1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови санкции од ЕУ кон Русија

БГ/афп/ап/миа29 јули 2014

ЕУ попладнево усогласи нови, посеопфатни санкции против Русија, поради поддршката на конфликтот во Украина. Борбите во Украина сѐ пожестоки. Се затвора кругот околу Доњецк.

https://p.dw.com/p/1ClzC
Фотографија: AFP/Getty Images

Европската унија денеска усвои дополнителни, проширени економски санкции против Русија, надевајќи се дека тие ќе ја натераат Москва да ја смени својата политика во Украина, соопштија извори во ЕУ.

Новите мерки ги надминуваат претходно воведените визни ограничувања и замрзнување на сметки, и предвидуваат сеопфатни рестрикции на финансискиот, одбранбениот и енергетскиот сектор на Русија. Според непотврдени информации, на списокот на санкциите се нашле и нови, блиски соработници на рускиот претседател Владимир Путин, како и бизнисмени на кои им е забрането работење во ЕУ.

Пропаднат обид за истрага

Австралиските и холандските истражители се откажаа и во третиот обид да го посетат местото каде што се урна малезискиот авион во источна Украина. Тимот не отпатувал на местото на несреќата поради интензивирањето на борбите во тој дел од земјата, соопштија австралиските власти. Официјален Киев соопшти дека меѓународните експерти ќе добијат можност да работат на местото на несреќата на малезискиот патнички авион дури откако ќе ја вратат контролата над таа територија.

Таа територија е се’ уште под контрола на проруските сепаратисти, а во изминатото деноноќие агенциите јавуваат дека во целиот регион се водат жестоки борби.

Жестоки борби на истокот на Украина

Најмалку 19 цивили од кои пет деца се убиени во жестоките судири во источна Украина во офанзивата на силите на прозападната влада во Киев, кои четврти месец се обидуваат да воспостават целосна контрола над источните региони кои се во рацете на проруските бунтовници.

Ukraine Luganskaja Zerstörung
Последици од борбите во ЛуганскФотографија: picture-alliance/dpa

Украинските сили се обидуваат да ги потиснат проруските сили во големите градови кои се под нивна контрола - Доњецк и Луганск. Потврдени се информациите од понеделникот вечерта дека во гранатирањето на украинската армија врз градот Горловка загинале 14 цивили, од кои 5 се деца, меѓу кои е и тричлено семејство со едногодишно бебе, додека во Луганск се убиен најмалку 5 цивили во гранатирање на дом за стари лица.

ОБСЕ денеска соопшти дека ќе размести набљудувачи во јужна Русија, кои ќе ги следат случувањата на руско-украинската граница. Првите членови на 16-члениот тим се очекува денеска да пристигнат во рускиот регион Ростов, каде најпрво ќе одржат состаноци со локалните власти.