1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нејасни причини за рударската несреќа во Украина

Ф. Лукеит/бг5 март 2015

По експлозијата во рудникот за јаглен во источна Украина, и натаму нема прецизни информации за бројот на жртвите, а нејасни се и причините за несреќата. Рудникот е во регионот каде се војува

https://p.dw.com/p/1ElNz
Фотографија: Reuters

Тие чекаат и се надеваат на добри вести- роднините на рударите во рудникот Сашјадко. Несреќата се случи рано утрото околу 6 часот и 30 минути. Силна експлозија на гас го потресе рудникот за јаглен. Стотици рудари успеаја да побегнат од окното, но десетици се‘ уште се водат како исчезнати.

„По експлозијата знаеме каде се наоѓаат луѓето, но не и во каква состојба се“.

Повеќе од 200 рудари во тој момент се наоѓале во окното. Една четвртина од нив биле во непосредна близина на експлозијата.

Рудникот Сашјадко се наоѓа на територијата под контрола на сепаратистите, во близина на Доњецк. Тука се прашуваат проруските бунтовници. Конфликтот со украинската влада ја оневозможува и помошта.

„На располагање имаме четири воени спасувачки единици. На украинска територија има вкупно две целосни, а третата во Лвов е некомплетна. Оттука, тука има повеќе од доволно луѓе и опрема за спасување луѓе. Не ни е потребна дополнителна помош“, вели Алексеј Кострубицки, министер за вонредни состојби на сепаратистичката територија.

Експлозиите на метан не се реткост во рудниците во Донбас. Само во Сашјадко од 1999 година загинале стотици луѓе. Повеќе од половината од украинските рудници во меѓувреме се под контрола на сепаратистите. Затоа владата во Киев ги сопре сите субвенции за овие рудници. Недостигаат пари, особено кога се работи за безбедноста. Рударите во случајов ја плаќаат сметката за тоа.

Рударска несреќа во Украина