1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц во Македонија

ЕМФ/миа/дв28 јули 2014

Посредникот на Обединетите Нации во спорот околу името Метју Нимиц денеска во Македонија ќе води нова рунда разговори за можно решение на проблемот.

https://p.dw.com/p/1Cjjj
Фотографија: picture-alliance/dpa

Обединетите Нации соопштија дека Метју Нимиц во Македонија ќе престојува денеска (28.07) и утре, по што заминува за Атина.

„Целта на средбите е да се интезивираат разговорите под покровителсто на ОН насочени кон изнаоѓање на заемно прифатливо решение за спорот за името“, се вели во соопштението на ОН.

Нимиц во Скопје првпат ќе се сретне со новиот претставник на Македонија во спорот за името и амбасадор во САД, Васко Наумовски, кој е именуван на функцијата со одлука на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов.

Во изјава за програмата „Гласот на народот“ посредникот на ОН во разговорите за спорот за името, минатата недела изјави дека овој пат очекува голем напредок на средбите со државниот врв во Скопје и во Атина.

„Ќе поминам две деноноќија во Скопје и во Атина со државниот врв на двете земји, на кој се надевам на заемно прифатливо решение за спорот околу името“, потенцира Нимиц.

Медијаторот изјави дека очекува и добра соработка со новонаименованиот преговарач за името Наумовски, како што имал и со неговиот претходник Зоран Јолевски.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во пресрет на посетата изјави дека нема најава оти медијаторот Нимиц ќе донесе нов предлог.

Грчкиот портал „Катимерини“ вчера во текст посветен на надворешната политика на Грција напиша дека во врска со прашањето за името на Македонија постои „една чудна мобилност“.

„Според грчки дипломатски извори, Нимиц нема да донесе никаков нов предлог. Сепак, интересот кој Европа го покажува во последно време за Западен Балкан ги загрижува грчките дипломати, кои ја нагласуваат посетата на италијанската министерка за надворешни работи Федерика Могерини како претседавач со ЕУ на Скопје, каде најави конкретни чекори за прашањето за името, но и интервенциите на Меркел во ова прашање“, коментира „Катимерини“.