1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наредна рунда од грчкиот покер

Бернд Ригерт / З. Јордановски30 март 2015

Кредиторите и Грција и натаму бараат најдобар адут. Реформските предлози од Атина треба да бидат подобрени. Нејасно е кога ќе биде донесено решение. Ќе банкротира ли земјата пред тоа?

https://p.dw.com/p/1Ezab
Фотографија: Fotolia/apops

Службениците од грчкото министерство за финансии, кои во петокот дојдоа во Брисел, презентираа слики и табели на грчки јазик. Но, работни јазици на претставниците на институциите - поранешната Тројка, кои треба да ги проверат предлозите од Атина, се англиски и француски. Затоа, грчките службеници во саботата уште еднаш усно ги презентираа предлозите за реформи. По проверката, на грчките партнери им се упатени предлози за нивно подобрување.

Данок на игри на среќа - котва за спас?

Контролорите приговараат дека многу од предлозите не се доволно конкретни. Новите приходи, кои владата во Атина сака да ги оствари преку нови даноци и покачување на на одредени даночни стапки, се премногу оптимистички оценети, беше речено по седницата на викендот. Министерот за финансии на Грција Јанис Варуфакис, на пример, сака да водеде данок на онлајн-игра на среќа, што треба да донесе 500 милиони евра годишно. Експертите од ЕУ, Европската централна банка (ЕЦБ) и Меѓународниот монетарен фонд, сметаат дека е реално да се очекуваат 50 милиони, значи само една десетина. Најголемиот дел од предлозите на владината коалиција од Грција имаат за цел покачување на приходите, а сите предложени мерки заедно би требало да донесат ефект од три милијарди евра годишно. Кај трошоците на државата не само што не е предвидено намалување, туку се планира зголемување за социјалните мерки и за повторни вработувања во јавните служби. Не се предвидени ни неопходните реформи во преоптоварените пензиски фондови, критикуваат контролорите.

„Нема враќање кон курсот за штедење“

Новата влада во Атина за првпат предвiдува такси за лиценци за приватните телевизии, чии сопственици најчесто се индустријалци. Таков данок, навистина, е предвиден во законот уште од пред 26 години, но досега никогaш не бил вистински наплатуван. Повторно е отфрлено изедначувањето на стапките на данокот за додадена вредност за одредени туристички острови, по приговорите од туристичката бранша.

Во неделата грчката влада уште еднаш се занимаваше со списокот на реформски мерки. Потоа министерот за стопанство Еуклид Цакалотос изјави дека ќе нема враќање кон стариот курс на штедење. Според изјавата на министерот за финансии Варуфакис за весникот „То вима“, во наредната година неговата влада предвидува примарен буџетски суфицит од 1,5 процент, а беа всушност предвидени 4,5 проценти. Годинава Грција се движи кон дефицит во буџетот, оти стопанството стагнира. „Дупката што ја копа Сириза за Грција секоја недела е се’ подлабока“, оцени Холгер Шмидинг, главен економист на Беренберг-банката, за агенцијата „Блумберг“.

Консултации на Еврогрупата дури по Велигден?

По самитот на ЕУ и средбата на германскиот канцелар Ангела Меркел со грчкиот премиер Алексис Ципрас, во ЕУ завладеа надеж дека бргу ќе можат да се одвиваат преговорите со Грција околу исплатата на натамошни транши од кредитот. Но, на последниот виканд надежта повторно исчезна, велат ЕУ-дипломати во Брисел. Министрите за финансии од Еврогрупата, кои мора да го донесат конечното решение, веројатно дури најрано наредната недела ќе се занимаваат со Грција. В среда е можна телефонска конференција на работната група составени од државни секретари во министерствата за финансии.

Berlin Tsipras bei Merkel
Хармонија, но не и приближување: Меркел и Ципрас во Берлин (23.03.2015)Фотографија: Getty Images/AFP/J. MacDougall

Наредна пречка на 9 април

Грција досега можеше да ги исполнува обврските кон кредиторите и да ги исплати пензиите и платите. Експертските проценки за тоа, кога во државната каса на Грција ќе снема пари, се разијдуваат, но се движат од неколку денови, до крајот на април. Појасна ситуација не е можна оти претставниците на институциите (Тројката), кои во Атина треба да добијат соодветни податоци од министерството за финансии, се жалат на недоволна соработка. „Имаме криза на доверба со Грција“, истакна австрискиот министер за финансии Јерг Шелинг во Виена. ЕЦБ привремено го запре издавањето на краткорочни државни обврзници (т.н. Т-билс), со кои Грција уште некако можеше финансиски да опстојува.

Од програмата за помош, која беше продолжена во февруари, досега уште не се префрлени 7,2 милијарди евра. За бргу да добие барем дел од таа сума, Грција се согласи да започне со спроведување реформи - но уште нема ни листа на тие реформи. Пред воопшто да можат да бидат префрлени пари, мора да дадат согласност не само министрите за финансии на евро-државите, туку и комисијата за буџет на германскиот Бундестаг.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема