1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ние и страдањата на другите

Фолкер Вагенер/превод:ЗЈ27 март 2015

Ние сме беспомошни, колективно занемени. Зошто толку не погодува страдањето на семејствата на 150 жртви од падот на авионот? Оти смртта дојде толку ненадејно и оти загинаа и деца, смета Фолкер Вагенер.

https://p.dw.com/p/1EyHG
Фотографија: DW/J. Walter

Тага - мал збор за едно чувство кое се’ друго го прави ништожно. Се’ со што токму се занимаваме, што до пред само неколку моменти не онерасположувало. Одеднаш сето избледува, го снемува. Се’ е е поинаку, не зафаќа срам. Ситници од баналностите на секојдневието не ужаснуваат. Чувство кое настапува во момент. Стануваме свесни за површноста, минливоста на животот. Тагата всушност доаѓа подоцна, кога вчудовиденоста, беспомошноста ќе преминат во тивка замисленост за моќта на судбината. На тагата и’ претходи шок.

Блиски и далечни катастрофи

Зошто толку не погоди смртта на 150 луѓе кои не ги познававме? Зошто повеќе се потресовме отколку за споредбена катастрофа некаде на друго место во далечниот свет? Погоденоста произлегува од блискоста. Она што се случува околу мене повеќе ме интересира, отколку се’ што ширум светот е предизвикано од човечка рака, од природата или од судбината. Тоа е човечки, тоа е вродено во нашата психа. Меѓу жртвите има сонародници, има деца. Тоа ја исфрла од рамнотежа нашата секојдневна рутина.

Меѓу 150-те загинати има две бебиња. Во нас тоа ги буди вродените заштитнички инстинкти. Уште повеќе не погодува смртта на цел клас гимназијалци. Мајките и татковците со текот на годините на своите ќерки и синови им дадоа толку многу љубов, подршка, заштита, што наскоро ќе можеа со голема сигурност да ги пуштат да зачекорат самостојно во светот на возрасните. Да зачнеш и да донесеш на свет дете, потоа да го израснеш и воспиташ, за потоа да го загубиш поради човечко потфрлување (човечки фактор?) - или технички дефект, каприц на природата... се’ едно - тоа е најголемата катастрофа што може да му се случи на еден човек.

Deutsche Welle Volker Wagener Deutschland Chefredaktion REGIONEN
Фолкер ВагенерФотографија: DW

Часови кога е нужна утеха

Кога си на работ од животната бездна добро е да имаш некого крај себе, кој се обидува да ти помогне - роднини, соседи, колеги, но и професионални утешители - психолози, терапевти, свештени лица. Блискост и сочувство изразуваат и симболите на општеството: знамиња на половина копје, траурен флор на дресот на спортистите, комеморација за жртвите во парламентот. Не мора да ја одобруваме посетата на политичари на местото на катастрофата, оти тоа не ни го намалува страдањето, па сепак, општествената солидарност е важна.

Точно е и дека народната мудрост, оти времето ги лечи сите рани, не секогаш се потврдува. Вообичаената реченица во моменти на лична катастрофа, дека животот мора да продолжи, повеќе зборува за нашето рационално општество насочено кон постигнувања, во кое се’ мора да оди понатаму, се’ едно што и да се случи, отколку што на засегнатите им дава потпора и помош. Има удари на судбината кои и во иднина остануваат она, што биле и во моментот на несреќата: безмилосност на животот, што ние не можеме да ја промениме.