1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема каско осигурување против еболата

Фолкер Вагенер/превод: БГ20 октомври 2014

Илјадници луѓе веќе починаа од ебола во западна Африка. Во САД и во Германија веќе почна хистеријата поради неколку случаи на инфицирани лица. Тоа е многу цинично, смета Фолкер Вагенер

https://p.dw.com/p/1DYZi
Фотографија: picture-alliance/dpa/Larry W. Smith

Еболата е како климатските промени. Тие им се случуваат на други- во Бангладеш или во Австралија, видлива е низ поплавите или сушите во кои има илјаднадници жртви. Поради еболата во Германија владее паника. Она што се случува во далечните земји, буди страв и кај нас.

Катастрофите во Африка или Азија на тој начин не погодуваат и нас. Постои страв за сопствената егзистенција, нешто што се нарекува „германскиот страв“. Длабоко жалиме поради судбината на другите, но претерано се грижиме за сопствената судбина. Ние сакаме да држиме сѐ под контрола, и правиме сѐ за така и да биде, буквално сѐ. Имаме премногу потпишани осигурувања, нашето општество станува сѐ постаро, сѐ порано одиме во пензија и го „обликуваме“ сопствениот живот. Нашиот заштитен знак е менталитетот на каско осигурување. Со задоволство уште сега би се осигурале во случај на смрт од ебола. Параноично, зар не?

Знаењето е најсилно оружје

Секако дека овој страв во развиените земји има рационална позадина. Дилетантскиот однос кон заразениот патник во авионот, во најлош случај, во САД може да има за последица катастрофа каква што беше видлива на западот на Африка: експоненцијално ширење на смртоносниот вирус познат уште од 1976 година. Доколку нешто такво се случи во САД, тоа би била вистинска катастрофа.

Deutsche Welle Volker Wagener Deutschland Chefredaktion REGIONEN
Фолкер ВагенерФотографија: DW

Но, сепак не мора да биде така. Најважното оружје во борбата против еболата е знаењето за хигиената и заразните болести, заштитни одела и пред сѐ здрав разум- тврдат лекарите. Сето тоа постои на Западот! Накусо: стручно и организициски, Западот е подготвен за овој предизвик, но тоа малку вреди кога стравовите се од ирационална природа. Тоа предизвикува и парадоксални појави.

Смрт од банални болести

Години по ред во богатата Германија илјадници луѓе страдаат од банален грип, бидејќи не примиле вакцина против болеста. Возрасни умираат од детски болести како што се рубеоли, мали сипаници или заушки, и тоа затоа што заборавиле, или уште полошо, одбиле да се вакцинираат. „Народните болести“ како срцевиот инфаркт, мозочниот удар или алкохолизмот предизвикуваат многу помал страв, а тие се последица на нашиот начин на живот, од кој многу тешко се откажуваме.

Но ебола, тоа е нешто што предизвикува шок. И тоа затоа што доаѓа од Африка, од континентот кој во развиениот свет се поврзува само со војни, болести и катастрофи. Едвај некому да му паѓа на ум да и помогне на Африка во борбата против еболата, на пример преку доброволни прилози до хуманитарните организации кои се активни на лице место. Многу полесно е да се „негуваат“ сопствените стравови и да се шири паника. А тоа е бескрајно цинично со оглед на она низ што во моментов поминуваат жителите на западна Африка.