1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема позитивни изненадувања од Брисел за Македонија!

Силвера Падори-Кленке18 декември 2014

И овој декември, заседанието на Европскиот совет нема да донесе ништо ново за Македонија: нема да има дискусија за шестата препорака на Комисијата и за грчката блокада, а со тоа ниту датум за пристапните преговори!

https://p.dw.com/p/1E6Nt
Фотографија: Reuters

Европскиот совет денеска и утре нема да расправа за проширувањето на Унијата. Како што дознава ДВ од владини кругови, дискусиите за проширувањето за годинава се завршени со расправата на европските шефови на дипломатиите во Советот за општи работи. Или кажано со други зборови, нема да има позитивни изненадувања во случајот со Македонија и добивањето датум за отварање на пристапните преговори со ЕУ.
За Mакедонија, ова е старо, познато и веќе видено сценарио во купот новини во работата на Европскиот совет, кој има нов тим, со нов претседател кој се залагаат за новини во работењето. Ова се гледа пред сѐ во конкретните и куси заклучоци во Нацрт документите. Оние што се однесуваат на проширувањето и земјите од Западен Балкан, кое останува и во иднина политичка задача на Унијата, треба да се усвојат без расправа на шефовите на држави или на влади. Инаку, на дводневното заседание ( 18 и 19 декември) на кое претседавачот со Европскиот Совет Доналд Туск ќе ја има својата премиера, работата ќе биде концентрирана на задачите на ЕУ за наредните години - инвестициониот пакет на Јункер кој треба да обезбеди економски пораст, зголемување на конкуренцијата и отворање работни места. Од надворешно-политичките теми на денешната работна вечера теми се Украина и Русија.

Инаку, од извори во претставништвото на Европската комисија во Берлин, ДВ дознава дека во врска со проширувањето, Европскиот совет ќе ги прифати заклучоците кои се донесени во Советот за општи работи, во чиј дел четири конкретно се однесуваат на Македонија, а во чие формулирање имало прилично дискусии. Поточно, 15 земји членки на ЕУ, по шестата препорака на Европската комисија, инсистирале Европскиот совет на Македонија да и додели датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Одлуката, меѓутоа ја сопреле Грција и Кипар. Сепак, благодарение на притисокот на повеќе држави предводени од Велика Британија, Словенија, Полска, во заклучоците се успеало да се вметне формулацијата со која се овозможува Европскиот совет да се наврати на препораката на ЕК за Македонија во кое било време во текот на наредната година, а не како што инсистирала Грција - по октомврискиот извештај за напредок во октомври 2015 година.

Позитивни и критички пораки!

„Од она што се слуша во Брисел навистина не е предвидено да се понуди отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Дури и заклучоците кои се однесуваат на Македонија ќе бидат прилично куси“, коментира за ДВ Душан Рељиќ, раководител на бриселското биро на германската Фондација за наука и политика.
За Македонија Европскиот совет во завршниот документ ќе ги прифати четирите заклучоци кои ги дефинирал Советот за општи работи. Во нив, на пример се подвлекува дека Европската Унија е задоволна што пристапувањето во ЕУ е на врвот на стратешките приоритети на Македонија. Но, како што забележува Рељиќ се наведени и критики за актуелните проблеми во Македонија: се’ поголемото политизирање на државните институции, се’ поголемите пропусти во сферата на судството и медиумите, пришто се посочува дека доколку овие работи не се поправат, реформите во Македонија кои досега се остварени, нема да може понатаму да се оддржат. Токму затоа, ДВ прашува: не носи ли ваквата блокада поголеми тешкотии во спроведувањето на реформите во Македонија?
„Европската комисија очигледно е свесна дека ситуацијата во Македонија на внатрешен план се влошува. Во нацрт заклучоците за Македонија истотака стои дека е неопходно брзо да се делува во решавањето на проблемот околу името меѓу Скопје и Атина, дека овој проблем останува најважен за целокупната ситуација во регионот, што значи и решението до кое треба да дојде со преговорите - треба да биде за обете страни прифатливо. Ова, секако не се нови изјави од Брисел и на извесен начин го потврдуваат фактот дека во овој момент, нема некоја посебна динамика во однос на Македонија. Мој впечаток е дека појасно од порано, се изразува и критиката кон внатрешните состојби во Македонија. Како што се дознава во Нацртот на резолуцијата стои дека е неопходно меѓу владата и опозицијата да дојде до конструктивен политички дијалог и дека одговорноста и на владата и на опозицијата е политичките дебати да ги водат во прв ред во парламентот. Значи, треба да се создадат услови Собранието добро да функционира. Исто така ЕУ смета дека мора да се зголеми и довербата во меѓуетничките односи и брзо да се стави крај и да се направи еден вид ревизија во однос на примената на Охридскиот договор, по што препораките од таа анализа, брзо би требало да се операционализираат“, подвлекува Рељиќ.

Блокадата останува!

Искуството од билатералните спорови во Европа, покажува дека кога Унијата сака нешто да разреши - успева! Примери за ова има повеќе: почнувајќи од поранешниот спор меѓу Словенија и Хрватска, преку посредството на лејди Ештон во доближувањето меѓу Белград и Приштина, до октомвриската германско-британска иницијатива Босна и Херцеговина да тргне на европскиот пат.

Westbalkan Konferenz 05.11.2014 Berlin
Западен Балкан и проширувањето без расправа само во заклучоците на Европскиот совет.Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Dusan Reljic
Куси заклучоци за Македонија. Душан РељиќФотографија: DW

Зошто ЕУ не се вклучува во решавање на билатералниот спор меѓу Македонија и Грција, кога е јасно дека и по 20 годишни преговори со посредништво на медијаторот Нимиц, нема напредок?
„Основниот проблем е што институциите на Европската унија правно и политички се така конституирани што ако една земја членка на пр. Грција, стави вето, нема институционални можности ЕУ да се извлече од таквата ситуација. Кога своевремено Словенија ја притискаше Хрватска пред нејзиното вклучување во ЕУ, на крајот мислам дека значајна улога одигра американската интервенција. За Косово и Србија ситуацијата е таква што, тие не се во ЕУ, а и Белград и Приштина го истакнуваат членството во ЕУ како врвен приоритет. Сега е прашање до каде е стигнато и дали по изборите на Косово, тие преговори ќе ја имаат истата брзина и длабочина каква што ја имаа пред изборите“, образложува Рељиќ.
Значи ли ова дека поради институционалните проблеми на Унијата и грчката блокада Македонија останува на неопределен рок надвор од Унијата?
„Ова не можам да го предвидам! Но, за долга низа години, како е најавено, нема да има нови членства во ЕУ. Не само поради одредената одбивност на граѓаните на ЕУ кон новите проширувања, мотивирани од економските причини – стравуваат дека новите членки би биле дополнителен економски товар, туку и поради тоа што во земјите кандидати како Македонија, Црна Гора, Србија постојат уште бројни системски проблеми што се однесуваат на судството, на управувањето со државата, со економскиот систем, со медиумите. Проблем има и во политичката култура – треба да се прифати фактот дека и опозицијата и владата се легитимни и на крајот на краиштата, има повисоки цели како членството во ЕУ, кои се поважни за државата од самото постоење на владата и на опозицијата“, коментира за Дојче Веле Душан Рељиќ, раководител на бриселското биро на германската Фондација за наука и политика.