1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема многу време за Украина

Клаус Јансен/БГ22 април 2014

Состојбата во украинскиот конфликт мора да биде расчистена со помош на дополнителни набљудувачи на теренот, вели експертот за Источна Европа, Лиана Фикс. Без тоа, сите закани кон Русија се напразни.

https://p.dw.com/p/1BlsX
Фотографија: AFP/Getty Images

ДВ: Се чини дека состојбата во Украина не се подобрува. Очекувате ли натамошна ескалација на конфликтот?

Фикс: Шансите се 50-50. И покрај надежите, договорот од Женева не е првиот чекор кон де-ескалација. Обете страни различно го интерпретираат договорот и не постои јасност во однос на тоа кој што треба да имплементира, и кој е одговорен за набљудување на мерките.

ДВ: Кои сѐ групи играат улога во конфликтот?

Навистина постојат организирани групи на граѓани во источниот дел на земјата. Тие бараат поголема проруска ориентација на земјата. Но тие се помалубројни за разлика од Крим. Потоа, постојат исто така и вооружени формации, но тие најверојатно добиваат поддршка од Москва. На другата страна се националистичките групи во Киев: како на пример партијата Свобода. Нејзината популарност е во голем пад, според последните анкети. Дополнително, присутна е и екстремно радикалната Десен сектор, на која Москва и посветува големо внимание. Но не треба да се преувеличува нивното влијание. Корените на оваа група не се многу длабоки, и таа нема голема поддршка.

ДВ:Кои политички опции му стојат на располагање на Западот? Што може да се стори?

Сѐ уште е на располагање можноста за економски санкции кон Русија. Третиот степен на санкции треба да стапи во сила само доколку стане јасно дека Русија воено интервенира во источна Украина. Но, сѐ уште нема доказ за тоа. Мислам дека е важно да се испратат повеќе набљудувачи во Украина, за да се расчисти кој што прави на теренот и каква е поддршката меѓу локалното население. Главното прашање е од каде ја добиваат поддршката сепаратистичките групи? Апсолутни докази за вмешаност на Русија нема.

Liana Fix Expertin Deutsche Gesellschaft für Auswärtige Politik in Berlin
Лиана ФиксФотографија: Peter Himsel

ДВ:Каква улога ќе играат претстојните избори во земјата?

Претседателските избори на 25 мај ќе бидат одлучувачки за стабилизацијата на Украина. Досега владата во Киев беше обвинувана дека е нелегитимна. Но доколку дојде легитимен претседател на функцијата, тој ќе мора да биде прифатен како партнер во преговорите. Сега, прашањето е дали сепаратистите во источна Украина се заинтересирани за мирни избори или за избори воопшто. Шансите за победа на про-руски кандидат не се многу големи.

ДВ:Се покажува тешко да се одвојат фактите од фикцијата. Дали е тоа најголемиот проблем во Украина?

Има многу факти на теренот, но тие досега не се потврдени. Ниту еден авторитет не е во состојба без сомнеж да потврди дека трупите во Славјанск се руски граѓани. Новинарите помагаат да се расчисти состојбата, но тоа не е доволно. Колку подолго покажуваме воздржаност и не знаеме што се случува, толку полесно ќе биде за актерите на теренот да создадат фактичка состојба. Тоа веќе го видовме во Крим.

Колку подолго седиме и дебатираме дали војниците на теренот се Руси, им даваме сѐ повеќе простор на актерите на теренот. Тоа е добро позната игра на време. Но не смееме да дозволиме да мине премногу време затоа што може да се случи и во источна Украина да се креира ситуација, како претходно во Крим, од која нема враќање назад.

Ukraine Protest Pro Russland Donetsk
Проруски протести во ДоњецкФотографија: Reuters

Лиана Фикс е експерт во Германскиот совет за надворешна политика во Берлин. Во моментов работи на својата докторска теза за улогата на Германија во Европско-руските односи.