1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напад со последици по мултикултурниот соживот во Канада?!

Мајкл Книге/ А.Трајковска 24 октомври 2014

Терористичкиот напад во Отава не само што ја шокираше Канада, туку би можел да ја промени мултиетничката земја. Меѓутоа прашањата пред кои стои Канада мора да си ги постави и Европа.

https://p.dw.com/p/1DbVW
Фотографија: L.Hagberg/AFP/Getty Images

Тоа беше двоен удар за втората по површина земја во светот: Иако во последните години имаше повеќе обиди за терористички напади во Канада, досега тие можеа навреме да бидат спречени од силите за безбедност. Не и овој пат. Два напади од атантатори, најверојатно инспирирани од исламистичка идеологија во рок од неколку денови, ја претворија Канада во борбена арена на глобалниот тероризам.

Можеби уште поголем шок за Канаѓаните беше тоа што вториот напад не се случи како првиот во Монтреал или во некоја друга метропола на земјата, туку во главниот град Отава. „Доколку вакво нешто се случеше во Монтреал, немаше да остави толку голем впечаток врз населението, како што сега се случи во Отава“, вели Урсула Лемкул, професорка по меѓународна историја на универзитетот во Триер. „Во Монтреал од секогаш се случувале работи, во Отава, во ова мало заспано гратче - тоа ја шокира нацијата“, дополнува Лемкул, која е претседателка на Здружението за канадски студии.

Повеќе надгледување

Реакцијата на канадската влада беше брза и јасна. Конзервативниот премиер Стивен Харпер во обраќањето до нацијата изјави дека неговата земја нема да дозволи да биде заплашена и ќе ја зајакне борбата против тероризмот. Нил МекФарлен, професор по меѓународни односи на универзитетот Оксфорд, кој е по потекло од Канада е уверен дека нема долго да се чека на политичките консеквенции од нападот. „Очекувам дека целното набљудување ќе биде зајакнато и дека ќе биде значително потешко за организираните групи, кои на кој и да е начин ќе бидат идентификувани како поврзани со Исламската држава или Ал Каеда.“

Очекуваното проширување на контролата на можните терористи во Канада, со оглед на нападите и ангажманот на земјата во борбата против ИД во Ирак може да се разбере, но особено за Канада носи и ризик. Оти канадското општество, кое себе си традиционално се гледа како „виножито на мултикултурализмот“, според МекФарлен, за време на премиерот Харпер значително се промени. „Тоа е поврзано со тоа што Харпер во неговиот мандат води политика, која ја враќа назад политиката на претходните влади во правец на мултикултурализам и диверзитет. Овој процес еднаш го нареков `whitening of Canada‘“, вели Лемкул.

Kanada Ottawa Anschlag Parlament Polizei Spezialeinheit 22.10.2014
Војската на улица по нападот во ОтаваФотографија: Reuters/Chris Wattie

Овој тренд сега би можел да се зајакне. Либералниот претходник на Харпер, Жан Кретијан по нападите на 11. септември ги етаблираше тркалезните маси, во кои беа вклучени етничките и религиозните групи во земјата. Од Харпер ова не може да се очекува, вели Лемкул.

Во Канада, според МекФарлен досега многу муслимани живееле задоволно и мирно, распространети низ целата земја, без досега ова да биде тема кај повеќето луѓе. „Опасноста е сега луѓето да почнат да размислуваат и да се загрижени поради тоа. Постои опасност, со тоа да се отежне одржувањето и надградбата на нашиот мултикултурен проект“.

Одбивање на исламот

Според податоците на канадските служби за статистика од минатата година, исламот е религија во земјата која најбрзо расте. Уделот на муслиманите во целото општество изнесува 3,2 проценти. Истовремено очигледно сѐ повеќе Канаѓани ја одбиваат религијата. Според една студија од есента изминатата година, односот на Канаѓаните кон исламот во последните четири години драматично се влошил. Повеќе од половината од Канаѓаните (54 проценти) во 2013 година рекле дека имаат негативно гледиште на исламот. Во Квебек, каде што покраинската влада води дебата за вредностите, кои според критичарите примерно се насочени против муслиманите, дури 69 проценти го одбиваат исламот.

Kanada Ottawa Anschlag Parlament Gedenken 22.10.2014
Цвеќиња за загинатиот војникФотографија: picture-alliance/AP Photo/The Canadian Press, Aaron Lynett

„Тоа можеби е предвесник за она што сега можеби ќе го набљудуваме на ниво на држава, имено политиката да воведе построг однос“, вели Лемкул.

Прашање за Европа

Нападите во Канада би можеле да бидат предвесник и за Европа. „Проблемот со организиран тероризам или тероризам кој се копира, наредните месеци поради ситуацијата во Ирак и во северна Сирија најверојатно ќе биде уште посериозен“, нагласува МекФарлен. Оттука за мултикултурна Европа би можело да се постави прашањето, кое според МекФарлен досега не е експлицитно одговорено:

„Мислам дека е интересно, тоа што прашањето: „Колку сме подготвени да дадеме за да ја заштитиме државата?' во САД стана важна политичка тема, но во континентална Европа вкупно сѐ уште не предизивка споредбена политичка дебата“.