1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: разврска на кризата до крајот на јуни

Б.Георгиевски27 мај 2015

Лидерот на СДСМ очекува политичката криза во земјата да добие разрешница до крајот на јуни. Денеска презентирана нова „бомба“ која, според Заев, го прикажува „беззаконието на Груевски“.

https://p.dw.com/p/1FXEK
Фотографија: Petr Stojanovski

Никола Груевски од позиција на премиер најдрско влегол во невидено беззаконие, изјави на денешното претставување на 34-та т.н. „бомба“ лидерот на СДСМ Зоран Заев презентирајќи и ‘на јавноста снимки од наводни разговори меѓу премиерот и поранешни и се‘ уште актуелни министри и државни функционери.

Заев соопшти дека очекува разврска на политичката криза во земјата до крајот на јуни и ги повика САД и ЕУ да помогнат.

„До крајот на јуни очекувам дека се‘ ова ќе заврши, целата политичка криза. Има јасни сигнали за тоа од ЕУ и САД. Ќе испратат медијатори на преговорите и нема да дозволат да завлеземе длабоко во летото. Прерано е да кажеме дали ќе има избори. Но, некој мора да ни гарантира на сите дека Македонија ќе има фер и демократски избори, а тоа не може да биде Груевски. Ни треба преодна влада за да не‘ подготви за тоа“, рече Заев.

Обраќајќи се од бина пред зградата на Владата во Скопје, Заев побара оставка од Груевски. „Твојата оставка ја бара Република Македонија, ти си налогодавачот и ти си нарачателот на матните игри“, изјав Заев.

Во денеска објавените снимки, меѓу оние чии имиња се споменуваат во разговорите се и новоименуваниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и новиот директор на Бирото за јавна безбедност Горанче Савевски.

Од наводните разговори кои ги презентираше лидерот на СДСМ може да се заклучи дека премиерот Груевски лично се залагал да се урне Драмскиот театар во Скопје, а како што вели „земјиштето да си го продадеме“.

Во наводен разговор со екс-министерката за внатрешни работи Јанкулоска, Груевски бара и „да снема оригинално писмо“ односно комуникација од Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба која се однесува на сопругата на претседателот на државата Ѓорге Иванов, Маја Иванова. Како што наводно и‘ кажува Груевски на Јанкулоска, во Агенцијата бил избегнат скандал откако Иванова, која е вработена како советник, барала „да го смени директорот“, а и тој барал таа да биде сменета.

Дел од разговорите, според Заев, покажуваат дека по налог на Груевски неименуван бизнисмен од Неготино бил ослободен од санкции од повеќе институции затоа што бил донатор на ВМРО-ДПМНЕ и покрај тоа што во неговите цистерни биле пронајдени пет и пол тони црвена нафта.