1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нерегуларноста на изборите води кон бојкот на резултатите?!

Катерина Блажевска23 април 2014

Ако продолжат изборните нерегуларности, „сите опции се отворени“, најави лидерот на СДСМ, но аналитичарите се скептични дека бојкотот на резултатите може да донесе нешто добро.

https://p.dw.com/p/1BmQj
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Непризнавањето на изборните резултати од страна на СДСМ како Дамоклов меч виси над вториот круг од претседателските и парламентарните избори во Македонија, кои ќе се одржат в недела, на 27-ми април. Таква одлука немаат донесено органите на опозициската партија, но според нејзиниот лидер, Зоран Заев, ако продолжат изборните нерегуларности, „сите опции се отворени“. Ваквата можност тој ја навести и вчера, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конеренцијата од која најави кривична пријава за премиерот Никола Груевски во случајот „Македонска банка“.

„Првиот круг покажа дека изборите не се фер, ниту демократски, ниту има фер-шанса опозицијата да победи. Ако заклучно со 27-ми април се потврди дека дрскоста и безобразието на власта продолжува, секако дека сите опции се отворени. Ние немаме одлуки на органи и тела на партијата, за тоа, кои се тие други опции. На сите им е јасно дека ние до последен момент даваме шанса, каква што дававме целиот овој период со преговори и договори за Изборниот законик, со потпишување кодекси и изјави за фер и демократски избори, со испраќање недвосмислени и јасни иницијативи и предлози до нашите поддржувачи. Ако тоа не е овозможено, опозицијата нема ни намера ни право да алиментира режим во неговото натамошно опстојување“, рече Заев.

Бојкотот во 1994. година

Во дведецениската историја на самостојна Македонија, само еднаш се случи бојкот, но не на изборните резултати, туку на вториот круг од изборите. Тогашните лидери на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија (ДП), Љубчо Георгиевски и Петар Гошев, поради забелешки за изборни нерегуларности и големи фалсификати ги бојкотираа изборите, по што во наредните четири години се самоосудија да функционираат како вонпарламентарна опозиција. Георгиевски во една прилика изјави дека тој потег бил погрешен, а Петар Гошев и денес вели дека тоа било единственото решение.

„Немавме друг избор. И од денешна дистанца повторно го мислам истото. Секако, тоа ни предизвика штета. ДП ја немаше во парламентот, но ќе ја немаше и ако учествувавме на изборите и му дадовме легитимитет на изборниот фалсификат. На ВМРО-ДПМНЕ бојкотот не му наштети. Напротив, на следните избори убедливо победи“, објаснува Гошев.

Според аналитичарите, нерегуларности какви што се случувале во 1994 година не треба да се повторуваат во 2014, бидејќи по две децении нормално е да се очекува дека демократските стандарди, политичката свест и култура, но и функционирањето на институциите треба да бидат на многу повисоко ниво. Петар Гошев, не е сигурен дека денес бојкот на избори или изборни резултати, би предизвикал некаков ефект.

„Мислам дека сега е доцна за се‘. Прво, СДСМ многу наивно, со акламација ги прифати измените на Изборниот законик, а со тоа не ги смени причините за изборни нерегуларности. Тие знаат дека нерегуларностите не се случуваат исклучиво на денот на изборите, туку многу пред тоа. Се задоволија да нема сечење ленти 20 дена пред изборите и да не се земаат кредити пред избори од меѓународни финансиски институции. И што менува тоа? Ништо. Пред изборите се прават финансиските обврски, а ќе се плаќаат по изборите, кога ќе се земе кредитот. По првиот круг изјавија дека се случува системска кражба, а не доставија ниту еден приговор до ДИК. А претходно не мислеле на многу работи: ни како ќе функционира јавниот сервис на МРТВ, ни како на национални телевизии некој може да го закупи целиот простор за политичко претставување...Затоа, мислам дека е доцна. Опозицијата со бојкот може да влезе во тешка фаза, во уште поголема криза. Меѓународната заедница не се вознемирува многу, а тоа веќе го видовме по настаните од 24 декември кога инсистираа да се направи извештај, но да не се утврдува одговорноста“, потсетува Гошев.

Zoran Zaev, Vorsitzender der Partei SDSM
Лидерот на СДСМ Зоран Заев најави: сите опции се отворениФотографија: Petr Stojanovski

Нешто радикално

За разлика од Гошев, Љубчо Георгиевски денес не е ни „за“ ни „против“ бојкот, но смета дека нешто порадикално мора да се преземе, иако ни самиот не е сигурен што би било тоа.

