1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најголемата подземна трамбулина на светот

Марија Зелхо / Александар Методијев30 јули 2014

Од неодамна светот доби нова атракција - најголема трамбулина направена под земја, која се наоѓа на северот на Велс, во средината на националниот парк Сноудонија. Трамбулината на три нивоа се наоѓа во поранешен рудник.

https://p.dw.com/p/1Cjcc
Фотографија: DW

На северот на Велс, во близина на националниот парк Сноудонија, се наоѓаат пријатни села и разновидни пејзажи, што привлекува многу туристи во тој крај. Во овој стар рудник ги очекува една нетипична атракција - наголемата светска подземна трамбулина.

„Баунс билоу“ се вика новиот полигон за авантуристи во рудникот „Хехвет“. Пред влегувањето во јамата посетителите мораат да стават на себе безбедносна облека - комбинезон и шлем. Очекувањата се сосема различни.

„Многу мрачно“, вели едно момче, а неговото другарче додава: Страшно. Возбудливо. За среќа, не сум клаустрофобичен“.

„Навистина со нетрпение очекувам да видам како изгледа. Три нивоа на мрежи со тобогани кои одат од едно кон друго ниво. Фантастично. Не можам да дочекам да го видам“, вели еден повозрасен човек.

Влезницата е околу 30 евра

По неколку минути патување низ старите тунели, посетителите доаѓаат до просторијата со трамбулините. Трите мрежи, една над друга, меѓусебно се поврзани со тобогани. Јамата е 60 метри долга и 35 метри висока. Оператор е фирма од регионот, која се специјализира за невообичаени објекти за спорт и забава.

„Во компанијата се вклучени мноштво различни луѓе, нејзини пријатели, кои дојдоа со концептот. Ние сакавме нешто уникатно и мислам дека го имаме. Ова е прво во светот. Сакавме и да биде целогодишно, за секакво време. Овде температурата е иста во текот на целата година“, вели Шон Тејлор од „Зип ворлд“.

И покрај температурата од околу осум Целзиусови степени, тука никој не го чувствува многу студот. Посетителите можат еден час да се „издуваат“ на мрежите. Една тура чини околу 30 евра.

„Успеа! Како беше?“ - прашуваме едно од децата.

„Беше кул! Толку е големо. Ова е како мојата трамбулина, само многу поголема, преку целата пештера. Треба да се види - извонредно е“, вели детето. Неговата мајка, пак, дополнува: „Магично е. Секој треба да дојде овде. Фантастично е. Истоштена сум, но искуството е фантастично. Секој треба да дојде овде“.

Standbild aus dem TV-Beitrag Bounce Below
Фотографија: DW

Старите рудници можат да добијат нова намена

Во Северен Велс пред околу сто години имало 17.000 рудари. Индустријализацијата и новите материјали ја потиснале експлоатацијата на шкрилци. Пред јамата во изминатите шест месеци да биде преуредена во спортски полигон, мораа да бидат однесени 300 тони шут, па дури да биде исушено и едно езеро.

„Трамбулината е многу безбедна. На неа може да има околу 100 луѓе истовремено. Секој анкер беше тестиран за пет тони, а има повеќе од 200 анкери“, објаснува техничкиот раководител Ник Морти.

Трамбулината во пештерата не е првиот успех на фирмата „Зип ворлд“. Неколку километри подалеку од националниот парк Сноудонија пред една година е пуштена во употреба сајла, која со 1.750 метри е најдолгата од тој вид. По неа луѓе се спуштаат со околу сто километри на час над пејзажот во Северен Велс. Во меѓувреме фирмата работи на нова атракција.

„Тој проект е врвна тајна. Вие сте првите на кои ќе ви кажам за него. Тој е наречен „Зип билоу“. Тоа ќе биде сајла под земја. Ќе користиме компјутерска анимација за да симулираме летање низ оган, водопади, мразулци, карпи кои паѓаат. Тоа ќе биде час и половина летање под земја, лизгајќи се по сајла. Ова е прва таква работа во светот“, вели Шон Тејлор од „Зип ворлд“.

Со вакви суперлативи Шон Тејлор и неговите колеги се надеваат да привлечат уште повеќе туристи во нивниот роден крај во Северен Велс. Пред трамбулината во пештерата, во секој случај, веќе сега посетителите чекаат во ред.