1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најстарата социјална населба во светот

П.Нојбауер/ С.Недевски25 јули 2014

88 центи годишно и три молитви на ден. Тоа е киријата која ја плаќаат сиромашните потстанари за една куќа во населбата Фугерај во Аугсбург. Основана од Јакоб Фугер во 1521, Фугерај во меѓувреме e и туристичка атракција.

https://p.dw.com/p/1CfBV
Фотографија: Markus Siefer

Кога среде Аугсбург ќе се отвори оваа порта, тоа е како патување низ времето. Идилично место, иако всушност е настанато од нужда. Фугерај е најстарата социјална населба во светот и постои веќе 500 години. Герхард Шлих, во облека на тогашните ноќни стражари, денес доброволно се анагжира во Фугерај како туристички водич.

„Како прво го сакам Фугерај, а второ, ја сакам и историјата“, вели Шлих.

До денес повеќето од 67 куќи во населбата имаат индивидуални ѕвончиња, со кои некогаш луѓето и во темнина го пронаоѓале вистинскиот влез. А, и натаму важат старите правила за тоа кој смее да се всели во становите во Фугерај.

Fuggerei, Augsburg
Фотографија: Imago

„Јакоб Фугер одредил дека жителите треба да бидат aугсбуржани, католици и да имаат беспорекорен углед. Тој исто така одредил дека тоа мора да бидат луѓе кои недолжни западнале во неволја“, раскажува Герхард Шлих.

Јакоб Фугер во 1521 година ја основал населбата за сиромашните, како и приватната фондација од која до денес таа се финансира. Богатиот трговец сакал да стори добрина, но очекувал и дека тоа ќе му обезбеди место во рајот.

Сабине Дариус, вработена во Фугерај, објаснува: „Составен дел од киријата се три молитви дневно. Тоа на Јакоб Фугер му беше многу важно. Сакаше засекогаш да се кажуваат молитви за неговото семејство. И тоа функционира веќе 500 години.“

И сегашните жители на Фугерај мораат да кажуваат молитви и да ја платат некогаш утврдената кирија од еден рајнски гулден - тоа се околу 88 центи годишно. Кристине Тома е среќна што живее во еден од 140 станови, кои тешко се добиваат. „Тука едноставно се живее интегрирано, убаво. Светот е во ред, среде градот“, вели таа.

Фугерај одамна се претвори и во туристичка атракција. Годишно доаѓаат околу 200 илјади посетители.

„Тука сме со голема група Французи и сите сме многу фасцинирани“, вели една посетителка од Германија.

„Јас сум од Бразил. Вакво нешто како тука, за сиромашните во мојата земја би било рај“ , истакнува друга посетителка на Фугерај.

03.07.2014 DW Deutschland Heute DH_Fuggerei

Бројните туристи не ѝ пречат на Кристине Тома. Напротив, кој е љубезен, може понекогаш да го разгледа и нејзиниот дом.

„Мислат дека тоа се долни живеалишта, никаков конфор, ништо. А потоа сите се вчудовидени, секој е воодушен и можам да се обложам дека секој од нив понатаму раскажува за тоа“, вели Кристине.

Точно во 22 часот Герхард Шлих како ноќен стражар ја затвора портата. Пех за оној жител кој ќе дојде предоцна. Шлих објаснува и зошто: „Тој, како во Средниот век, мора да му плати мал паричен прилог на оној кој ќе му отвори.“

Сето тоа му ја дава на Фугерај оваа посебна атмосфера. Фугерај - сосем специфична социјална населба во Аугсбург.