1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема граници за божјите воини

Ане Алмелинг/Б. Георгиевски1 септември 2014

Во Сирија и Ирак на страната на Исламската држава војуваат многу млади луѓе од Германија. Заминувањето во војна, но и враќањето од неа, им го олеснуваат отворените граници. Засега нема концепт за нивна ресоцијализација.

https://p.dw.com/p/1D4t2
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тој е млад, има турски корени, израснал во Хамбург како сосема нормален млад човек од северногерманската метропола. А потоа, како што објаснува Гулнур Чан, локална политичарка од Хамбург, тој млад човек дошол во контакт со салафистите. Оттогаш почнал да се менува. „Сето почна речиси безопасно“, се присетува Чан. Семејството предоцна забележало во какви кругови се движи нивниот син. „Тој почнал да го критикува облекувањето на своите сестри и се обидувал да им наредува како да се облекуваат. Потоа, одеднаш, на своето семејство почнал му да префрла дека се неверници, дека седат покрај телевизорот и набљудуваат како страдаат други невини муслимани“.

Во период додека останатите членови на семејството биле на одмор, тој се подготвил и заминал да им се приклучи на исламистите на Блискиот исток. Тој секако не е последниот кој и‘ подлегнал на пропагандата на радикалите: само од Германија досега околу 400 млади луѓе им се приклучиле на борците на Исламската држава во Ирак и Сирија, или на други исламистички групации.

Според информациите на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок, пет џихадисти од Германија досега на територијата на Ирак и Сирија извеле самоубиствени напади.

Пропустливи граници

Гулнур Чан и самата не можела да поверува што слушнала во германската амбасада во Анкара, каде заедно со членовите на семејството трагала по исчезнатото момче од Хамбург. „Германскиот амбасадор ни потврди дека сириската граница не се контролира и дека практично секој може да ја мине. Бевме шокирани“. Границата меѓу Турција и Сирија се протега на околу 900 километри, од кои поголемиот дел сочинуваат непристапни предели кои никој не ги контролира.

Bremens Innensenator Ulrich Mäurer
Бременскиот министер за внатрешни работи Улрих МојрерФотографија: picture-alliance/dpa

Ваквите граници за германските власти се двоен проблем. Прво, тие не можат да ги спречат младите луѓе да им се приклучат на терористите, а потоа, затоа што џихадистите без поголеми проблеми можат да се вратат назад во Германија.

„Никој не доаѓа директно од Сирија во Бремен“, вели покраинскиот министер за внатрешни работи Улрих Мојрер. Тој заедно со своите покраински колеги изминатите недели се обиде да го реконструира патот на младите исламисти до боиштата. „Младите одат во Турција и најчесто се мисли дека одат на одмор. Но, тие потоа ја минуваат границата“, вели Мојрер.

Притоа, постојат и практични проблеми. Лицата со германски пасош не можат да се вратат од граница. Исто така, тешко е да се утврди и дали некое лице учествувало во воени дејства или сторило некои злосторства.

Предизвик за безбедносните служби

Експертот за Блискиот исток, Михаел Лудерс, во исламистите-повратници гледа сериозен проблем за безбедносните служби. „Тие повратници мора будно да се следат. Тоа може да стане долгорочен проблем“, вели тој.

Но, постојат и поинакви примери. Имено, повратници кои се откажуваат од исламистичките уверувања. „Имаме искуство со извесен број лица кои се вратија и кои се подготвени да соработуваат со полицијата, и на тој начин да го спречат заминувањето на други луѓе“, вели Мојрер.

Irak islamischer Staat Kämpfer Januar 2014
Борци на Исламската државаФотографија: picture-alliance/AP Photo

Ула Јепке, пратеничка на Левицата, бара да се воведат програми за интеграција на повратниците-исламисти, за да се спречи тие да станат терористичка опасност. Идејата ја поддржува и Гулнур Чан. Таа смета дека голем дел од повратниците со себе носат и големи трауми. „Во случај да успеат да се вратат, тие мора да бидат подложени на психолошки третман“, вели Чан.

Таа апелира до семејствата кои се соочуваат со овој проблем да не се срамат и да не си припишуваат чувство на вина, туку да им се обратат на службите и јавноста, за да се избегне уште поголема катастрофа. Сеопфатен концепт за пристап кон поранешните џихадисти, во секој случај, засега недостасува.