1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Научно докажано - „слатка крв“ привлекува комарци!

Л.Дум/З. Јордановски27 април 2015

Со затоплувањето на времето ни доаѓаат и комарците. Дали и колку некој човек ќе биде каснуван од нив, според една нова студија, зависи од неговите гени.

https://p.dw.com/p/1FEEE
Фотографија: picture-alliance/dpa/Patrick Pleul

„Имаш слатка крв!“ - таа реченица им е преку глава на оние, кои си имаат мака со убоди од комарци, оти толку често ја слушаат. Најчесто ја проследуваат со кисела насмевка и можеби со притаена желба на соговорникот да му дадат да проба колку им е навистина слатка крвта.

Но, таа навидум излитена фраза не е сосем невистинита: научниците нудат доказ дека фактички од нашите гени зависи дали ќе бидеме почесто жртва на убоди од комарци. Истражувачите од „Лондонската школа за хигиена и тропска медицина“ во една студија тестирале еднојајцеви - значи генетски идентични - и двојајцеви близнаци, кај кои има поголеми генетски разлики. Комарците немале дилеми при изборот на жртвите: еднојајцевите близнаци имале подеднаков број убоди, додека кај двојајцевите комарците фаворизирале само еден од близнаците.

Студијата која беше објавена во стручниот часопис „Природа“ ("Nature") е правена со сериозна цел: научниците се надевааат дека ќе можат да создадат подобро средство за заштита од убоди од комарци, оти преку тоа се пренесуваат многу сериозни болести како маларија или маларична треска, кои се во подем. Новото средство би можело да им помогне и на изразито алергични луѓе.

Досега беше познато само дека комарците претпочитаат одредени луѓе врз основа на нивниот телесен мирис. За комарците, како што покажаа досегашните студии, се атрактивни и бремени жени, како и луѓе со повисока телесна температура. Научниците од Лондон сега велат: во привлечноста за комарците наследниот момент е подеднакво изразен, колку и за височината и интелигенцијата на човекот.

Истражувачите се’ уште не утврдија кој дел од нашите хромозоми влијае да бидеме привлечни за комарците - и дали навистина нашата крв им е слатка. Традиционалните домашни средства против нив, според научните студии, не помагаат. Честопати се препорачува лук, уште подобро и со едно или две пива. Кој сепак го применува овој метод, барем е заштитен од глупавите коментари - оти никој не му приоѓа многу блиску!