1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втор залет на Киев

Еуген Тајзе/ СН24 декември 2014

Украинскиот парламент ја менува националната стратегија за безбедност и го укинува статусот на воена неутралнот. Со таа промена на политиката, Киев дополнително ризикува заострување на конфликтот со Москва.

https://p.dw.com/p/1E9ip
Фотографија: picture alliance/Oleksandr Prokopenko/Oleksandr Prokopenko

„Овој закон ќе ни помогне во одбрана на нашата независност“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Павел Климкин во својот емоционален говор во парламентот во Киев. Кратко потоа, новоизбраниот украински парламент со гласовите на проевропската коалиција ја усвои промената на Законот за основите на националната безбедносна стратегија. Повеќе од две третини од пратениците гласаа за крај на воената неутралност на Украина и со тоа за насочување на државата кон НАТО.

Пресврт по промената на власт

Тоа ќе биде втор обид на Киев: за време на прозападниот претседател Виктор Јушченко, Украина уште во 2008. година тежнееше кон приклучување на НАТО сојузот. Тогаш обидите на Украина и на Грузија да станат членки на воениот сојуз не успеаја поради противење на повеќе земји-членки на НАТО, меѓу кои беше и Германија. Киев и Тбилиси на самитот на Алијансата во Букурешт добија нејасни ветувања: „Украина и Грузија ќе бидат членки на НАТО“, беше напишано во завршниот извештај од состанокот.

Ostukraine Armee 12.07.2014
Украинската армија мора да се реформираФотографија: Reuters

Две години подоцна, на иницијатива на прорускиот претседател Виктор Јанукович, парламентот ја ревидираше политиката кон НАТО и неутралноста на Украина е инкорпорирана во Законот за основите на националната безбедносна стратегија. Уште истата година Киев побара стационирање на руската флота на Крим и од Москва за возврат доби гас по многу пониска цена.

Неутралноста беше целосно погрешна“

Во меѓувреме Јануковиќ побегна во Русија, а Москва го анектираше Крим. НАТО ги потврди извештаите за присуство на руски тенкови на истокот на Украина. Воената неутралност како стратегија за безбедност за Украина не се исплатеше, истакнува украинскиот амбасадор во НАТО Игор Долгов во разговорот за ДВ: „Неутралноста на која бевме приморани за време на претседателот Јануковиќ, се покажа како потполно погрешна за гарантирање безбедност и територијален интегритет на Украина. Напуштање на неутралноста е еден од условите да не се повтори слична агресија на нашата земја.“

Русија е бесна поради промената на политиката на соседната земја. „Тоа е контрапродуктивно“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за руските медиуми. Москва предупредува на опасност од ескалација на конфиктот со сепаратистите на истокот на Украина. Премиерот Дмитри Медведев отиде чекор понапред и Украина ја опиша како „потенцијален непријател“. Но токму Русија ја турка Украина кон НАТО, вели за ДВ стручњакот за безбедносни прашања Карл-Хајнц Камп од германската Академија за безбедносна политика. „Доколку анексијата на Крим имаше за цел да се спречи приближување на Украина кон НАТО и ЕУ, тогаш Москва го постигна токму спротивното.“

НАТО е поделен кога станува збор за Украина

Се заканува ли ново заострување на укринската криза? На таа опасност неодамна предупреди германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер. Тој Украина не ја гледа на патот кон НАТО. „Се наоѓаме среде опасен конфликт“, рече неодамна овој социјалдемократ и додаде дека не би требало да се „долева масло во огнот“. Како и во 2008. година, Украина со своите амбиции за приклучување очигледно го дели НАТО сојузот во две групи. Едните не сакаат да се провоцира Русија со проширување пред нејзината граница. Другите, како што е полскиот министер за одбрана Томаш Сиемониак, истакнуваат дека Украина има суверено право слободно да одлучува за својата надворешна политика. „Отстапување од неутралноста е прв чекор. Ќе дојде време кога Украина ќе стане членка на НАТО“, рече полскиот министер во интервјуто за полското „Радио Зет“. Но и Варшава се’ уште ја гледа Украина далеку од членство во НАТО: најпрво е важно да ги исполни сите стандарди за приклучување на сојузот и да спроведе демократски реформи.

Само е прашање кога?

И Карл-Хајнц Камп ја гледа Украина еден ден како членка на НАТО - без оглед на сите сомнежи на германската политика. Тој потсетува на ветувањето од Букурешт: „Само е прашање кога. НАТО е многу флексибилен. Тоа ќе биде тогаш кога Украина ќе биде зрела за тоа. Во моментов не е.“ Руското барање НАТО да гарантира дека никогаш нема да ја прими Украина во сојузот тој го оценува како „апсурдно“. Тежнеењето за приближување кон НАТО и ЕУ, според мислењето на Камп, е важен поттик за спроведување на реформи во Украина.

Igor Dolgow NATO Gesandter Ukraine
Украинскиот амбасадор во НАТО, Игор ДолговФотографија: privat

Кога станува збор за реформите, Украина сега мисли сериозно, тврди украинскиот амбасадор во НАТО, Игор Долгов. Кога по Портокаловата револуција неговата земја пред 10 години ја прокоцка првата шанса, Долгов беше амбасадор на Украина во Берлин. Тој добро знае колку беше голема разочараноста во европските градови бидејќи Киев не успеа да го реформира курсот. Сега сака се’ да биде подобро. „Украина темелно ќе ја реформира војската и ќе ја прилагоди кон стандардите на НАТО“, најавува дипломатот. Воениот сојуз со финансиски средства и совети ги поддржува реформите на украинските воени сили - Украина ќе има на располагање 4 милиони евра во наредните години. Модернизацијата на војската која се’ уште функционира според советски стандарди, ќе чини повеќе милијарди. Милијарди кои Киев ги нема, поради војната на истокот на земјата и тешката економска криза, признава Долгов. Камп пак потсетува на анектираниот Крим и сепаратистите на истокот на Украина: се’ додека тие проблеми не се решат, не може да стане збор за перспективи на Украина да се приклучи на воениот сојуз. Бидејќи приклучувањето на Украина во НАТО би требало да значи поголема сигурност не само за Украина, туку и за самиот воен сојуз.