1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова комисија за нов полет во Европа?

Бернд Ригерт/превод: Б.Георгиевски23 октомври 2014

Новиот тим е избран. Сега, новиот претседател на Европската комисија Жан Клод Јункер ќе може да почне да работи. Најважна е економијата, но чуда не треба да се очекуваат, коментира Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1DZlW
Фотографија: Reuters/Yves Herman

Жан-Клод Јункер во политичка Европа важи за човек со најмногу врски. Тој ги познава сите, и сите го познаваат него. Со мнозинството важни политичари, овој демохристијански политичар, во последните 20 години лично се договораше и остваруваше компромиси. Во Брисел и во Стразбур е подолго од било кој друг.

Како долгогодишен шеф на еврозоната, добро ги познава и подемите и падовите на европската фискална и монетарна политика. Јункер не се плаши од „големите“ во ЕУ. На исто рамниште разговара и со францускиот претседател Оланд и со германската канцеларка Меркел. Тоа се одлучувачки претпоставки за големата задача која Јункер, кусо пред неговиот 60. роденден, ќе треба да ја започне.

Невозможна мисија?

Неговиот компромис гласи: да се инвестира, но без нови долгови. Неговиот е средниот пат, меѓу францускиот и германскиот. Веќе до крајот на годинава сака за таа цел да инвестира 300 милијарди евра. Тоа е и повеќе од амбициозна цел. Како планира да ја оствари, Јункер досега не откри. Новата Европска комисија треба да ја реиндустријализира Европа, без притоа да се откаже од своите социјални стандарди и целите за заштита на климата. Сето тоа мора да се случи и без нови долгови и без финансиски жртви од страна на даночните обврзници во одредени земји-членки. Успехот на Жан-Клод Јункер ќе се мери и според тоа, дали ќе успее да го премости големиот јаз меѓу Германија како кочничар за нови задолжувања и Франција и Италија кои би сакале и натаму да се задолжуваат. Тој самиот за себе тврди дека е „машина за компромиси“.

Жан-Клод Јункер, кој на почетокот се двоумеше дали да ја прифати функцијата, по европските избори и за време на летото собра доволно сили и енергија за полет кој може да му помогне да делува поверодостојно во однос на неговиот претходник Жозе Мануел Барозо. Португалецот премногу зависеше од конзервативните премиери, со други зборови, од германската канцеларка Ангела Меркел. Некои во Брисел се надеваат дека тој ќе биде новиот Жак Делор, легендарниот претседател на Комисијата кој во 80-те години поттикна големи и далекусежни реформи.

Сепак, ЕУ е денес далеку покомплексна отколку пред 25 години. Моќта на Европската комисија се намали во прераспределбата на надлежностите меѓу институциите. Советот, т.е. претставништвото на државите-членки, и Европскиот парламент денес можат далеку повеќе да влијаат врз Комисијата за разлика од тогаш. Јункер, секако, не може да делува независно од претседателите на држави или влади на земјите-членки, но тој може подобро да го искористи просторот кој му стои на располагање од Барозо.

Deutsche Welle Bernd Riegert
Бернд Ригерт

Одговор на европската скепса

Јункер притоа не е сам. Тој околу него собра 27 комесари, кои му ги испраќаат земјите-членки и кои имаат многу различни квалификации за новата работа. Претседателот сака да ја направи поефикасна работата на разновидната група, па затоа ангажираше и седум потпретседатели и оформи комплицирана структура на работни групи. Тоа е интересен експеримент, но никој не може да прогнозира дали ќе успее.

Жан-Клод Јункер може да се пофали со различни искуства, но и тој ќе мора да учи како се раководи со служба од 30 илјади луѓе од 28 земји. Долго време беше премиер на една малечка држава каде секој секого познава: Луксембург има 500 илјади жители. Сега е одговорен за 500 милиони жители на ЕУ.

Новиот претседател на Комисија ја има предност што е избран преку еден демократски процес на избори. Тој ќе се залага за намалување на бирократијата и ќе им објаснува на луѓето зошто им е потребна ЕУ. Со оглед на опаднатиот углед на ЕУ во многу земји-членки, тоа е неопходно. Вистинскиот тест за него ќе биде прашањето дали ќе успее да ја задржи Велика Британија во Унијата. Тој ќе мора да најде одговор на скепсата кон ЕУ не само во Велика Британија, туку и во Франција, Италија и Унгарија. Сигналите за тоа не се најдобри, затоа што и британската и унгарската влада веќе го отфрлија „стариот лисец“.