1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО - Западен Балкан: Како по Велс?

Милчо Јованоски14 септември 2014

По самитот на НАТО во Велс, претставници од 14 земји во Охрид дебатираа за иднината и стабилноста на Западен Балкан. Дали Македонија доби нови услови за членство освен името или тие се само рефлексија на предолгиот спор?

https://p.dw.com/p/1DByt
Фотографија: John Thys/AFP/Getty Images

„Првпат ни е дадена јасна порака дека нема скоро приклучување кон НАТО, но постои интерес кај Алијансата својот фокус да го врати на Западен Балкан, кон Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора и во иднина и кон Косово и дека од нас сака да направи далеку порелевантни партнери“, вели Мерсида Мешетовиќ од Џорџ Маршал-центарот во Босна и Херцеговина. Според неа, важно е што се отвориле картите. „Знаевме дека во Велс нема да има проширување, но потајно очекувавме НАТО да ја подотвори вратата за Црна Гора и Македонија. Сепак, НАТО почна да сфаќа дека партнерството е двонасочен процес и дека не може да се мисли само на обврските кои една земја ги има кон алијансата и да чека земјата да ги исполни“, оценува Мешетовиќ за ДВ.

Секоја земја - своја приказна

На прашањето каде запна Босна и Хецеговина на патот кон НАТО, Мешетовиќ одговара: „Во делот на трансформацијата на недвижниот имот на одбраната, кој од локално треба да премине во државно владение. Тоа на хартија е готово, се чека политиката да каже – ова е во ред и тоа ќе не‘ качи една скала погоре. Со учеството во ИСАФ мисиите покажавме дека од корисник станавме и давател на мировни услуги и дека успеавме да ги изградиме нашите безбедносни капацитети во целост.“

Mersida Mesetovic
Мерсида Мешетовиќ, асоцијација АЛУМНИ при„Џорџ Маршал“- центарот во Босна и ХерцеговинаФотографија: DW/M. Jovanoski

Латифа Незири од Косово, поранешен студент на Џорџ Маршал-центарот и тренер во ЕУЛЕКС, образложувајќи ги аспирациите на нејзината земја кон НАТО вели: „Косово не е признато од сите членки на НАТО, но постои желба кај политичарите и народот да се биде дел од него и ЕУ. Дури постои и консензус и со немнозинското население во Косово. Ние сме ги почувствувале придобивките од КФОР и затоа постои желба за овие процеси. Од КФОР добиваме голема помош во стандардизирањето на косовските безбедносни сили и се работи врз остварување на сите потребни критериуми.“

Спорот за името и натаму главна пречка за Македонија

Д-р Стојан Славески од Европскиот универзитет во Скопје вели: „Македонија е спомната во документи во Велс и не е заборавена. Се чека отвореното прашање со Грција да се реши за да може процесот да продолжи. Но многу поважни се практичните елементи на соработка, како што е мисијата во Авганистан, партнерската политика, подобрување на капацитетите на оружените сили и реформите во одбраната и да се види како од декларативната ќе преминеме на практичната соработка.“

Belgien Nato-Hauptquartier in Brüssel Flaggen
Фотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Околу решавањето на проблемот со името не се оптимисти ниту меѓународните претставници ниту говорниците од дипломатскиот кор кои дојдоа на работилницата „НАТО по Велс и Западен Балкан“ во Охрид, открива Славески: „Во блиска иднина не може ништо да се стори. Нема подготвеност од грчка страна, меѓународниот притисок не е таков за да се инсистира на некое брзо решение. Македонија бара, но не сака по секоја цена да се најде некое решение кое ќе влијае на идентитетот и нема да биде одржливо на еден подолг период“, вели Славески.

Учествувајќи на отворањето на работилницата министерот за одбрана на РМ Зоран Јолески соопшти: „Владата на Република Македонија и Министерството за одбрана веќе почнаа да подготвуваат стратегија за тоа како да продолжиме во процесите за натамошно презентирање на достигнувањата на Република Македонија и зошто земјава треба да биде поканета да биде членка на НАТО.“

Доби ли Македонија во Велс нови задачи?!

Замолен да ја коментира различната перцепција кон спорот за името од страна на македонските и албанските политички субјекти, шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Ралф Брет рече: „Не можам да кажам дали Албанците и Македонците имаат различни погледи околу влезот на Македонија во НАТО, но во суштина гласините се точни. Мислам дека двете мнозински заедници треба да направат компромис. На Албанците можеби прашањето за името не им е многу важно, но на Македонците едноставно речено им е блиску до срцето“, изјави за Дојче веле Ралф Брет амбасадорот на ОБСЕ во РМ.

Ralf Brett
Ралф Брет, ОБСЕФотографија: DW/M. Jovanoski

Џон Криендел од Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Маршал“ вели дека го дели мислењето „со сите шефови на другите држави од НАТО дека навистина е многу подобро прашањето за името да биде решено со заеднички договор на двете страни“: „Во Декларацијата од Велс јасно е напишано дека Македонија треба да реши уште некои прашања, да се продолжи со реформите во правниот систем, во судството и да има прогрес во медиумите. Тоа се домашните задачи за Македонија. Јасно е дека е направен значителен прогрес, но и погоре споменатото веројатно треба да се направи. Мислам дека тоа не се нови предуслови, туку тоа се само рефлексии на нерешените прашања внатре во државата и тие се пренесуваат во други сегменти’, објаснува Криендел.

John Kriendel
Џон Криндел, Европски центар за безбедносни студии „Џорџ Маршал“Фотографија: DW/M. Jovanoski

За д-р Стево Пендароски заклучоците од самитот во Велс не се поволни за Македонија. „Освен спорот за името, кој и до сега беше најголемиот и веројатно единствениот услов за приклучување во Алијансата, во заклучоците од самиот се споменуваат уште три-четири други точки, ги нарекуваат дефицити во демократијата. Македонија мора да направи внатрешна стратегија и политичко единство меѓу власта и опозицијата за да може да го превенира овој тренд кој оди во негативна насока. Една пред се’ воена организација каква што е НАТО бара од нас политички дијалог, одржување на меѓуетничките односи, независно судство и подобар амбиент за слобода на медиумите. Ова што сега го кажува НАТО е преземено од вокабуларот на Европската унија која со години наназад ни укажува на овие проблеми“, заклучува Пендароски.

„Мислам дека и НАТО и ЕУ преку спорот за името меѓу Македонија и Грција ќе треба да ја сфатат пораката дека ниту еден спор кој е врзан за мирот и стабилноста не смее да се остави нерешен. На НАТО му недостига силно стратегиско предвидување што може да се случи за десет или 15 години во еден регион“, вели Мешетовиќ и додава: „Ако беше така сигурно Македонија веќе ќе беше во НАТО. Секое одолговлекување создава услови за создавање на многу покомплицирани ситуации. Се надевам дека по примерот на Словенија и Хрватска и Македонија ќе седне и ќе разговара со соседите: Бугари, Грци и Албанци и дека помалку ќе се занимаваат со историја, повеќе со иднината. И се надевам дека ќе сфатат дека ако во една земја нема мир тогаш мир ќе нема во целиот регион. Во име на иднината секој ќе треба да попушти по малку.“

Во Охрид на една маса имаше луѓе од администрацијата, од политиката и академската област кои срочија заеднички документ со препораки кој ќе биде доставен до НАТО, до Европскиот центар за безбедносни студии и до државните органи во Македонија за да им послужи во креирањето на одредени политики.