„Кога Бранко Црвенковски ја туркаше таа работа со отпорот и бојкотот, јас бев некако воздржан. Не сакав да поверувам дека може да се случат толку големи фалсификати. Но, се‘ повеќе се соочувам со сознанија дека има шема за крадење гласови, најмногу со гласачите кои се во странство, со починати лица, со гласачи од згради со непостоечки влезови и станови. Само преку овие случаи може да се украдат околу 60.000 гласови. Да не зборувам колку може преку притисоци и уцени. Човек едноставно се чувствува немоќен да се бори против вакви нерегуларности. Не знам дали бојкот на изборите или непризнавањето на изборните резултати е некакво решение. Но, дефинитиво треба нешто радикално да се преземе. Тоа сигурно дека ќе привлече меѓународно внимание, бидејќи премногу заштитничката политика на Филе кон оваа влада, доведе до создавање ваков систем кој сега продуцира проблеми. Ако не се направи нешто од надвор, тешко дека ќе излеземе од овие состојби“, вели Георгиевски, кој учествува на парламентарните изборите со неговата ВМРО-Народна партија.

Аналитичари и новинари блиски до опозицијата во повеќе наврати јавно го застапуваат ставот дека бојкотот на изборите или непризнавање на резултатите е единствен логичен чекор, поради масовното фалсификување на волјата на гласачите и непостоење на услови за фер-натпревар. Оние блиски до партијата на власт, пак, велат дека е срамно да се размислува за каков било бојкот, откако опозицијата ги прифати измените на Изборниот законик, во кој биле имплементирани сите нејзини забелешки, а таа најавила подготвеност за учество на изборите.

Капацитет за бојкот

По првиот круг од претседателските избори, и во албанскиот политички кампус проструи најава дека опозициската ДПА би можела да ги бојкотира парламентарните избори. Ваквата најава остана „под тепих“, откако партискиот лидер Мендух Тачи на средба со премиерот Груевски побара заштита од изборниот терор на ДУИ, за „да не се случи голема беља на 27 април“. Добил ветување дека ќе функционираат сите инструменти на правната држава за да се реализира фер изборен процес, па таа тема сега е „ад акта“.

Mazedonien Präsidentschaftswahlen 2014 Wahlplakate
Фотографија: ROBERT ATANASOVSKI/AFP/Getty Images

Според аналитичарот Алајдин Демири, во сегашната ситуација опозицијата нема капацитет за бојкот.

„Изборите покажаа многу различности во сфаќањето на политиката од страна на партиите. Се организираа вонредни избори затоа што тоа и‘ одговара на власта, сметајќи дека опозицијата е неконсолидирана, а без да се даде отчет во каква криза е Македонија. ДПА прво најави бојкот на претседателските избори, а потоа предложи кандидат. ДУИ побара консензуален кандидат, а потоа негласање за кандидатите, што ниту е бојкот, ниту политички гест, туку некаква кавга меѓу партнерите на власта, притоа, строго водејќи сметка да не ги пречекорат границите, бидејќи пак треба да следи партнерство. Во ваква состојба опозицијата нема капацитет за бојкот на изборите, затоа што бојкотот се подготвува, се најавува и се образложува зошто се прави. Евентуалниот пораз не може да ги стави во состојба на бојкот. Единствена можност за бојкот може да биде корупциската афера за Груевски, во смисла ако не реагираат органите. Но, тоа повеќе би довело до непризнавање на изборниот резултат, отколку бојкот. Непризнавањето на изборните резултати би довело до сериозна криза во Македонија, затоа што долгото владеење на ВМРО-ДПМНЕ ќе се стави под сомнение, би се обелоденила злоупотребата на власта и изборните победи би се делегитимирале. Во ваква состојба би ескалирале и меѓуетничките тензии“, прогнозира Демири.

Но, има и поинакви мислења. Поранешниот македонски амбасадор во ОБСЕ, Арсим Зеколи, смета дека веќе не е прашање дали опозицијата има капацитети или способности.

„Бојкотот не е добра опција ниту од политички ниту од демократски аспект. Но, во сегашните околности, бојкотот треба да се искористи како аларм и последен апел за амбисот над кој е надвисната Македонија“, порача Зеколи.

Според опозицијата, дали и каков чекор ќе преземат тие, не зависи од нив. За тоа ќе „реши“ власта, според начинот и условите во кои ќе се спроведат изборите в недела.