1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наскоро поголема парламентарна контрола на зделките со оружје?

Свен Пеле/ Александра Трајковска15 април 2014

За чувствителниот извоз на оружје тајно одлучува тело на сојузната влада. Информациите за продажбата се соопштуваат една година подоцна. Германскиот Уставен суд би можел наскоро да го смени тоа.

https://p.dw.com/p/1BiEN
Kampfpanzer Leopard 2
Фотографија: picture-alliance/dpa/Krauss-Maffei Wegmann

Дали постројки за обезбедување на границите, бродови за патрола или тенкови - интересот за германското оружје во Саудиска Арабија е голем. Но, поради состојбата со човековите права во оваа земја извозот на оружје во Германија е оспоруван. Според медиумските извештаи германскиот министер за економија Зигмар Габриел сака да спречи тенковите Леопард- произведени во Шпанија по германска лиценца да бидат испорачани во Саудиска Арабија.

Министерството за економија на Германија за тоа не дава натамошни информации. Портпарол на прашање на ДВ појасни, дека германската влада „во основа не дава информации за поединечни степени од постапката за можни дозволи за извоз на оружје како и за работите кои се поврзани со Германскиот совет за безбедност“. Каде и колку оружје се испорачува во некои случаи значи е строго тајно.

Исто така и пред пратениците на Бундестагот при вакви прашања германската влада укажува на тајноста. Ова било „одбивање на давање информации“ смета пратеникот од редовите на Зелените Ханс-Кристијан Штребеле. Заедно со поранешната шефица на Зелените Клаудија Рот и европолитичарката од Зелените Катја Којл тој уште пред две години поднесе приговор до Уставниот суд. По овој приговор од денеска (15.04.) распарава судот.

Опозицијата прашува - владата одбегнува

Во основа станува збор за прашањето, дали и колку парламентот има право на повеќе информации за извозот на оружје. Повод е однесувањето на германската влада по прашањето на опозицијата: Во јули 2011 година медиумите известија дека Германија сака да ѝ испорача на Саудиска Арабија повеќе од 200 тенкови од типот Леопард. Извештаите тогаш предизвикаа бранувања, оти Саудиска Арабија со теконви учествуваше во насилното задушување на протестите во Бахраин.

Тужителите, повеќепати доставија прашања до германската влада. Владата меѓутоа одби да одговори дали навистина планира таква зделка со оружје укажувајќи на едно од основните овластувања на егзекутивната власт и чувањето на тајност за бизнисите на германската индустрија за оружје. Пратениците од редовите на Зелените сметаат дека се недоволно информирани и сметаат дека им се повредени правата како пратеници, да ја контролираат владата.

Symbolbild Bundesverfassungsgericht Deutschland Richter Roben
Фотографија: picture-alliance/dpa

Одлука во мал круг

Од Германија некое оружје смее да се извезува само со дозвола на владата. Ако треба да биде испорачано оружје во земји, кои не се членки на ЕУ или НАТО одлуката ја донесува Сојузниот совет за безбедност. На ова тело му припаѓаат канцеларката, вицеканцеларот, шефот на кабинетот на канцеларот како и министрите за надворешни и внатрешни работи, за одбрана, финансии и развојна помош. Седниците на Советот за безбедност се тајни. Еднаш годишно, така беше досега, се поднесува општ извештај за извозот на оружје во минатата година.

Парламентот нема директно влијание врз постапките на проверка на Сојузниот совет за безбедност. Владата меѓутоа нагласува дека по секое барање вниматлено се проверуваат надворешно-политичките, безбедносните и аргументите поврзани со состојбата со човековите права.

Symbolbild Sicherheitspolitik
Фотографија: Markus Bormann - Fotolia.com

Во иднина сѐ ќе биде поинаку или?

Се чини дека работата наскоро би можела да биде потранспарентна: Во коалициониот договор Унијата и СПД постигнаа согласност извештајот за извозот на оружје во иднина да биде објавуван пред летната пауза на парламентарците. Освен тоа во тековната година треба да има еден меѓуизвештај како и брзо известување за одлуките на Сојузниот совет за безбедност.

Во еден документ владината коалиција минатата недела ги презицираше деталите. Меѓу другото Бундестагот треба да биде информиран најдоцна две недели откако ќе се даде крај на согласноста за чувствителниот извоз на оружје, што, во која количина, и во која земја треба да биде извезено.

Замениниците на шефовите на пратеничките групи на владејачките партии, социјалдемократот Хубертус Хајл и Михаел Фукс од редовите на Христијано-демократската унија се на став дека ова придонесува за „повеќе транспарентност“, опозицијата меѓутоа критикува дека е тоа замачкување на очи.

Решението на владата не е доволно, смета Јан Гребе од Меѓународниот центар BICC во Бон. „Парламентот нема можност да влијае на одлуките. Тој само има шанса да изрази критика за извозот и во одредени околности да влијае на идни зделки“. Но, тој неможе да менува веќе донесена одлука, вели Грубе. „Парламентот на тој начин има намалена контролна функција“.

Политичарот од редовите на Зелените Ханс-Кристијан Штребеле зад документот на владата претпоставува дека се кријат и тактички причини. Меѓутоа според него тоа нема да влијае на актуелната тужба.

Штребеле се надева дека германскиот Уставен суд ќе ги зајакне правата на пратениците и дека ќе овозможи целосно право за информирање. Имено според Штребели е итно неоходна поголема транспарентност.