1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нафта, моќ и теории на заговор

Матијас фон Хајн / Елизабета М. Фиданоска21 октомври 2014

Во текот на изминатите месеци цената на нафтата падна многу. Тоа им штети пред се‘ на Русија, Иран и Венецуела. За причините за паѓањето на цената се шпекулира наголемо. Во оптек се теории на заговор.

https://p.dw.com/p/1DZF1
Фотографија: picture alliance/dpa

Ако во светот има стратешка суровина, тогаш е тоа нафтата. За нејзе се водат војни, паѓаат влади... Цената на овој мотор на светската економија може да задуши или да им даде полет на конјунктурите во светот. Цената на нафтата вообичаено реагира многу чувствително на сите видови проблеми. Но она што долго време важеше речиси за природен закон, во моментов се чини како да не важи. Цената на нафата е падната за 20% во последните месеци, и покрај тешките кризи во дел од важните земји снабдувачи - Русија е дел од конфликтот во Украина, во Ирак татнат борби со радикалните исламисти на ИД, Нигерија беше погодена со ебола.

Роберт Бургес, главен економ за пазари во развој во Deutsche Bank Research во Лондон, падот на цената на нафтата го образлага сосема класично - со категориите понуда и побарувачка. Според Бургес, притоа два фактора се клучни - загриженоста за развојот на конјунктурата во Европа и во дел од земјите во забрзан подем и големата понуда на пазарите на нафта, пред се‘ поради револуцијата што во САД ја предизвика нафтата од шкрилци.

Ниската цена на нафтата боли повеќе од санкции

На средината од октомври Deutsche Bank Research објави студија за последиците на ниската цена на нафтата за најважните земји снабдувачи со нафта. Притоа, се истражувало која земја има потреба од каква цена на нафтата за да го финансира својот буџет.

Symbolbild Ölpreis
Фотографија: picture-alliance/dpa/Sabri Elmhedwi

Русија, на пример, 45% од својот државен буџет ги финансира со приходи од извозот на енергија. Притоа, цените на гасот се поврзани со нафтата. Студијата покажува дека на Русија и‘ е неопходна цена на нафтата од околу 100 американски долари за барел за да има порамнет буџет. Во моментов цената е многу под таа граница, односно изнесува околу 85 долари за барел. Тоа има тешки последици, вели Штефан Мајстер од Германското друштво за надворешна политика (ДГАП): „Рускиот буџет не е соодветно финансиран, а тоа со оглед на санкциите на Западот и на нула-порастот во Русија има посебно големи последици.“

Експертот за Русија во интервју за ДВ оди дури и подалеку - последиците од ниската цена на нафтата за Русија се значително поболни од санкциите на Западот, оценува Мајстер.

Саудиска Арабија и САД

Тоа ги става во погон теориите на заговор. Во Русија се враќаат сеќавањата на 1980-тите. И тогаш цената на нафтата падна многу, а тоа беше и една од повеќето причини за распад на СССР. На тоа неодамна потсети Николај Патрушев во интервју за весникот близок на власта „Росијскаја Газета“. Секретарот на рускиот Национален совет за безбедност рече дека САД пред три децении предизвикале пад на цената на нафтата за да го однесат Советскиот сојуз во банкрот.

Во извештај на рускиот Институт за стратешки студии РИСС, објавен на средината од месецов, историјата се повторува. Во него актуелниот пад на цената на нафтата се припишува на договор меѓу САД и Саудиска Арабија. Навистина, Саудиска Арабија досега не покажала никаков интерес да ја стабилизира цената на нафтата преку намалување на црпењето нафта, туку напротив - земјата дури благо го зголеми производството во текот на септември. Истовремено, Саудиска Арабија се спротивстави на барањето на Венецуела за одржување вонредна средба на ОПЕК, така што за цената на нафтата ќе се дискутира дури на редовната средба на организацијата на земјите извезувачи на нафта, која е закажана за крајот на ноември. Додуша и Саудиска Арабија страда поради ниската цена на нафтата. Нејзе за порамнет буџет и‘ е потребна цена од 99 американски доалри за барел нафта. Но земјата во изминатите години си создаде залихи од околу 450 милијарди американски долари кои и‘ ги донесе високата цена на нафтата, така што вака може да издржи долг период.

OPEC Fahne Logo
Фотографија: picture-alliance/dpa

На Иран му се неопходни доларите од нафта

За разлика од тоа, Иран, вечниот ривал на Ријад во обидите за влијание на Средниот Исток, има итна потреба од приходи од нафтениот бизнис, оценува Кирстен Вестфал, од фондацијата Наука и Политика од Берлин. Таа во интервју за ДВ нагласува дека Иран се надева оти падот на цената ќе трае кратко. Поради санкциите на Западот, Иран од 2011 година заработува само половина од продажбата на нафта од она што го заработуваше претходно. За покривање на буџетот, на земјата и‘ е неопходна цена од 125 долари за барел нафта. Иранскиот министер за нафта Бијан Занганех вели дека Саудиска Арабија е директно одговорна за падот на цената. Колку помалку Техеран заработува од бизнисот со нафта, толку поважно за земјата станува олабавувањето на санкциите.

Тоа што ниската цена на нафтата ја става под притисок и Венецуела, е факт кој на САД им се допаѓа. На Венецуела, за да ги покрие државните издатоци, и‘ е неопходна цена на нафтата од дури 162 долари за барел. Само што, при сето тоа треба да се каже дека и производителите на нафта во САД имаат потреба од висока цена на нафтата. Производството на нафта од шкрилци или нафта од маслен песок, имено, се исплаќа само кога цената е висока.