1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Некои од ХИВ-вирусите се поопасни од другите

Бригите Остерат / Александар Методијев21 јули 2014

Мутирани ХИВ-вируси воопшто не се опасни, покажува едно актуелно истражување. Опасни се оние кои се блиски до оригиналот. Ова откритие можеби дава шанса за справување со вирусот.

https://p.dw.com/p/1Cg8f
Фотографија: picture-alliance/dpa

Предупредувањето е старо, но важно - секс без заштита секогаш е лоша идеја! Дури иако се чини дека не сите вируси кои предизвикуваат СИДА се подеднакво опасни кога ќе се најдат во организмот преку секретите на партнерот. За да се предизвика инфекција од ХИВ вирусот во целиот организам мора да ја совлада пречката што му ја претставува слузницата, да заврши во крвта и во човечкото тело да се размножи. Според една студија на Центарот за вакцини „Емори“ во Атланта, тоа им успева на малку вируси. Другите успеваат да нападнат неколку клетки, но не се рашируваат во организмот и не предизвикуваат инфекција.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека во просек околу еден процент од сите случаи се заразиле од својот ХИВ-позитивен партнер. При заедничкото користење на шприцови вирусот директно влегува во крвта и така има помалку бариери за надминување.

Колку посвежа инфекција, толку позаразно

„ХИВ-вирусот мутира како луд“, вели Џонатан Карлсон од „Мајкросов рисрч“ во Редмонд, Вашингтон, кој е автор на студијата. Некој кој е инфициран со ХИВ во себе има многу варијанти на вирусот. Преку постојано менување на својот генетски материјал, а со тоа и на неговата надворешна форма, вирусот успева одново и одново да побегне од човековиот имунолошки систем.

Bildergalerie Geschichte von HIV/AIDS
Повеќе ХИВ-вируси снимени со помош на електронски микроскопФотографија: picture-alliance/dpa

Но, според резултатите на студијата, овие мутирани вируси се помалку погодни за пренос во друг организам. Најсилни се оние варијанти на вирусот кои генетски најмалку се разликуваат од првобитниот вирус.

„Кај оној којшто само што се инфицирал ризикот да го зарази својот сексуален партнер е за 10 до 15 пати повисок отколку кај хронично инфоцираните, кои одамна го носат вирусот во себе“, објаснува раководителот на истражувањето Ерик Хантер. Ако некој е многу години инфициран со ХИВ, тогаш низ неговото тело има многу мутирани вируси, бидејќи тие долго време се обидуваат да побегнат од имуниот систем. Проблемот со новозаразените е што тие на почетокот воопшто и не знаат дека се ХИВ-позитивни. Затоа и само еден единствен незаштитен сексуален контакт може за некого да биде премногу опасен.

Aids-Aufklärung in Südafrika
Кондомот е најдобра заштитаФотографија: picture-alliance/dpa

Жените полесно се заразуваат

Научниците во текот на десет години следеле парови во Замбија, кај кои едниот партнер бил инфициран со ХИВ. И покрај свесноста за тоа како се пренесува инфекцијата, со текот на времето дошло до 137 заразувања. Научниците во овие случаи ги споредиле пренесените варијанти на вирусот со првобитната негова структура.

Притоа се потврдил еден познат факт - при незаштитен секс со ХИВ-позитивно лице, жените полесно се заразуваат отколку мажите.

„Ние ги интерпретираме нашите резултати на ваков начин што слузницата кај мажот е потешка за надминување во однос на онаа кај жената“, вели Хантер. Ако мажите имаат некаква инфекција во делот на гениталиите, тогаш бариерата од слузницата е ослабната и тие исто така лесно се заразуваат. Жените се заразуваат со мутирани вируси почесто од мажите.

Почетна точка за вакцини?

Научниците се надеваат дека нивните откритија ќе помогнат за подобра борба со ХИВ-вирусот.

„Нашиот клучен резултат од истражувањето е тој дека луѓето со посилно мутирани и притоа послаби вуруси помалку веројатно ги заразуваат останатите луѓе“, вели Карлсон. Се смета дека доколку се ослабне вирусот со вакцина или медикаменти, за да се намали веројатноста тој да се пренесе преку сексуален контакт, тогаш веројатно ширењето на вирусот би се намалило. Вакцините би можеле да го зајакнат имунолошкиот систем и да го принудат вирусот силно да мутира. Со овој метод не би можеле да се излечат луѓе, ама ќе може да се спречи инфицирањето на други лица.