1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нехумани услови за работа во Катар

Џенифер Фрацек/Б. Георгиевски23 април 2014

Ниски надници, сексуално малтретирање и насилство, без слободни денови-бројни жени домашни работнички во Катар се малтретирани на работните места, соопшти Амнести интернешнл.

https://p.dw.com/p/1BmQl
Фотографија: AP

Минатата година, извештаите за смртоносни инциденти и нехумани услови за работа при градежните активности за Светското фудбалско првенство во Катар, предизвикаа големо меѓународно внимание. Но уште една група мигранти- работници во Катар се соочува со слични проблеми, јави организацијата Амнести интернешнл. Во денеска објавениот извештај, организацијата фрла светлина на условите во кои работат домашните помошнички во Катар.

Во серија интервјуа, жртвите раскажуваат за хорор-ситуација: екстремно ниски плати, 100-часовни работни недели, без паузи и слободни денови, понижувања и насилство од страна на работодавците.

„Работните услови се многу тешки за домашната испомош“, вели Регина Спетл, експерт на Амнести за Катар.

Повеќе од 130 илјади странци- мнозинството од Јужна и Југоисточна Азија, работат во Катар како чистачи, готвачи, бејбиситери, возачи и градинари. Околу 84 илјади од нив се жени, а останатите мажи. Тие работат за Катарци, европејци, американци, азијци и африканци.

Human Rights Watch - nepalesische Arbeiter in Katar
Непалски работници во КатарФотографија: Sam Tarling

Сведочења за силувања и напади

Во извештајот „Мојот сон е мојата пауза“, Амнести интернешнл интервјуирал 52 домашни помошнички во периодот од октомври 2012 до март 2013. година. Од организацијата разговарале и со властите, особено со претставници на министерствата за внатрешни работи и за труд, како и со амбасадите на земјите на потекло на работничките. Жените чии сведочења се поместени во извештајот, раскажуваат дека биле тепани, влечени за коса, фрлани по скали. Една жена од Индонезија имала рани од нож и изгореници од пегла кои и биле нанесени на градите. Три жени велат дека биле силувани.

„Обвинувања за силување ретко се поднесуваат бидејќи жените стравуваат дека тие ќе бидат видени како престапници наместо насилниците“, вели Регина Спетл. „Најчесто ги обвинуваат дека се однесувале непристојно“.

На милост на работодавците

Иако примерокот од 52 жени е можеби нерепрезентативен, Спетл вели дека приказните на жените се релевантни и значајни. Таа проценува дека речиси половината од странските работници во Катар се предмет на некакви злоупотреби. Нивните матични амбасади добиваат десетици поплаки секоја недела. Катарската фондација за борба против трговијата со луѓе регистрирала меѓу 200 и 300 телефонски поплаки месечно во текот на 2013. година.

Regina Spöttl, Katar-Expertin von Amnesty International
Регина СпетлФотографија: privat

Агенциите ги регрутираат работниците во нивните матични држави, претставувајќи им лажна слика за она што ги очекува во Катар. Мигрантите најчесто не можат ни да ги прочитаат своите договори, кои најчесто се напишани на арапски јазик. Тие немаат ниту слобода на движење, затоа што законски му припаѓаат на својот „спонзор“.

„Преку законот за спонзорство, тие се оставени на милост на работодавците“, вели Спетл. На странските работници им е забрането да го менуваат работното место или да ја напуштаат земјата без дозвола од спонзорите, вообичаено главата на семејството во кое се сместени. Доколку се обидат да заминат или да најдат друга работа можат да се соочат со кривичен прогон.

Постојат закони во Катар кои го ограничуваат работното време и гарантираат право на одмор, но тие закони не важат за домашната испомош.

Катар ветува подобрување

Амнести и други групи за заштита на човековите права побараа од катарската влада да им овозможи заштита на домашните работници, и да го укине или реформира системот на спонзорство. Жените кои бегаат од своите работодавци, не треба да бидат третирани како криминалци, а домашното насилство треба да се казнува, велат од Амнести.

WM Baustelle Katar
Фотографија: picture-alliance/dpa

Веќе подолго време разни организации протестираат до властите во Катар и во другите заливски земји поради условите во кои живеат и работат странските работници, но нема реакција од другата страна. Дури и по откривањето на катастрофалните работни услови на градежните објекти за Светското првенство во фудбал, катарската влада не презема никакви драстични промени.

„Катарската влада едноставно го удвои бројот на инспекторите кои ги посетуваат градежните објекти и проверуваат дали се спроведуваат трудовите закони“, вели Спетл. Иако Организацискиот комитет на ФИФА наложи работни услови, тие се спроведуваат само на работниците кои работат на објектите за СП во фудбал.

Во одговорот на документот за злоупотребите на работниците на Амнести, катарската влада ветува дека ќе ги подобри условите за странските домашни работници. Но, досега не се преземени никакви конкретни мерки.