1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најиновативните претпријатија во светот

Клаус Улрих / Елизабета М. Фиданоска29 октомври 2014

Нови идеи се постојано барани во светот на економијата, но сепак решавачки не е што ќе се смисли, туку како тоа ќе се реализира во нови производи и деловни модели. На кои претпријатија тоа најдобро им поаѓа од рака?

https://p.dw.com/p/1Ddfx
Фотографија: Reuters/Robert Galbraith

Кој бара иновативни претпријатија, нив ќе ги најде особено во сферата на технологијата и телекомуникациите. Фирмите од овие бранши се на првите места на годинашната студија за иновативност на The Boston Consulting Group (БЦГ).

БЦГ за таа цел по деветти пат анкетираше повеќе од 1.500 раководители од голем број земји и бранши. Врвните менаџери, како што се покажа, сметаат дека иновациите се многу важни, но во споредба со минатата година оценуваат дека нивните претпријатија годинава немале толкава иновативна сила.

Нов вид бизнис-модели

„Денес се‘ помалку е доволно да се развиваат само постоечките деловни модели“, нагласува Карстен Крац, шеф на БЦГ за Германија. Според него, централна улога во оваа смисла игра економскиот стручен поим „disruptive Innovation“. Поимот означува иновација со која се менуваат правилата на игра на пазарот или начинот на користење на одредени производи. Со ваквиот вид иновации се потиснуваат постоечките производи, технологии или услуги. На пример, дигиталното меморирање фотографии и филмови го потисна целулоидот и негативите, додека Ајфонот на Епл стана урнек за целиот жанр на смартфони.

Дигитализацијата во фокус

Оној кој сака да е во врвот на браншата, мора да ги има во визир ваквите специјални иновации, убеден е Крац. „Дигитализацијата го поедноставува и забрзува воведувањето на ’disruptive’I иновации. Тоа на претпријатијата им е се‘ појасно.’

Пример за тоа е развојот на воздухопловството. Тоа долго време се дефинираше преку производот - колку е големо растојанието меѓу седиштата во авионот, колку тие може да се спуштаат и слично. Во последните 20 години, меѓутоа, станаа важни и сосема други димензии. Се зборува за програми за патници кои летаат често, за партнерства и мрежи како Star Alliance. Билетите денес, се разбира, се резервираат на интернет, а Check-in одамна се прави преку ап на смартфонот.

„Сето тоа ја илустрира темата ’деловни процеси’ и покажува како цела една бранша со текот на годините воведуваше различни видови иновации“, вели Крац за ДВ.

Infografik Die weltweit innovativsten Unternehmen 2014 Deutsch
Најиновативните претпријатија во светот во 2014-та (во заграда - местото освоено на листата минатата година)

ИТ е „топ“!

Телекомуникациските и технолошките претпријатија доминираат на годинашната листа на иновативност. Од првите 10 места, за нив се резервирани дури 7, а во првите 50 има дури 21 фирма од овие бранши. На листата на најиновативни претпријатија води Епл и тоа непрекинато уште од 2005 година наваму. Потоа следуваат Самсунг, Гугл, Мајкрософт и ИБМ.

Меѓу „новајлиите“ на листата, дури шест се претпријатија од сферата на технологијата - Шиаоми, Јаху, Хитачи, Оракл, Сејлсфорс и Хуавеи.

Бројот на концерни од сферата на потрошувачката, како Кока Кола, Старбакс, Најк или Проктер и Гембл, на листата годинава е најголем во последните 5 години.

Производителите на автомобили, наспроти тоа, според годинашната студија, се најголеми губитници во светски рамки. Меѓу 20-те најиновативни претпријатија има само 4 од оваа бранша.

Доминација на американски фирми

На листата вкупно погледнато доминираат американски фирми. Меѓу десетте најиновативни нема ниту една единствена германска фирма, а на целата листа има само седум германски претпријатија, меѓу кои Сименс, БМВ или БАСФ.

Студијата на БЦГ се занимава и со прашањето - по што големите иноватори се разликуваат од другите претпријатија. Резултатот на истражувањето вели дека тие размислуваат пошироко, повеќе го користат бизнис моделот „иновации“ и имаат култура на работење која е посилно насочена кон пробив отколку останатите претпријатија. Речиси половината од претпријатијата кои важат за иноватори што направиле пробив во одредена сфера навеле дека повеќе од 30% од својот обрт на средства ги оствариле со иновации, или двојно повеќе од просекот.