1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На седницата за Косово - расправија за улогата на Русија

СН/емф/бета/миа/танјуг30 август 2014

Шефовите на дипломатии на Србија и на Косово, Ивица Дачиќ и Енвер Хоџај за време на седницата на Советот за безбедност на ОН посветена на Косово, влегоа во расправа поврзана со актуелната криза во Украина.

https://p.dw.com/p/1D40k
Фотографија: Reuters

Министерот за надворешни работи на Косово, Енвер Хоџај, за време на седницата на Советот за безбедност на ОН за Косово, изјави дека неговата земја е загрижена поради руската агресија во Украина и оти смета дека Русија сега не е во позиција да му дели лекции на Косово за мирот, правдата и стабилноста.

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ , реагирајќи на зборовите на Хоџај, изјави дека е изненаден од настапот на косовскиот министер и оти смета дека Косово не е во позиција кому било да му дели лекции за почитување на меѓународното право.

Хоџај изјави дека Русија, чиј амбасадор во ОН изрази загриженост поради учеството на косовски граѓани во војните на Блискиот Исток, станала закана за светскиот мир и стабилност и додаде дека Косово го осудува учеството на граѓаните на Србија на страна на проруските сили во украинската криза.

Дачиќ му се обрати на Хоџај, обвинувајќи го за злоупотребување на седницата на Советот за безбедност на ОН за „класична пропаганда“.

Рускиот амбасадор, во својата реакција на изјавите на Хоџај пак, оцени дека косовскиот министер имал намера расправата да ја насочи кон тема која не е на дневниот ред.

Инаку, на седницата на Советот за безбедност на ОН, на која генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун го претстави редовниот, тримесечен извештај за Косово, шефот на српскта дипломатија Дачиќ истакна дека Србија очекува во што покус рок, а најдоцна до почетокот на наредната година, да биде формиран специјален суд за воените злосторства на ОВК.

„Уверени сме дека сите земји кои го почитуваат меѓународното право ќе инсистираат на тоа“, истакна Дачиќ. Српскиот министер оцени дека распространетоста и обемот на злосторства кои се спомнуваат во изјавата на главниот обвинител Клинт Вилијамсон бараат судски епилог, бидејќи само тоа може да донесе правда и мир за голем број жртви и нивните семејства.

Тој апелираше до клучните фактори во меѓународната заедница да направат се‘ што е неопходно за специјалниот суд да биде основан до почетокот на 2015 година и предупреди дека не смее да се случи, како што веќе било случај, поради заплашување на сведоци одговорните да бидат ослободени поради недостиг на докази. Дачиќ побара и сите вмешани во заплашувањето сведоци да бидат процесуирани и прогласени за виновни, пренесува Танјуг.

Бан во најновиот извештај побара од косовските власти и Европската унија да обезбедат специјалниот суд да биде формиран најдоцна до следната година. Бан истакна дека извештајот на Вилијамсон од 29 јули е „од клучно значење не само за почитување на основните права на меѓународната правда, туку и за борба против неказнивоста и за тоа сторителите да сносат одговорност за своите дела“.