1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАСА: Експлозија на вселенска ракета

Јан Беше/мдр/ард/Жана Ацеска29 октомври 2014

Американска вселенска ракета со два тона опрема за Меѓународната вселенска станица, експлодира по стартот. Но, на астронаутите во вселената не им се заканува опасност од недостиг на храна и материјали, тврди НАСА.

https://p.dw.com/p/1Ddio
Фотографија: picture alliance/EPA/NASA TV

Летот траеше неколку секунди. Приватната ракета Антарес само што се подигна во воздух од космодромот во Вирџинија, се претвори во голема огнена топка и падна на земјата. Загубата на ракетата носач и нејзиниот товар е горка, но сепак не настрадаа луѓе, изјави Франк Калбертсон, одговорниот раководител на проектот на Орбитал Сајанс.

Прехранбени производи, резервни делови и експерименти

Ова требаше да биде третиот транспорт од страна на фирмата кон Меѓународната вселенска станица по налог на НАСА. Првите два функционираа без проблеми. Што се случи сега, никој од одговорните не сака да шпекулира. Калбертсон изјави: „Извршивме многу тестови и анализи за подготовка на мисијата. Сепак, нешто тргна наопаку. Ќе ги најдеме причините, ќе ги отстраниме и повторно ќе организираме лет“.

Сега се врши анализа на податоците и на остатоците од ракетата. Уште не може да се процени колку долго ќе трае тоа. Ракетата всушност требаше да го однесе вселенскиот транспортер без екипаж „Сајгнис“ до Меѓународната вселенска станица. Натоварени биле 2,2 тони материјал, меѓу другото и за изведување научни експерименти, но и прехранбени производи и резервни делови.

Резерви до 2015 година

Одговорниот менаџер на НАСА, Мајк Сафредини, изјави дека не треба да постојат никакви стравувања за снабденоста на астронаутите на Меѓународната вселенска станица, оти се вршат редовни снабдувачки летови. Освен тоа, станицата и астронаутите се во најдобра состојба: „На станицата постојат големи резерви. Екипажот располага со прехранбени продукти, вода и други потребни работи кои се доволни за добар дел и од следната година. Дури и ако во следниот период не се случи нов транспорт, постојат доволни резерви“.

Bildergalerie USA Virginia Raumfrachter Raumsonde Start Explosion NASA ISS Cygnus Antares
Фотографија: picture alliance/EPA/NASA/ Joel Kowsky

Падот на ракетата е понепријатен и погорчлив за научниците, кои со овој вселенски транспортер сакаа до Меѓународната вселенска станица да испратат опрема за експерименти, на пример апарати за набљудување на астероиди. Освен тоа, требаше да биде извршен тест од кој НАСА очекуваше нови сознанија во врска со животот во бестежинска состојба. Експериментите и резервните делови сега треба да бидат распоредени преку следните американски летови кон МВС.

Спејс Х може да лета

Следниот лет е планиран за околу еден месец. По завршувањето на својата шатл-програма, НАСА ангажира две приватни фирми за транспорт до МВС: Орбитал Сајансис и Спејс Х. Додека Орбитал Сајансис засега ги откажа сите летови, Спејс Х може и натаму да лета, користејќи друга техника. Сепак, приватната вселенска програма е релативно нова и млада: Орбитал Спејсис досега имаше два успешни лета, а Спејс Х реализира три.

И покрај падот на ракетата, НАСА останува на својата стратегија. Одговорниот менаџер Вилијам Герстенмајер изјави: „Ќе ни биде од помош натамошното собирање сознанија за тоа како наскоро да можеме да однесеме астронаути во вселената. Ќе го испитаме инцидентот, ќе извлечеме лекции од него, со што ќе ги подобриме и нашите можности за испраќање екипаж“.

НАСА планира преку приватни фирми да ги испраќа и своите астронаути до Меѓународната вселенска станица. Таа веќе овласти две претпријатија за таа цел, но Орбитал Сајенс не е меѓу нив.