1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови надежи за решение во украинската криза

К. Хаселбах/Б. Георгиевски23 август 2014

Се насетува мало придвижување во украинскиот конфликт. Два состанока од висок ранг најавени за следниве денови ја зголемуваат надежта за помирување со Москва. Колку се тие надежи реални?

https://p.dw.com/p/1Cz7O
Фотографија: picture alliance / Arco Images GmbH

Се работи за две иницијативи една по друга и на највисоко ниво: денеска (23.08.) германската канцеларка Ангела Меркел се очекува во Киев, каде ќе разговара со претседателот Порошенко и премиерот Јацењук. За првпат од почетокот на кризата, германската канцеларка ја посетува Украина. Посетата се случува да денот кога се одбележува 75. годишнина од пактот Хитлер-Сталин. Според европарламентарецот од редовите на ЦДУ, Михаел Галер, во рамките на посетата Меркел ќе укаже дека „денешна Германија никогаш повеќе нема да прави договори со друга европска земја, на штета на трета“.

Потоа, во вторник, во белорускиот главен град Минск треба да се одржи средба на претседателите на Украина и Русија - Порошенко и Путин. На состанокот ќе присуствуваат и лидерите на државите-членки на Евроазиската царинска унија, како и на ЕУ.

Самиот факт што средбата во Минск ќе се одржи е мала сензација само по себе. По последната средба на Порошенко и Путин на почетокот на јуни, борбите во Украина драматично ескалираа. Потоа ЕУ наметна уште потешки санкции против Русија. Состојбата се заостри на повеќе полиња. Оној кој очекуваше дека најавата за средбата ќе доведе до мало смирување на состојбата, длабоко се излажал.

Без големи очекувања

Аманда Пол, експерт за источна Европа во бриселскиот тинк-тенк „Европски центар за политика“ вели дека „никој не очекува драматичен пробив на двете средби, но важно е што комуникацијата постои“. Сомнежите во успехот постојат и поради самиот факт што двете страни имаат различни толкувања и за тоа, за што воопшто ќе се разговара во Минск: Порошенко очекува тема да биде стабилизацијата на безбедносната состојба во источна Украина, додека Путин, според неговиот портпарол, ќе се концентрира на влошената хуманитарна состојба.

Supermarkt in Moskau Thema Importstopp
Санкциите ги погодија супермаркетите во МоскваФотографија: DW/C. Bolwin

Претставниците на ЕУ во Минск ќе се обидат да ја дефинираат и подобро да ја објаснат улогата на Унијата: Комесарот за енергетика Етингер ќе се обиде да посредува во „војната за гасот“ меѓу Киев и Москва, која индиректно, бидејќи Украина е транзитна земја, ја погодува и ЕУ. Комесарот за трговија Де Гухт ќе го објаснува значењето на договорот за асоцијација со Украина, со кој се овозможува и слободна трговија. Тој ќе се обиде да и’ објасни на Русија дека договорот не само што не е насочен против неа, туку и дека Москва може добро да профитира од него.

Според Аманда Пол, учеството на состанокот на двете други земји-членки на Царинската унија - Казахстан и Белорусија, би можело да го олесни компромисот, затоа што тие имаат „поинакви очекувања од Царинската унија“, за разлика од Русија. Европратеникот Михаел Галер се надева дека Путин ќе сфати оти со своето однесување не само што и’ наштетува на сопствената земја, туку и на другите земји од Царинската унија.

Улогата на Меркел

Но, многу нешта ќе зависат од „подготовката“ со канцеларката Меркел во Киев. Таа сака да слушне на кој начин ЕУ може да помогне за стабилизација на Украина, но и што очекува за возврат од украинското раководство. Притоа Меркел ќе мора да ги „олади“ надежите на Киев за брз влез во ЕУ, а уште помалку во НАТО. Затоа што ЕУ, и покрај судирот со Москва, сака да најде излез од конфронтациите, а поблиската интеграција на Украина со Западот, не е патот дотаму. Оттука, опасноста од посетата на Меркел е дека Украинците имаат превисоки очекувања.

Merkel mit Putin und Poroschenko 06.06.2014 Benouville
Меркел со Путин и Порошенко во јуни годинава во ФранцијаФотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images

На улогата на Меркел, критички гледа европратеничката на Зелените, Ребека Хармс. Таа има впечаток дека Меркел во Украина се доживува како пријателски настроена кон Русија. „Заедничките фотографии на Меркел и Путин на Светското фудбалско првенство предизвикаа голема штета“. Во Украина сметаат дека „Германија секогаш дава поддршка за засилени санкции против Русија, дури откако ќе стане предоцна“. Хармс сепак ја поддржува посредничката улога на Германија, но, како и нејзиниот колега Гален, и таа посакува посилна улога на ЕУ како целина.