1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ненси Ратјбол ја преживеа еболата

Ричард Вокер / Превод: Е.М. Фиданоска10 октомври 2014

Мисионерката Ненси Рајтбол се инифицираше со ебола во тек на работењето во Либерија. Преживеа благодарение на експерименталниот лек ZMapp, кој и‘ беше даден по враќањето во САД. Рајтбол за ДВ ја раскажа својата приказна.

https://p.dw.com/p/1DSyp
Фотографија: D. Writebol

ДВ: Ве молам, опишете го моментот кога во Либерија првпат почувствувавте дека сте болна.

Ненси Рајтбол: Прво се чувствував како да имам маларија. Имав само висока температура, немаше други симптоми. Направив тест за маларија, нашиот лекар тоа го направи и бев позитивна на маларија. Отидов дома и земав лекови против маларија. Дома останав четири дена, се одморав и пиев лекови. Во саботата се‘ уште не ми беше добро. Нашиот лекар рече: „Ненси сакам да направам тест за ебола. Не мислам дека е ебола, тие немаш други симптоми, но така ќе ги олабавиме и другите.“ Направија тест и вечерта ги добивме резултатите кои покажуваа дека сум позитивна.

Вашата состојба стана многу сериозна. Дали бевте при свест поголемиот дел од времето?

Повремено ја губев свеста. Сопругот Дејвид рече дека имало денови кога сум станувала и сум разговарала со него и сум јадела малку. Јас се сеќавам на нешто, но не се сеќавам на многу работи. Се саќавам дека многу спиев и се сеќавам колку деновите беа мрачни и врнежливи. И се чувствував многу, многу слабо. Не можев да станам сама, така што лекарите и сестрите мораа да ми помагаат. Секој ден се‘ повеќе губев сила. Беше многу тешко.

Во рамки на лекувањето го добивте експерименталниот серум ZMapp. Вие бевте една од само шест лица кои го добија лекот. Чувствувате ли внатрешен конфликт поради тоа?

Не во тааа смисла. Со оглед на тоа што лекот беше експериментален, прашањето што си го поставував беше - сакам ли да земам експериментален лек? Имаше момент кога му се јавив на д-р Кент Брентли (колегата кој исто така се зарази со ебола) и разговаравме за тоа, затоа што тој тоа го има студирано. Јас прашав: „Ќе го земеш ли лекот?“, а тој одговори: „Не сум сигурен.“ Јас реков: „Ако не го земеш ти, нема да го земам ни јас.“ Значи, јас тогаш повеќе се прашував „ОК, има експериментален лек, но никој не го тестирал. Каков ќе биде ефектот?“ Но потоа си мислев како би било ако го земам лекот, ако се чувствувам подобро би било супер. А ако го земам и не преживеам е исто така ОК, бидејќи можеби и онака нема да преживеам. Умот ви минува низ сите овие различни дилеми околу тоа што ќе се случи.

На почетокот на август со приватен авион бевте префрлени на лекување во САД, во болницата Емори во Атланта. Што од патувањето Ви е останато во сеќавање?

Кога ме ставија во авион и му реков довидување на Дејвид, се прашував дали ќе го видам повторно. Бев многу, многу болна и лекарите не знаеја дали воопшто ќе го преживеам летот. Се сеќавам на лекарот или сестрата која се грижеше за мене, кој ме стави во авионот. Пред да ме врзат во авионот, тој ги стави рацете околу моето лице и рече: „Ненси, те носиме дома. Ќе се грижиме навистина добро за тебе.“ Се сеќавам дека за време на летот бев многу, многу жедна. Бев дехидрирана. Се сеќавам само на местата каде што слетувавме.

USA Ebola-Überlebender Nancy Writebol
Ненси Рајтбол во разговор со Ричард ВокерФотографија: DW/R. Walker

Почнавте да се опоравувате...

Се саќавам на денот кога лекарот дојде и рече: „Ненси, критичниот момент помина.“ И тој ми рече дека ќе преживеам, дека дел од моите тестови не покажуваат веќе присуство на вирусот на ебола. Јас само реков: „Фала му на Бога!“. Беше возбудливо време, се сеќавам дека си мислев: „Ќе го држам моето ново внуче!“. Беше навистина убаво да се знае дека ќе преживеам и ќе можам да си ги видам децата и Дејвид повторно. Сосема се менува начинот на размислување за одредени работи и луѓе и за она што ќе го правиш натаму во животот. Бев многу, многу благодарна. Знам дека беше лекот, ZMapp, дека беше негата, трансфузијата на крвта, но за сето тоа Господ помогна, помогна да бидам спасена. Го знам тоа и многу сум благодарна.

Дали луѓето беа загрижени кога се вративте во секојдневниот живот?

Имаше некои луѓе кои ме препознаваа и не сакаа близок контакт. Првиот пат кога тоа ми се случи, бев погодена. Кога истото се случи по вторпат, си помислив на нашите браќа и сестри во Либерија кои се третирани на ист начин. Така е особено со здравствените работници, чии семејства велат: „Не доаѓај дома. Оди на друго место.“ Или тимовите за погребување, чии семејства не сакаат да им се враќаат дома затоа што се плашат од ебола.

Како преживеана имате извесен степен на имунитет на вирусот. Дали би отишле повторно во Либерија да помагате?

Би можела да отидам, но лекарите ми рекоа дека ако се вратам ќе мора сепак да носам заштитна облека, што е многу важно. Тие не знаат колку долго трае имунитетот или колку е тој силен. Да се вратиш е важна работа, но исто така мислам дека е навистина важно да се биде дел од платформата, од тоа да се зборува и да се подигне нивото на свест за тоа што се случува со оваа криза во Западна Африка. Сето тоа со цел да се направат вакцини, да има серум, така што ако еболата повторно се врати, да има и помош за Африка.

Интервјуто го водеше соработникот на ДВ Ричард Вокер, Шарлот, Северна Каролина