1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц не носи нов предлог за спорот за името

БГ/миа28 јули 2014

Посредникот во деценискиот спор меѓу Македонија и Грција денеска пристигна во Скопје каде, во следните два дена, ќе оствари средби со државниот врв. Потоа продолжува за Атина.

https://p.dw.com/p/1CkkS
Фотографија: MIA

Не носам нов предлог за името, изјави посредникот во разговорите за спорот за името, амбасадорот Метју Нимиц, кој денеска пристигна во Скопје, во рамки на новата рунда разговори со властите во Македонија и Грција.

„Не носам нов предлог, но имам идеи“, рече Нимиц, кој околу пладне стигна во Македонија.

Тој посочи дека официјалните средби со државниот врв ќе ги има утре, а денеска се можни неформални средби. Според соопштението на ОН, Нимиц ќе престојува во Македонија, денеска и утре, а ќе замине на средби во Атина на 30 и 31 јули.

„Целта на средбите е да се интензивираат разговорите под покровителсто на ОН насочени кон изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за спорот за името“, пишува во соопштението на ОН.

Нимиц во Скопје прв пат ќе се сретне со новиот претставник на Македонија во спорот за името и амбасадор во САД, Васко Наумовски, кој е именуван на функцијата со одлука на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов. Во изјава за програмата „Гласот на народот“ посредникот на ОН во разговорите за спорот за името, минатата недела изјави дека овој пат очекува голем напредок на средбите со државниот врв во Скопје и во Атина.

Медијаторот изјави дека очекува и добра соработка со новоименуваниот преговарач за името, амбасадорот Наумовски, како што имаше и со неговиот претходник Зоран Јолевски.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во пресрет на посетата изјави дека нема најава оти медијаторот Нимиц ќе донесе нов предлог. Со иста оценка излегоа и дипломатски извори во Грција, пренесе Катимерини.