1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проповедање на конвертираните

Михаел Книге/превод:бг4 март 2015

Оспоруваниот говор на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред Конгресот не ја помрдна напред дебатата за можен договор со Иран. Наместо тоа, од Израел направи тема за меѓупартиска пресметка во САД

https://p.dw.com/p/1Ekgv
Фотографија: Getty Images/A. Wong

Наводната цел на говорот на Бенјамин Нетанјаху пред Конгресот беше да ги предупреди законодавците во САД на опасноста од потенцијално „лошата идеја“ на администрацијата на Обама и пет други меѓународни партнери да се согласат на договор со Иран за неговата нуклеарна програма.
Но во таа цел има само еден проблем. Доколку постои една институција надвор од Израел која е подготвена да стори сѐ за Обама да не направи погрешен договор со Иран за нуклеарната програма, тогаш тоа е токму Конгресот во Вашингтон контролиран од републиканците. Тоа беше евидентно уште на самиот почеток од громогласниот аплауз кој израелскиот премиер го доби кога влезе во законодавниот дом.
Но поддршката за Израел, за неговите интереси и тензичната безбедносна состојба традиционално е многу силна во обете американски партии- долго пред Нетанјаху да стане премиер. Кога станува збор за Израел сѐ уште постои- што е реткост денес во Вашингтон- широк политички консензус кој ги надминува партиските линии.
Па затоа, дури и пред одлуката на Нетанјаху и на републиканскиот лидер во Конгресот Џон Бенер еднострано да го заобиколат Барак Обама и да му дозволат на премиерот да се обрати во Конгресот без консултации со претседателот, многу републикански и демократски законодавци јасно ставија до знаење дека ќе се спротивстават на секој договор со Иран кој нема да се осврне на легитимните безбедносни грижи на Израел. Нетанјаху, кој е добро запознаен со политиката во САД, секако го знае тоа.

Deutsche Welle Michael Knigge
Михаел КнигеФотографија: DW/P. Henriksen

Шлаканица в лице

Затоа говорот на Нетанјаху за опасноста од лош договор и предупредувањата кон режимот во Иран беше проповед кон веќе конвертираните. Но беше и повеќе од тоа. Тоа беше и политичка шлаканица, не само за Барак Обама на негов домашен терен, туку и за американските законодавци. Од повеќе причини, говорот на Нетанјаху беше контрапродуктивен. Како и што се очекуваше, тој не понуди никакви аргументи за иранската нуклеарна програма кои досега не сме ги слушнале од него и од други пред него.
Игнорирајќи го тоа дека конечниот договор и неговите детали се далеку од договорени, Нетанјаху во повеќе наврати инсистираше дека САД можат да добијат подобар договор со Иран. За жал, Нетанјаху пропушти златна можност да претстави нови идеи, или да исцрта план напред кон постигнување таков „подобар“ договор во пракса. Тоа навистина ќе ја придвижеше дебатата напред. Наместо тоа, Нетанјаху ги повтори вообичаените забелешки за лош договор, го повика Конгресот да биде остар кон Техеран и оцени дека предвидениот договор само ќе му го отвори патот на Иран кон бомба.

На крајот, оценките на Нетанјаху го подрија она што и самиот го најави на самиот почеток на говорот, дека Израел треба да остане над политиката. Фактот што претседателот Обама, потпретседателот Џо Бајден и 57 пратеници на демократите одбраа да не го следат говорот на Нетанјаху е знак дека барем засега Израел станува и меѓупартиски проблем. А тоа дефинитивно не може да биде во интерес на Израел.