1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ниска излезност поради незадоволство од политиката

Обработка: З. Јордановски14 април 2014

Претседателските избори во Македонија не останаа незабележани од германските медиуми. Досега доминираат извештаи за резултатите од првиот круг.

https://p.dw.com/p/1BhjN
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Германската новинска агенција ДПА нагласува дека и покрај убедливата победа, актуелниот претседател Ѓорге Иванов мора да оди во втор круг на изборите поради „компликуваниот и во меѓународна споредба необичниот изборен закон“. Агенцијата нагласува и дека „излезноста на гласачите достигна нов негативен рекорд. Во првите коментари тоа се припишува на незадоволството од политиката во сиромашната балканска земја“. Најавувајќи дека по 14 дена претстои втор круг на претседателските, заедно со предвремените парламентарни избори, ДПА најавува дека „се смета на јасна победа на националконзервативниот шеф на владата Никола Груевски. Владата ги контролира правосудството, управата и медиумите во земјата, кои, покрај Груевски, пред се’ масивно го поддржаа неговиот претседателски кандидат Иванов. Спроти изборите имаше гласна критика за, наводно од владата, манипулирани избирачки списоци. Со вчудовидување беше регистрирано дека во една земја со 2 милиона жители има речиси 1,8 милиони луѓе со право на глас“. За предизвикувачот Пендаровски се вели дека морал „да излезе на крај со тоа дека уште е малку познат за пошироката јавност, оти опозиционите социјалдемократи во изминатите години постојано го менуваа водечкиот персонал. (...) Програмски двајцата се разликуваат првенствено во однос на спорот со соседот Грција. Атина од пред повеќе години го блокира кандидатот за ЕУ и НАТО поради таканаречениот спор околу името. Укажувајќи на својата истоимена северна провинција, Грција бара поранешната југословенска република да мора да си го смени името. Додека Иванов застапува став на цврсто ’не‘, за Пендаровски се можни компромиси“, известува ДПА.

Агенцијата Франс прес, сервис на германски јазик, нагласува дека на претседателските избори се гледаше како на „тест за владеачката партија за парламентарните избори. Предизборната кампања (...) главно се вртеше околу мрачната економска состојба во осиромашената балканска земја“.

Јавните телевизиски сервиси АРД и ЦДФ вчера информираа за изборите во информативните емисии и на видео-текст функцијата. АРД во централната информативна емисија во 20.00 часот даде поширок прилог илустриран и со актуелен видео материјал од вчерашното гласање. Информацијата беше дополнета и со податоци за економската состојба на земјата, а во тој контекст и за, како што овде го означуваат, спорниот проект Скопје 2014.

Deutschland Symbolbild deutsche Presseschau Presse
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Млада демократија во слободен пад“

Со таков наслов „Берлинер цајтунг“ објави обемен прилог пред претседателските избори, во кој се вели дека „незабележано од меѓународната јавност Македонија се’ повеќе оди кон диктатура“. По 2 недели „пак ќе се избира парламент, по четврти пат за осум години“. Но, „постојаната предизборна борба нема никаква врска со демократија. Таа повеќе служи за трајна мобилизација“. Наведено е дека откако е на власт ВМРО ДПМНЕ, двојно е зголемен бројот на државни службеници. „Ако секој од во меѓувреме околу 200 илјади службеници донесе (покрај својот, н.з.) само уште еден натамошен глас, партијата повторно ќе успее“. Се зборува и за неправилностите забележани уште кај комуналните избори, за „застрашувања, па се’ до терор: вработените во претпријатијата речиси здружено гласаа за ВМРО, откако претходно беа посетени од даночни иследници и добија закани со отпуштања ако бидат непослушни“.

Македонија доживеа „надежни времиња“ кога во 2005 година доби кандидатски статус, а „параметрите покажуваа нагорен тренд и почетокот на преговори се чинеше дека е само прашање на време. Но, Грција стави вето. (...) Прва последица на понижувањето беше предизборна борба полна со емоции, која ја крена ВМРО на власт. Оттогаш постојано скалесто работите одат надолу. (...) Комесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе веќе не гледа излез. Пет пати последовно тој му предложи на Советот конечно да почне со пристапни преговори. Пет пати Атина рече не. Ако службениците од Брисел ги применат истите мерила по прашањата за демократија и правна држава како и за другите земји-кандидатки, тогаш веројатно нема да има шеста препорака за преговори. Но, Брисел тогаш би го загубил и последното средство за притисок и Македонците би останале сами со своето ВМРО и со нивниот за власт гладен премиер. Покрај тоа, на есен достасуваат за враќање високи рати од кредити - пазарот на капитал на партијата ќе и’ ја поднесе на плаќање сметката за нејзината голема програма за купување гласови. Изборите така доаѓаат токму навремено“, се вели на крајот од текстот на авторот Норберт Мапес-Нидек, објавен во „Берлинер цајтунг“.