од вредност на оние фирми кои се важни алки во финансискиот, енергетскиот и одбранбениот систем на Русија. Сметката е едноставна: доколку тие фирми немаат пристап до западните финансиски текови, ќе и‘ се обратат на руската држава, што пак, ќе го оптовари рускиот државен буџет.

Изолацијата како фикс-идеја?

Еден интерен документ кој им беше предочен на шефовите на држави и влади на ЕУ поаѓа од тоа дека овие санкции до таа мерка ќе ја изолираат Русија од меѓународниот пазар, што ќе мора да попушти. „Другите извори како Швајцарија, Сингапур, Јапонија или Хонг Конг можат да бидат само делумна алтернатива. Тие не можат во целост да ја надокнадат загубата на инвеститори од ЕУ и САД“, се наведува во документот.

Putin und Jinping Konferenz CICA in Shanghai
Дали Кина ќе профитира од санкциите? Путин и Ши во ШангајФотографија: picture-alliance/dpa

Други експерти имаат поинакво мислење. Токму Кина би можела да го искористи овој судир меѓу Русија и Западот. Мориц Рудолф, експерт од институтот за Кина „Мерикс“, вели дека Пекинг веќе профитира од санкциите и дека би можел, во недостаток на западна конкуренција, да ја пополни празнината. Германската индустрија веќе со месеци предупредува дека кинеските конкуренти им ги освојуваат тендерите во Русија. Во моментов, Русија увезува 17 отсто од производите од Кина. Тоа е поголем увоз отколку од која било друга земја и е повеќе од вкупниот увоз од САД и ЕУ. Сѐ на сѐ, сега не може да се предвиди дали економските санкции ќе го имаат посакуваниот ефект.