1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наградата Сахаров за лекар од Конго

Филип Зандер/ А.Трајковска 26 ноември 2014

И покрај сите закани Денис Муквеге се залага за жените кои во Демократска Република Конго биле жртви на насилство. За тоа ја доби наградата Сахаров на Европскиот парламент.

https://p.dw.com/p/1DZfQ
Фотографија: AFP/Getty Images/Hugues Honore

Четврток, 25. октомври 2012 година. Непознати лица, тешко вооружени упаднаа во имотот на еден лекар од Конго, во моментот кога тој со автомобилот туку што пристигна дома. Еден од вработените се обиде да го предупреди лекарот и за тоа плати со својот живот. Лекарот се извлече неповреден. Атентатот до денес не е разјаснет. Лекарот, кој беше нападната е Денис Муквеге, раководител на Панци-болницата во универзитескиот град Букаву во источно Конго. Тој е специјалист гинеколог и секојдневно третира жени кои биле жртви на сексуално насилство. Многупати тој се изјасни против сексуалното насилство како средство за водење војна - ангажман кој за некои отиде предалеку.

За неговиот ангажман тој сега ја доби наградата Сахаров од Европскиот парламент. Претседателите на фракциите едногласно застанаа зад лекарот од Конго, рече претседаелот на Европскиот парламент Мартин Шулц неодамна во Стразбур. Од 1988 година Парламентот секоја година ја доделува наградата Сахаров на посебни личности кои се борат против нетолеранцијата, фанатизмот и угнетувањето. Наградата е дотирана со 50.000 евра.

„Да бидеш тука за другите“

Извор за инспирација на денес 58 годишниот лекар му бил татко му, свештеник по професија: „Тој ми пренесе дарба, да се биде тука за другите“, рече Муквеге за Дојче Веле, кога во 2009 година му беше доделена Олоф-Палме наградата. „За мене тоа беше сосема мала работа, но си реков, би било добро да се продолжи оваа работа“. По студиите по медицина во соседната земја Бурунди, тој почна да работи во една болница во малото место Лемера во регионот Јужно Киву. Тој беше шокиран колку жени таму умираат секојдневно - на пример при раѓање на деца. „Тоа ме придвижи да се специјализирам за третман на жени“, вели Муквеге. Тој во Франција заврши студии по гинекологија и породилна помош.

Alternativer Nobelpreis 2013 Denis Mukwege
Денис МуквегеФотографија: Stina Berge

Назад во Конго, кое тогаш се викаше Заир, Муквеге стоеше пред сосема нови предизвици. Лемера во средината на 90-тите години се наоѓаше среде борбената област, во војната во Конго и во 1996 беше целосно уништено. Различните групи бунтовници и војниците се повеќе користеа силување како средство за водење војна. Со меѓународна помош Муквеге започна нов проект - Панци болницата во Букаву. Посебно со својот гинеколошки оддел болницата брзо си направи име. Тука Муквеге и неговите колеги третираа жени и девојки од целата провинција, кои во селата без заштита беа на удар поради војната.

Ангажман за правата на жените

„Жените се тие кои го одржаа во живот општеството во Конго“, вели гинекологот. „Доволно е само да се оди по улиците за да се заклучи дека жените се тие кои најмногу работат во општеството“. Со тоа тие ја поддржуваат генерацијата која доаѓа, така што на пример го финансираат образованието на своите деца. Оттука борците свесно донесувале одлука прво да ги нападнат жените.

Одамна Муквеге е многу повеќе отколку само лекар - тој е поборник на правата на жените во Конго. Тој иницираше програми за психолошко и правно згрижување на жртвите од силување. Муквеге сака да го реши проблемот од корен и се изјасни проти военото стопанство во Конго кое цвета, со тоа што бунтовниците и владите сакаат да ги обезбедат приходните од сировините. Без меѓународен притисок тука нема ништо да се случи: „Ништо нема да смени ако се затвори еден бунтовник. Денес еден ќе се затвори, утре ќе се роди нов“. За во Конго да завладее мир, Муквеге зборуваше во септември 2012 година пред Советот за безбедност на ОН. Точно еден месец подоцна следуваше атентатот. Со сопругата и неговите две деца тој потоа замина во егзил во Европа.

Alternativer Nobelpreis 2013 Denis Mukwege
Денис МуквегеФотографија: Stina Berge

Постојано враќање

Но судбината на неговиот народ не му даде мир ниту во егзил. Освен тоа женски организации се заложија за него и му понудија тие за него да организираат служба за заштита. Нецели три месеци подоцна Муквеге се врати назад и оттогаш живее постојано во неговата Панци болница, каде се чувствува најбезбеден.

Гинекологот повеќепати досега е наградуван за неговиот ангажман. Последен пат во октомври 2013 година ја доби е реномиранта награда "Right Livelihood Award", повеќе позната како Алтернативна Нобелова награда. Партнерката за соработка на Муквеге во Германија Гизела Шнајдер, раководителка на Германскиот институт за лекарска мисија го цени како „личност, која со целиот живот се ангажира за мир и праведност“. Повеќе од десет години Институтот интензивно работи со Муквеге, ја поддржува неговата болница и медицинското образование на лице место. „Тој повеќепати имаше можност да се досели во Европа, и постојано се враќаше во Конго“, вели Шнајдер во разговор со ДВ.

Schweden Kongo Denis Mukwege erhält Alternativer Nobelpreis 2013
Денис Муквеге добитник на наградата СахаровФотографија: picture-alliance/dpa

Меѓу другите номинирани за наградата Сахаров за 2014 година беа проевропското украинско движење Еуромајдан како и во моментов затворената активистка за човекови права Лејла Јунус од Азербејџан, која се ангажира за мир и демократија во нејзината земја. Наградата треба да му биде врачена на Муквеге денеска 26. ноември.