1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наместо руски, гас од Јадранот?

Игор Ласиќ/ А.Трајковска14 декември 2014

Откажувањето на гасоводот Јужен тек од страна на Русија го актуелизираше прашањето за изградба на терминал за течен гас во Хрватска. Стручњаците сметаат дека влада во Загреб не ги согледува сите предности кои ѝ се нудат.

https://p.dw.com/p/1E3xS
Фотографија: picture-alliance/AP

Веста дека Русија се откажува од изградбата на гасоводот Јужен тек повторно ја актуалзираше перспективата за терминалот за течен природен гас (LNG) на хрватскиот дел на Јадранот, поточно на Крк. Станува збор за стратешки проект од меѓународно значење, со кој на државите на Европската унија би им се зголемил изборот при нарачување на овој чист енергенс. При тоа многу е интересна не само заработувачката од копнениот транспорт на гасот, туку и специфичната развојна перспектива за Хрватска, која би се отворила со еден ваков терминал, без оглед на тоа што во моментов се чини никој во хрватската влада тоа не го забележува.

Еден аспект на проблемите видно се истакнува: глобалната пракса покажува дека заедно со терминалот е неопходно да се изградат и термоелектрани на гас. И не само тоа, туку и оние електрани кои трошат јаглен како на пример во Пломин да се прилагодат на гас. Еколошките предности се големи со оглед на штетната емисија на гасови, а факт е и дека гасните електрани го олеснуваат воведувањето на обновливи извори на енергија во дистрибутивната мрежа. Имено главен недостиг на соларната и енергијата од ветарот е тоа што тие се така речи „стресни“ оти добивката осцилира, што значи дека остатокот од системот мора постојано да се прилагодува со цел одржување на енергетски биланс. Тоа многу полесно се постигнува со помош на гас отколку со јаглен.

Kroatien Korruption Co2 neutrale Energie
Фотографија: Kerry Skyring

Приоритетна поддршката на обновливите извори

„Со изградбата на електрани на гас во непосредна близина на терминалот за течен природен гас се смалуваат трошоците за гасификација на земјата. Истовремено се зголемува ефикасноста на електраната и се смалуваат трошоците за производство на електрична енергија, а се зголемуваат флексибилноста и способноста за поддршка на обновливите извори“, истакнува за ДВ Александар Ковачевиќ стручен соработник на Оксфордскиот институт за енергетски студии и енергетски советник при Светска банка.

„Клучна предност на Хрватска е можноста на основа на гасификацијата за потребите на централна Европа да изгради систем способен да поддржи повеќекратно поголем капацитет за производство на струја од енергијата на ветерот и сонцето во однос на капацитетот кој е предвиден во контекст на конвенционалниот електро-енергетски систем“, објаснува Ковачевиќ.

Пловечки терминал подобар од копнен

Тој укажува на уште еден проблем од досегашниот пристап на проектот, имено секој пат се говорело исклучиво за копнен терминал. „Новата генерација пловечки терминали овозможува значително поголем капацитет на гасификација од претходните“, напоменува Ковачевиќ, наведувајќи дека веќе не постои техничко ограничување за нивниот капацитет, што досега наводно бил аргумент за терминали на брегот. „Пловечкиот терминал е повеќе од двапати поевтин и овозможува двапати и повеќе пониски трошоци за користење од копнен терминал со ист капацитет. Вакви ниски трошоци овозможуваат поголема флексибилност при користењето на објектот и значително поголема поддршка за примена на обновливите извори со кои изобилува хрватскиот брег“.

Kroatien Korruption Co2 neutrale Energie
Фотографија: Luka Tomac

Токму овој факт, во текот на поранешните обиди за отворање на термниал за гас го споменуваше и еколошкиот активист Веран Пиршиќ, претставник на невладината организација „Еко Кварнер“. „Таков терминал, односно брод кој служи како складиште и погон за регасификација на гасот во течна состојба има низа предности“, вели тој и доплнува: „За жал со копнен терминал за подгревање на гасот и негова регасификација, пред префрлување во гасен облик би се користела морска вода, која потоа се враќа назад, а тоа според планираните количини за гасот би го оладило морето во делот на Кварнер за цели пет степени. Не треба да се толкува какви пореметувања во природата ќе предизвика тоа“, наведува Пиршиќ. Се предвидува дека во тој случај во морето годишно би се исфрлиле и околу 70 тони варикина, која би се користела против појава на алги и школки на цевките за морска вода.

Веран Пиришиќ кон предностите на бродот-терминал ја дополнува и можноста дека таков погон во случај на хаварија може да се извлече на отворено море, додека копнениот е статичен. Тој исто така напоменува дека пловечки единици се користат и во Италија и во Литванија и дека тоа е многу делотворно технолошко и еколошко модерно решение, но дека во Хрватска и натаму се форсира опцијата на копно, иако доминантниот кандидат за генерален изведувач на работите е Роберт Јежиќ, сопственик на предвидената парцела на Крк и тајкун обвинет за корупција, а и самиот имот бил оптоварен со предстечајни и хипотекарски тегови, вели Пиршиќ.

Транзицијата во време на постфосилни енергенси, според мислењето на Пиршиќ е една од клучните задачи на секоја влада, но хрватската влада за сега останувала на прескапиот и неквалитетен проект кој инаку би можел да биде ркулец за нова енергетска политика.