1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Научници идентификувале мутации кај ебола-вирусот

СН/емф/дв/дпа30 август 2014

Епидемијата на ебола во Африка е далеку поголема од сите досегашни. Додека трае заразата, на истражувачите за првпат им успеа да го анализираат генетскиот наследен материјал на вирусот.

https://p.dw.com/p/1D41J
Фотографија: picture-alliance/dpa

Повеќе од 1550 луѓе досега починаа од вирусот. Сега на еден меѓународен тим научници за првпат за време на една епидемија на ебола му успеа да го анализира генетскиот наследен материјал на вирусот. Притоа научниците откриле висока стапка на мутација и биле во можност да го идентификуваат патот на ширење на болеста.

Истражуван бил генетскиот материјал од 99 проби од вирусот ебола земени од пациенти кои се заболеле при актуелната епидемија во западна Африка. Научниците за стручниот магазин „Сајенс“ известуваат дека актуелнта варијанта на вирусот на многу места во генетскиот материјал се разликува од претходните. Покрај тоа, тие регистрирале 50 мутации кои настапиле за време на епидемијата.

Тимот научници под раководство на Пардис Сабети од универзитетот Кембриџ со објавувањето на нивните истражувања се надеваат дека ќе придонесат за развивање на побрзи тестови за откривање на заразата како и вакцини и терапии .

„Ова е првпат промените кај ебола-вирусите да бидат истражувани во текот на една епидемија. Притоа се гледа како вирусот се развивал“, вели професорот Бернхард Флајшер, од Институтот за тропска медицина Бернхард Нохт од Хамбург.

„Стапката на мутација е двојно поголема отколку во природата. Можно е имунитетниот систем на човекот да доведува до тоа да надвладеат мутираните вируси кои можат подобро да се размножуваат. Но дали мутациите доведуваат до поинакво однесување на вирусот, односно тој да стане позаразен и поопасен, мора и натаму да се истражува“, изјави Флајшер.

Во меѓувреме, Сенегал стана петтата земја од западна Африка во којашто е регистриран случај на ебола. Министерката за здравство Ава Мари Кол Сек, истакна дека станува збор за студент од соседна Гвинеја кој веднаш е сместен во карантин во главната сенегалска болница во престолнината Дакар.

Момчето исчезнало пред три седмици, додека било под надзор во болницата во гвинејскиот главен град Конакри, бидејќи претходно било во близок контакт со лица кои починале како последица од заразување со ебола.

„Резултатите од тестовите изведени во институтот Пастер во Дакар покажаа дека момчето е позитивно на вирусот на ебола“, изјави сенегалската министерка за здравство, истакнувајќи дека властите и здравствениот персонал ќе сторат сѐ за да утврдат каде студентот се движел и со кого бил во контакт.

Една од најсмртоносните епидемии на оваа болест од март годинава ги зафати Гвинеја, Сиера Леоне, Либерија и Нигерија.