1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Новески - великан“

З.Јордановски/дпа/сид18 мај 2015

Новески го одигра последниот натпревар за Мајнц на домашен терен. Беше испратен со шпалир од соиграчите и признанија од клубот и навивачите. За менаџерот на клубот Кристијан Хајдел, Новески е „жива традиција на Мајнц“.

https://p.dw.com/p/1FR4u
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Со солзи в очи Николче Новески ја напушти големата бина. Единаесет години кај Фудбалското спортско друштво Мајнц 05 оставија трага во клубот. При победата над Келн со 2 спрема 0 Македонецот уште еднаш покажаа покажа што умее“, пишува агендијата ДПА во извештајот за натпреварот во Мајнц. „Неговите соиграчи стоеја во шпалир. Со многу солзи и срдечни зборови ФСД Мајнц 05 го прати Николче Новески во спортска пензија. ’Ти си жива традиција на Мајнц 05‘ му се обрати менаџерот Кристијан Хајдел на 36-годишниот Македонец, а големо мнозинство од 33702 гледачи го скандираа името на омилениот од сите, но постојано молчалив капитен на 05. При победата од 2 спрема нула во саботата против Келн во фудбалската Бундеслига, Новески на последниот натпревар на свој терен уште еднаш беше една од најзабележителните фигури. На крајот на сезоната, на гости кај Баерн Минхен, Новески би можел да го одигра 256. и последен прволигашки натпревар. ’Тој заслужи да се повлече како великан‘, рече тренерот Мартин Шмит и смета дека ова е вистинскиот момент за тоа“, извести ДПА.

Fußball 1. Bundesliga 1899 Hoffenheim gegen 1. FSV Mainz 05
Фотографија: Getty Images

Истата агенција му посвети уште еден, подолг текст на македонскиот интернационалец и повеќекратен репрезентативец.

„Мајнц 05 без Николче Новески останува без личност за идентификација. Во сите 9 години во Бундеслигата (две години Новески со Мајнц играше во Втората лига - н.з.) 36-годишникот беше поим за верност кон клубот, служеше како пример за углед и апсолутна доверба.

Николче Новески не се срамеше од солзите. Емоционалното проштевање сосем го омекна челично тврдиот одбранбен играч од Македонија. ’Многу ќе ми недостасувате сите вие овде‘, рече тој по неговиот последен натпревар на домашен терен како професионалец на 05. Единаесет години тој му даваше белег на клубот, со 255 настапи тој е рекордер на 05 во Бундеслигата. ’Во сите тие години дадов се’ од себе за напредок на тимот и на клубот. Мислам дека луѓето го сфатија тоа‘, изјави Новески. ’Понекогаш патиштата се разделуваат, но никогаш срцата‘, му се обрати претседателот на клубот Харалд Штруц на капитенот во заминување. На Новески му е сигурно местото во клупската историја. По голманот Димо Вахе, Мајнц ќе го именува и 36-годишниот Новески за почесен капитен. Во подготвителниот период за новата сезона фиксно е планиран и проштален натпревар“, известува ДПА. Агенцијата меѓутоа потсетува и на два неславни рекорда на големиот фудбалски борец: заедно со идолот на Хамбургер Манфред Калц се на чело на листата со по 6 постигнати автоголови, а Новески е осамен рекордер и со 2 автогола за само 132 секунди во натпреварот против Ајнтрахт од Франкфурт во 2005 година.

Nikolce Noveski Fußballspieler
Фотографија: DW

Агенцијата СИД, специјализирана за спортски информации, исто така му го посвети подолг прилог на заминувањето на Николче Новески.

„Кога во 87. минута со црвено светло светна број 4 и македонскиот џин со солзи го напушти теренот, партијата меѓу Мајнц 05 и Келн стана споредна работа“, се вели на почетокот од текстот. Потоа се цитирани неговите зборови за „единаесетте динамични години, во кои можев да играм носечка улога. За тоа сум многу благодарен“. Наведено е дека „клубот со големи емоции му се заблагодари на 36-годишниот играч со рекорден број настапи. Беше прикажано видео за Новески, во арената одекнуваше класичниот хит на Синатра ’Го сторив тоа на мој начин‘, колегите стоеја во шпалир, а навивачите развија транспарент на кој беше напишано ’О, капетане, мој капетане!‘. ’Беше нужно играчот да добие чувство колку го ценат во клубот‘, рече менаџерот Кристијан Хајдел, кој најави и проштален натпревар за Новески в лето: ’Тогаш ќе биде уште повеличествено‘.“

Fußball Bundesliga 9. Spieltag FC Bayern München vs. FSV Mainz 05
Фотографија: Reuters

Во текстот понатаму се пренесни и зборовите на Новески дека „секој ден со задоволство“ одел на тренинг и таму давал се’ од себе, иако во последно време морал да се задоволи најчесто со улога на резервист, што разбирливо „тешко го примал“. „И натаму е отворено што ќе биде во иднина со Новески. Хајдел има намера наредните недели да зборува со професионалецот за пример, за тоа дали би сакал да остане во клубот во некоја функција. Но, Македонецот побргу тендира кон тоа, да продолжи уште една или повеќе години во друг клуб: ’За тоа морам на мир да размислам. Физички се чувствувам фит. Тоа воопшто не е проблем‘“, пишува, покрај другото агенцијата СИД.